Економска шпионажа
26 ноември 2013Флоријан Оилмајер работи во претпријатие кое ги штити фирмите од економска шпионажа. Информатичкиот експерт добро ги познава прислушувањето на мобилни телефони и интернет нападите врз тајните податоци на фирмите. Особено активни во економската шпионажа против германските фирми се шпионите од Русија и Кина. Тој одамна се сомнева дека и пријателските земји спроведуваат економска шпионажа во Германија. „ Германија е земја на висока технологија која живее од идеите и напредокот и од предноста на нашите компании. Така што, во интерес на многу компании ширум светот, па и во Америка, е да ја копираат оваа предност“, вели информатичкиот стручњак.
Доволни се мобилен телефон и софтвер од интернет
Флоријан Оилмајер вели дека е едноставно да се прислушуваат мобилните телефони. За тоа е потребен стар мобилен телефон и специјален софтвер. Програмите за прислушување можат бесплатно да се симнуваат од интернет. За неколку минути на неговиот монитор има стотици телефонски врски и знае кој со кого телефонира во радиус од околу половина километар. Со својот стар мобилен телефон се вклучува на предавателите на различни оператори за мобилна телефонија. Предавателите се поставени на покривите недалеку од неговата канцеларија.
„Ако сум тука, во близина, можам на пример да ги прислушувам гостите на хотелот Новотел или купувачите во продавницата Сатурн или во Аркадите или посетителите на саемот, во зависност од тоа која мрежа ја користат. Ако сум во близина на предавател можам да започнам да прислушувам.“, истакнува Оилмајер.
Големите се добро заштитени
Информатичкиот стручњак бара ново место за обид за прислушување. Пред централта на БМВ во центарот на Минхен, тој сака да ги „улови“ разговорите на управата на автомобилскиот концерн. Во близина на седиштето на БМВ има повеќе предаватели на кои може да се вклучи.
Но, со евтина опрема тука не може да прислушува. Големите германски концерни се имаат заштитено од ваквото едноставно прислушување.
„Големите компании како БМВ, Фолксваген, Сименс, многу добро се штитат од прислушувања и сајбер-напади. Средно големите претпријатија се далеку послабо заштитени. Ним најчесто им недостасуваат пари и свест за потребата од заштита.“, предупредува Оилмајер
За време на подготовката на прилогот ниту еден телефонски разговор не е илегално прислушуван. Но беше возможно во секој момент да се прислушуваат стотици телефонски разговори, а никој да не го забележи тоа.