1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој е новиот известувач за Македонија во Европскиот парламент?

4 април 2011

Бугарскиот европратеник Кристиан Вигенин од Коалицијата за Бугарија, член на групата на Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите во ЕП, е новиот известувач за Македонија, наместо досегашниот, Зоран Талер.

https://p.dw.com/p/10n8q
Кристијан Вигенин, бугарски европратеникФотографија: vigenin.eu

Македонија како известувач во Европскиот парламент го доби бугарскиот европратеник Кристиан Вигенин. Тој, како член на Коалицијата за Бугарија и член на групата на Прогресивниот сојуз на Европските социјалисти и демократи, во текот на оваа недела ќе ја брани предложената резолуција за Македонија во името на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент во Стразбур.

Вигенин доаѓа на местото на словенечкиот европратеник Зоран Талер, кој беше исто така од групата на Европските социјалисти и демократите, кој поради скандалот со корупцијата поднесе оставка од функцијата европратеник и со тоа известувач за Македонија.

Конструктивен пристап кон Македонија

Вигенин е роден на 12 јуни 1975, има завршено факултет за економија во Софија, отсек меѓународни односи и макроекономија и бил на специјализација на Харвард.

Од политичките активности, Вигенин меѓу другото бил секретар и вице-претседател на Социјалистичката младина во Бугарија и член на извршното биро на Социјалистичката партија од 1994 до 2000 година.

Europaparlament Straßburg
Фотографија: AP

За разлика од некои други бугарски европратеници, Вигенин при неговите јавни настапи во Европскиот парламент, кога стануваше збор за Македонија и нејзината евроинтеграција, имаше конструктивен пристап, отворено поддржувајќи го процесот на проширувањето на Европската унија, но со почитување на критериумите.

„Европскиот парламент не може и нема да ги затвори очите кон серијата проблеми поврзани со почитувањето на критериумите од Копенхаген во областа на фундаменталните права, слободата на медиумите и слободата на здружување, како и во заштитата на малцинствата и добрососедските односи“, изјави Кристиан Вигенин при разгледувањето на последниот извештај за напредокот на Македонија.

Тој во таа прилика додаде: „Што се однесува до Македонија, ние се надеваме дека поранешната југословенска Република Македонија ќе ја покаже потребната флексибилност. Ние се надеваме дека новата грчка влада ќе најде решение за проблемот со името што ќе дозволи да се утврди датум за почеток на преговорите со Македонија уште оваа година.“

Поборник на проширувањето на ЕУ

Вигенин во моментов е претседател на работната група на европските социјалисти за проширувањето кон Западен Балкан. На 17 март во Брисел на нејзиниот последен состанок, тој се заложи за засилување на социјалните аспекти, наспроти макроекономските, при давањето на помошта за предчленство на земјите-кандидати и потенцијални кандидати. Потоа, зголемување на ресурсите и средствата вложувани од Европската унија, како во квалитативен, така и во квантитативен аспект, со посебно внимание за ставање на врвот на потребните реформи за зацврстување на демократските институции. Во таа прилика тој нагласил:

Frankreich EU-Parlament Zoran Thaler Slowenien
Зоран Талер, досегашниот известувач за МакедонијаФотографија: picture alliance/dpa

„Потребно е да биде испратен силен политички сигнал кон регионот. Земјите од Западен Балкан треба јасно да знаат дали европските перспективи се се‘ уште реално отворени.“ Според новиот известувач за Македонија, потребно е да се запази брзината и насоката на процесот на проширувањето.

Извештајот и резолуцијата за напредокот на Македонија, за која в среда навечер ќе треба да дебатира, а во четврток ќе гласа Европскиот парламент, не е променета од Кристиан Вигенин. Таа е таква каква што ја усвои Комисијата за надворешни работи пред петнаесетина дена во Брисел.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска