1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој повторно ги отвора заздравените рани од 1941?

Виктор Јерофејев/ Зоран Јордановски22 јуни 2016

Рускиот писател Виктор Ерофееф во гостинскиот прилог за ДВ опишува какво значење има денот кога нацистичка Германија го нападна Советскиот Сојуз и зошто тој 22.06.1941 денес е опасно близок.

https://p.dw.com/p/1JAip
Фотографија: Imago/ITAR-TASS

Голема војна е голема глупост. Мала војна не значи помала глупост. Но, јас нема со прст да мрднам против историјата, колку и да е крвава, оти јас сум нејзино случајно дете. Да не се случеше 22.06.1941, ова овде би го пишувал некој друг. Војната постојано случајно ги фрлаше моите идни родители во различни насоки, таа случајно не ги уби и исто така случајно ги состави по нејзиниот крај – и јас сум сега овде. Едно исто толку случајно дете, колку и сите други повоени деца. Се надевам дека би се жртвувал за да го спречам тој четиригодишен руско-германски колеж, но таа жртва не ја побара никој од мене – јас тогаш уште ни не постоев.

Јас ја осудувам војната како задоцнет сведок. Ве прашувам: Може ли врз основа на таа монструозна војна подобро да се оцени природата на човекот или не? Дали војната ни ја обелоденува вистината или ја прикрива?

Сталин како морално оправдување

Не знам што Вие мислите за тоа, но јас мислам дека војната ја манифестира нанадвор природата на човекот, и тоа значи дека преку него нешто јасно и недвосмислено се гледа, а друго воопшто не. Војната истовремено ја открива и ја прикрива вистината за луѓето. Војната не исфрла од колосек. Но, според мое мислење, човекот е опасно суштество.

Вечното прашање кој бил полош, Сталин или Хитлер, би можело вака да се одговори: тие обајцата беа кремен-камења, кои триејќи се меѓусебно ја распламтија огнената стихија на Втората светска војна. Едниот ништо не би потпалил без другиот. Но, Сталин прв се преобрати во меродавен кремен-камен и стори се`за Хитлер да дојде на власт и консеквентно да го води во војна.

Leipziger Buchmesse Viktor Jerofejew
Виктор ЕрофеефФотографија: DW/Andreas Peter

Не верувам во бајките дека Сталин прв би го нападнал Хитлер. Мислам дека Сталин беше сигурен оти конечно најде некого, кој може да му послужи како морално оправдување за се`: за колективизацијата, за теророт, за смртта на милиони. Хитлер беше единствениот човек во историјата кој можеше да се мери со Сталин со размерите на злото. Хитлер беше една привремена пауза за здив за Сталин, кој на глупав начин беше во заблуда што се однесува до траењето на таа пауза да се здивне.

Русија можеше да биде лесен плен

Мислам дека Хитлер во 1941. можеше да победи, да не беше идеолошки психопат. Русија се тетеравеше од ужасите на Сталин. Тоа што Сталин ги означуваше како предавници своите војници кои се најдоа во заробеништво (став кој постои и денес, иако во помала форма), сведочи за внатрешната слабост на неговата власт. Русија можеше да биде прилично лесен плен. Ќе беше доволно, да речеме, да ѝ се даде некој поднослив режим со националдржавни елементи. Но, Хитлер за Словените примени расистички мерила и доживеа пропаст поради таа расистичка заблуда. Сталин од своја страна го натопи целиот пат на војната со крв на Словените, и токму таа крв стана вистинскиот белег на победата, која е еднаква на чудо.

Zweiter Weltkrieg Hitler-Deutschland überfällt die Sowjetunion - Wehrmacht in Litauen
Фотографија: picture-alliance/dpa/Buss

Во текот на војната нацистите не можеа да ѝ донесат ништо добро на Русија, ништо освен зло. Трупите на Сталин не им донесоа многу добро на освоените земји во повоена Европа - им го донесоа нивниот систем, колхози во Полска и во ГДР (некогашната Германска Демократска Република, Источна Германија – н.з.), терор и тортура, стрелање на неомилените.

Безумните утопии на Хитлер и Сталин

Секој има слобода на свој начин да гледа на 22. јуни 1941, денот на нападот на нацистичка Германија врз Советскиот Сојуз. Јас го вбројувам тој датум во најекстремните показни форми на човечката глупост. Хитлер и Сталин меѓусебно си конкурираа во градењето безумни утопии. Нивната конфронтација беше програмирана. Но, самите тие утопии сведочат за една безумна компонента на природата на човекот.

Германија (долго време Западна Германија, денес цела Германија) плати казна за тоа подмолно кршење на договорот и за хоророт што уследи потоа. А Русија пред мои очи со години тренираше прошка и на крајот ѝ прости на Германија. Кога бев мал, ние уште си игравме војна и Германците беа аналогија за пеколот. Подоцна Германците од Сојузната Република (Западната Германија – н.з.) беа аналогија за економски успеси, а моите полуодраснати другари - врсници се врткаа пред хотелите и питачеа за цигари или гуми за џвакање.

Zweiter Weltkrieg Hitler-Deutschland überfällt die Sowjetunion
Фотографија: Imago/Itar-Tass

Москва политички ја искористува војната

Денес Германците и Русите имаат подобар меѓусебен однос отколку што можеше да се очекува. За Германците Русија е, независно од Украина, прилично слаба, но природна противтежа на единствената суперсила Америка. За Русите Германија во Европа (и воопшто) е најблизок модел на едно хумано социјално општество, какво што си замислуваат за Русија како недостижен идеал.

А денес? Што значи денес војната која започна на 22. јуни? Од човечки аспект, една голема, но заздравена рана и многу солзи на обете страни.

Но, сега настапи една нова историска кризна ситуација. Меѓусебните префрлувања на вината меѓу Русија и Западот како последица на настаните од Мајдан, Крим и Источна Украина, не доведоа опасно блиску до оној 22. јуни. Сега Русија политички ја користи минатата војна, со тоа повторно ја отвора заздравената рана и ја прогласува за чир кој повторно се отворил. Цел е да се мобилизира населението на земјата за доживотно одржување на констелацијата на руската власт во нејзината сегашна форма – со месијанска утопија за некаков „руски свет” и со пароли како „1945“: Ние можеме уште еднаш да се погрижиме за вас!”. Тоа, благо кажано, не е најдобар метод за одржување на меѓусебната руско-германска доверба, за вистинска симпатија воопшто и да не се спомнува.