1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој со кого против Вучиќ?

Немања Рујевиќ
29 октомври 2016

Во Србија се множат шпекулации за можен заеднички претседателски кандидат на опозицијата. Кој би можел тоа да биде и дали има шанси против Вучиќ?

https://p.dw.com/p/2R581
Serbien Wahlen Aleksandar Vucic
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Дали поради недостатокот на простор или потрагата за што посилен вовед, многу новинарски текстови или телевизиски прилози во Србија во последно време почнуваа со прашањето: „Дали опозицијата се обединува?“. Тоа е интересна медиумска слика: од една страна премиерот Вучиќ со својата клика, а од другата страна разнолична опозиција како пред 16 години. Но, од таа работа, се чини нема ништо. Затоа што кога малку подлабоко ќе се погледне во проблематиката, од мистичното „обединување на опозицијата“ нема ништо. На пример, „патриотските“ би сакале нивниот кандидат да биде Емир Кустурица. Познатиот режисер ја одби понудата велејќи дека и кога би сакал да биде претседател, не би знаел како. Од кај „патриотите“, двајцата најсериозни кандидати веќе ја најавија кандидатурата (Бошко Обрадовиќ и Војислав Шешељ), оттука е јасно дека нема да има никакво обединување.

Суетите традиционално не се ништо помали ни на „граѓанската“ страна од спектарот, во кој изгледа, се собираат оние кои не се на власт, а се за европска интеграција. Тие опции едвај влегоа во парламентот, преку три различни листи, од кои со својот резултат единствено можат да бидат задоволни од движењето „Доста је било“, како сѐ уште свежа сила на политичката сцена. Демократската партија, со нокти, едвај се задржа за рамката на општинските прозорци, додека листата Чедо-Борис-Чанак беше сочинета од партии чија индивидуална сила е на ниво на статистичка грешка.

„Кога на иста маса би ги довеле ДС, ЛДП, ДЈБ и другите од корпусот на демократската опција и би ги прашале да објаснат што сочинува едно граѓанско општество, јас не верувам дека одговорите би биле нешто подалеку од флоскули“, изјави за ДВ новинарот Тибор Јона. „Кај нас постојат економски интересни групи кои, како во грчките трагедии, на себе навлекуваат различни маски. Доколку први стигнеа на шалтерот, веројатно би ставиле националистичка маска, бидејќи тоа најлесно се продава, но, ете, излезе дека треба да ја играат улогата на граѓанската опозиција, т.е. на тој начин да го замаскираат својот економски интерес.“

Маните на партиските книшки

Сепак, засега „граѓанистите“ изгледаат подготвени да заборават на своите меѓусебни битки за истото или слично избирачко тело – битките во кои, да речеме Саша Радуловиќ, лидер на движењето ДЈБ, го нарече ДС дел од „паразитскиот систем“, а за возврат доби епитет „министер на Вучиќ“. Тибор Јонa би бил изненаден ако „одеднаш се појави ниво на вонредна политичка свест и одговорност за судбината на земјата, што би предизвикало нивно обединување“, но смета дека тоа е единствена каква-таква шанса за опозицијата. Слично размислува и новинарката на НИН, Вера Дидановиќ, која неодамна за Слободна Европа изјави дека идејата за настап со повеќе кандидати и полагањето надежи во вториот круг на претседателските избори е зарѓана: „Се плашам дека таа приказна се сфаќа со голема леснотија и дека не ја зема предвид можноста, благодарение на контролираните електронски медиуми и мноштвото лаги, во вториот круг, всушност, да имаме двајца кандидати на власта“.

Дел од опозицијата која е во потрага по заеднички кандидат бара некој без партиска книшка, затоа што изгледа дека е свесен за оправданиот анимозитет кој граѓаганите го развија кон политичките партии. Излезноста од 56% на априлските избори, дури и по пречистување на бројот на иселени граѓани кои имаат право на глас, покажува дека секој трет гласач не сака да гласа за актуелната власт, но не сака ни за опозицијата. Иницијативата „Не да(ви)мо Београд“ на протестите против ноќното уривање во Савамала веќе шест пати собра повеќе илјади луѓе гласно истакнувајќи дека собирањето е непартиско. Може да се дискутира за тоа дали оваа бројка на демонстранти во милионскиот и апатичен Белград е значајна или не, но секако е дваесет или триесет пати поголема од бројката на присутни на протестите организирани по истиот повод од страна на ДС, СДС и ДСС.

Вера Дидановиќ смета дека единствено непартиски кандидат може да го пружи минимумот неопходен да се соберат луѓе од различни страни на политичкиот фронт. Тибор Јона вели дека поддршката за партиите, кои се заплеткани во своите ситни интереси, девалвира, но и дека „во Србија има голем број на гласачи кои сакаат во земјата да видат владеење на правото, слободни медиуми, функционално здравство и образование. Такви има, и покрај сè. Проблемот е да се најде кандидат кој ќе се претстави како отелотворение на тие вредности бидејќи на партиите за тоа никој не им верува и затоа за нив не гласа“.

Serbien Außenminister Ivica Dacic
Ивица Дачиќ, стандардeн губитник на претседателските избориФотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Заштитник за претседателот

Се лицитира со различни имиња, главно со оние со кои, на овој или оној начин, се замери власта на Вучиќ. Се споменува претседателот на САНУ, Владимир Костиќ кој на тоа реплицираше дека ниту најмалку не е заинтересиран. Во една друга верзија, во Белград на бел коњ стигнува Вук Јеремиќ, директно од највисоката светска политика, но малку веројатно е дека Јеремиќ ќе добие поддршка од проевропските сили во опозицијата. Се споменува и Мирослава Миленовиќ, членка на Советот за борба против корупција, па дури и Владимир Павичевиќ, најактивниот пратеник во претходниот состав на Собранието за кого немаше место на врвот на изборната листа на Демократската партија.

И на овој дел на опозицијата, но и на власта изгледа им се чини дека најголеми шанси би имал заштитникот на граѓаните Саша Јанковиќ. Тој веројатно би бил кандидат со најостар профил, кој е изграден не само врз неговата посветена работа како народен правобранител, туку и со постојаната таблоидна канонада на која е изложен. Еднаш е „странски платеник“, друг пат шета кучиња и оди во кафеани наместо да работи, а меѓу другото, на насловните страници беше обвинет дека пред 20 години убил човек. Со тоа, владејачката гарнитура со помош на медиумската машинерија сакаше да го замолчи човекот кој ја работи својата работа и парадоксално, на тој начин создаде потенцијален политички противник. Јанковиќ за „Блиц“ изјави дека не е во предизборна кампања, но дека го задржува правото да се кандидира во услови на пристисок. „Не треба да се попушта на таквиот вид притисок, без оглед на тоа дали јас би сакал или не би сакал да го искористам своето право“.

Споменатиот Владимир Павиќевиќ, инаку доцент на факултетот за политички науки, во интервју за неделникот „Време“ изјави: „Сметам дека Саша Јанковиќ би бил најдобар кандидат и не гледам дека има некој друг кој би имал повеќе шанси. Во овие околности, Јанковиќ е всушност како 'нацртан' за кандидат на европскиот блок, тука нема никаква дилема. Тој е пристоен човек, се придржува до принципите на владеење на правото, ги почитува институциите, а за овие десет години не гледам дека направил што било во таа смисла за што би можело да му се замери."

Јанковиќ за време на сите години поминати на функцијата народен правобранител се покажа како некој кој го познава законот и е подготвен да делува во неговите рамки, покажа ниво на политичка култура и државнички талент, објаснува Тибор Јона за ДВ. „Тоа сѐ оди во прилог тој да биде кандидат за функцијата. Тој не смее, меѓутоа, да се претставува како кандидат исклучиво против Вучиќ, туку како кандидат за една драстично поинаква Србија, што нема да биде лесно“, вели Јона и додава „Ние еднаш се 'изгоревме' со Воислав Коштуница за кого гласавме само за да замине Милошевиќ. Кој и да биде сега кандидат – Миленовиќ, Јанковиќ, Павиќевиќ – тој не смее да биде кандидат само против Александар Вучиќ, туку против сѐ она што Вучиќ како само една глава од тоа политичко чудовиште го претставува".

Wahlsieger Tomislav Nikolic Präsidentschaftswahlen Serbien
Се чини мина времето кога победуваше Томислав НиколиќФотографија: REUTERS

Кандидатот на Вучиќ ќе биде Вучиќ?

Друго прашање е какви се шансите за заеднички кандидат на „европскиот блок“, ако воопшто има. „Напредните“ се определија за тактиката која со години ја применува Демократската партија – дури и да не најдат убедлив кандидат, себеси да се претстават како помалото зло. Така министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ  драматично говореше за агенцијата Танјуг: „Уверен сум дека Вучиќ ќе предложи добар кандидат за претседател на Србија, кој ќе умее да води сметка за интересите на нашата земја и ќе помогне нашиот народ да живее подобро. Во спротивно Шешељ ќе победи без сомнеж.“ Кој би можел да биде „добар кандидат“? Актуелниот претседател Томислав Николиќ нема поддршка од врвот на СНС и тоа веќе не се само „чаршиски приказни“. Уште е отворено прашањето дали Вучиќ ќе се предомисли околу поддршката на својот стар соборец, дали ќе го наговори да се откаже од нова кандидатура или ќе поддржи кандидат против Николиќ.

Имињата кои се споменуваат од владиниот табор делуваат бледо, без разлика дали се работи за Селаковиќ, Стефановиќ или Зорана Михајловиќ. За кандидатура размислува и Расим Љајиќ, а од редот на властодршците се пријави и стандардниот губитник на претседателските избори Ивица Дачиќ. Веројатно е дека Александар Вучиќ ќе си остави време внимателно да ја ислуша конкуренцијата и да го анализира јавното мислење. Изборите веројатно ќе бидат дури во мај, кога според пишувањето на „Данас“, може да бидат распишани и вонредни избори во Белград. Во секој момент, Вучиќ може во трката да го вклучи најсилниот кандидат од своите редови – самиот себе.

Во таков расплет е уверен и Владимир Павичевиќ: „Со секој друг кандидат на 'напредните', ризикот да се загуби би бил голем. А во случај да загубат, што се случува? Пад на владата бидејќи кохабитацијата во тие околности не би била одржлива, сигурно би се одело на нови парламентарни избори  по победата на претседателските избори“, изјави тој за „Време“. Логиката на одржување на моќта преку двегодишни изборни циклуси, кои неформално ги воведе Вучиќ, со освојувањето и на претседателската функција, ќе му купи уште време на власт. „За жал, Србија е република само номинално“, вели Јона. „Србија е некој вид изборна монархија каде местото на претседателот е психолошки важно за зачувување на власта. Се сеќавате дека Милошевиќ не падна кога го загуби Собранието, туку во оној момент кога го загуби местото како претседател. Така што, не би ме изненадило доколку Александар Вучиќ се кандидира како најголем ресурс во својата партија, во обидот да ја зачува власта“.

Доколку му се оствари таквата математика, само ќе се повтори она што е веќе видено: фактичката власт да премине од премиерот на претседателот. Иако Уставот и Законот за претседател ја дефинираат функцијата како некој вид на подобро платен церемонијал-мајстор, со прва дама и право да помилува и дава ордени, од примерот на Милошевиќ и Тадиќ добро е познато што се случува кога претседателот е воедно и лидер на партијата на власт.