Кој колку добива во Германија?
4 март 2017Спротивно на популарното мислење, средната класа во Германија не се „топи". Во последните десетина години учеството на средната класа во вкупниот број на населението останува стабилна: помеѓу 50% и 80%, во зависност од поставените параметри. Дополнително, во споредба со 1996 година денес многу повеќе луѓе тврдат дека припаѓаат токму на средната класа: нивниот број се зголеми од 47% на 57%. Скептиците сметаат дека овие анкети создаваат искривена слика за општеството, бидејќи дел од испитаниците не сакаат да признаат дека припаѓаат на работничката класа или кон долните слоеви. Но, констатацијата дека средната класа во Германија е доминантна е поддржана не само од анкетите, туку и од статистиката.
Еве ги бројките
Во 2014 година просечниот нето месечен приход на едночлено домаќинство изнесувал 1760 евра. Според ова, може да се каже дека кон средната класа припаѓаат сите едночлени домаќинства чиј месечен приход изнесува помеѓу 1410 и 2640 евра. За семејство со две деца износот е околу два пати повисок: помеѓу 2950 и 5540 евра месечно.
Во оваа група припаѓаат околу 40 милиони Германци, односно - половина од граѓаните. „Столбот" на средната класа се квалификуваните работници, но тука влегуваат и обичните вработени и пониско квалификуваните работници. Во средната класа припаѓаат и половина од вкупно 17-те милиони пензионери во Германија. Ова е точната структура на приходите во Германија:
- Релативно сиромашни луѓе (16%) - приход под 1050 евра месечно за едночлено домаќинство.
- Долна средна класа (16%) - приход 1050-1410 евра месечно за едночлено домаќинство.
- Средна класа (48%) - 1410-2064 евра за едночлено домаќинство, 2950-5540 евра за четиричлено домаќинство.
- Горна средна класа (16%) - 2640-4400 евра месечно за едночлено домаќинство.
- Релативно богати (4%) - приход над 4400 евра месечно за едночлено домаќинство.
Германското министерство за социјални работи исто така потврдува дека средната класа во земјата е стабилна. Ова е наведено во сѐ уште неофицијалниот текст на редовниот извештај за богатството и сиромаштијата во земјата. Истовремено, сепак, во извештајот се изразува загриженост поради некои тенденции внатре во средната класа. Луѓето од оваа класа не се погодени од сиромаштијата, но и покрај тоа се многу чувствителни на овој општествен феномен и се плашат да не се соочат со сиромаштија. Но, како што истакнува министерството, „чувството за распределбата на богатството во општеството не одговара на фактичката состојба".
И уште нешто...
Дополнителен, политички аспект кон статистиката и наодите на министерството за социјални работи додава една неодамна објавена анализа на Германскиот институт за економски истражувања.
Извештајот ја отфрла претпоставката дека за новата крајно десничарска партија Алтернатива за Германија (АФД) гласаат претежно луѓето кои се загрозени од сиромаштија. Истражувањето на институтот упатува на тоа дека мнозинството поддржувачи на АФД припаѓаат на германската средна класа.