Кој пат ќе го отвори помирувањето?
27 октомври 2018Пред собраниското тело за помирување (што го побараа „одметнатите“ пратеници) да почне да работи и да ја доразвива магливата идеја на премиерот Зоран Заев, неговите членови на масата каде што ќе заседаваат треба да го имаат листот хартија од кој ќе ги прочитаат заклучоците на Советот за општи работи на Европската Унија од јуни годинава посветени на Македонија. Во нив може да го прочитаат и ова:
„Советот го поздравува првиот конкретен напредок во насока на враќање на независноста на судството, подобрување на работата на судовите и работата на Канцеларијата на специјалното обвинителство, со што почнува да се поправа процесот на назадување од претходните години. Советот потсетува на важноста од продолжување на воспоставувањето законска одговорност за погрешните постапки кои се појавија преку објавувањето на прислушуваните материјали од 2015 година и неуспесите во надзорот и дека треба да се утврди одговорноста за нападот врз Собранието на 27 април 2017 година. Советот го охрабрува континуираното спроведување на стратегијата за судски реформи и понатамошни напори за решавање на вонредните препораки, постигнување на понатамошни опипливи резултати и обезбедување судството да функционира независно“.
Ако Македонија одговори позитивно на овие барања и направи прогрес тогаш ќе може да се надева дека во јуни 2019 година вистински ќе почнат преговорите за членство во ЕУ по скрининг процесот што сега се одвива.
Како тогаш да се отвори патот кон помирување ако Брисел бара посебна одговорност за настаните од 27 април?
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за време на својот говор во Собранието во јануари годинава го изјави ова: „Настаните во оваа зграда во април минатата година, ме шокираа. Тоа беше шок за сите членки на НАТО. Но, ние сме импресионирани од тој ден натаму. Во мојата кариера научив дека каде што има инклузивност има и истрајност. Принципите на слобода и владеење на правото го дефинитираат битието, за тоа што е оваа земја и НАТО денес. НАТО покажа дека патот за да се приклучите кон алијансата е отворен за земји кои ги исполнуваат принципите на договорот од Вашингтон“.
Американскиот дипломат Метју Палмер пред некој ден за време на посетата на Скопје изјави: „Слушнав дека премиерот зборува за помирување, а тоа не е исто со амнестија. Има потреба за одговорност и помирување и начин да се најде рамнотежа помеѓу тие две работи. Таа рамнотежа е политичка и лидерството на Македонија треба да покаже одговорност за да се оди напред. Тој процес треба да ги земе предвид европските стандарди, бидејќи Македонија сака да оди во ЕУ. И тој процес треба да го има предвид владеењето на правото. Верувам дека таа рамнотежа може да биде најдена“.
Потрага по рамнотежа
Можеби Палмер верува, но во Македонија таа потрага по рамнотежа, но вистинска рамнотежа, сега можеби има едноцифрена поддршка. Неколку работи можат дополнително да го поделат општеството ако процесот од нејасно помирување се претвори во јасна амнестија. Првата е што крвавата драма која требаше да заврши со воена состојба на 27 април е премногу свежа, премногу емоции се наталожени кај секој обичен граѓанин, што проектот на политичарите ќе го доведе до самиот раб на општа недоверба кон политичките елити. Федерика Могерини еднаш рече дека „правдата е еден од клучните елементи кон помирувањето“.
Други колумни од Љупчо Поповски:
Ако патот кон помирувањето треба да тргне преку правдата, како тогаш политичарите ќе решат да ја отфрлат таа правда за да остварат некои политички цели, па макар тоа било и членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, а заедно со тоа и промената на името. Дали помирувањето ќе биде само со краток здив, за потоа поделбите и недовербата да се вратат во уште поголеми размери?
Второто прашање е директно поврзано со заклучоците на ЕУ дека почнало подобрувањето на работата на судовите. Ако е така, тогаш овој процес на деценијата за обвинетите за 27 април ја губи својата супстанција, затоа што во исто време некое политичко тело во Собранието треба да ја поткопа и онака малата доверба во непристрасноста на судството. Македонија е земја со демократија која тешко зачекорува, која некако застана на нозе, а овој нејасен проект можеби повторно ќе ја кутне на земја. Каква порака тогаш ќе биде испратена до обвинителите и судиите дека кога покажаа оти можат да бидат непристрасни професионалци сега треба повторно да бидат фрлени онаму каде што беа досега – во канџите на политиката.
Политичките елити се избрани да ги раководат земјите, и тоа е една основите на демократијата. Но што станува кога тие елити ќе преминат некои граници за кои и самите не се целосно убедени дека се од корист на иднината на најголемиот дел од општеството. Зоран Заев вели дека идејата за помирување е дел од неговиот христијански поглед на нештата. Анатемисаниот од неговата партија Никола Тодоров нагласува оти било многу добро што предлогот за помирување-амнестија дошол токму од Заев, затоа што тој бил главната цел на напаѓачите и претпел ужасно многу во таа драматична ноќ.
Но тоа се погрешни премиси. Христијанските пораки за помирување се речиси исти како и принципите на хипиците – мир, љубов и хармонија. Таквиот концепт може да e идеја водилка во хипи-комуната Кристијанија во Копенхаген, но и таму, а особено кога ќе се зачекори на другите улици во данскиот главен град важат реалните закони и правдата. Намерата на Заев за простување може да биде само негова лична желба, таа нема ништо заедничко со правото и правдата. Таа, во основа, може и да го дерогира правото и да го стави како десерт на масата каде што се надмудруваат политичарите. Како што нема ништо заедничко со правото ни ставот на опозицијата за целосна амнестија на сите инволвирани во 27 април, но со друг поттекст – дека тие не направиле ништо лошо во тој драматичен ден, туку едноставно биле патриоти.
Поделеноста и правото
Целата ситуација е поставена како чекор по острицата на – не смее да се падне, а уште потешко e да се оди по него. Заев ја фрли ракавицата во Собранието и сега се обидува да ја облече повторно, иако е изгазена од сто луѓе. Постбричот ојано слушаме како нашето општество било драматично поделено, како да е тоа само македонска специфика и дека тоа веќе не можело да се издржи. Дали некој се запрашал колку е поделено, на пример, полското општество, унгарското, колку драматично е поделена Америка, речиси до политичка омраза, колку е поделена Британија по „Брегзитот“. Поделбата може да биде трауматична, дури и болна, но институциите се тие што ја крепат државата. Довербата во нив го одржува општеството. Кај нас институциите се урнисани, па го нема тоа сврзивно ткиво кое може да ги држи заедно поделените сегменти. Едно помирување или амнестија, кое нема да биде внимателно обмислено и кое нема да ја ограничи рамката којашто не смее да се помине, сигурно нема да ја реши таа поделба, а прашање е и дали ќе биде чекор во вистински правец
Третата работа е поврзана со потрагата по политички капацитет на луѓето што треба да ја изведат оваа операција, како и да се викала таа и како и да заврши на крајот. Конфликтот во 2001 беше окончан и мировниот договор по него беше изведен со масивна помош на меѓународната заедница. Преминот од авторитарноста кон поднослива демократија, исто така, беше направен со меѓународна помош за Македонија да може да се исправи на нозе за потоа да стане дел од европската архитектура. Големо прашање е дали пријателите на земјата сега се подготвени да поддржат нешто кое ќе ги поткопа сите нивни напори за владеењето на правото. Токму затоа тие сега решија повеќе да молчат отколку да зборуваат, да видат во што ќе се ферментираа оваа идеја отколку да помогаат во нејзиното зовривање.