Кој влезе во трката за градоначалници во СДСМ
14 јули 2021Актуелните градоначалници Петре Шилегов, Константин Георгиевски, Филип Темелковски, Велимир Смилевски се дел од триесетте кандидати на СДСМ коишто влегуваат во трката за нов повторно ќе се кандидираат. Извршниот одбор на партијата синоќа ја утврди првата група на кандидати за градоначалници со кои ќе настапи на локалните избори во октомвригодинава. Меѓу кандидатите кои ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, само две имиња се нови. Останатите се актуелни градоначалници коишто ќе се обидат повторно да ја добијат довербата на граѓаните. Според Заев, кандидатите биле избрани врз основа на испитување на јавно мислење, анализи и консултации со членството.
-повеќе на темата: Жешкото лето вовед во пожешка изборна есен
„Со исти истрошени кадри СДСМ оди во изборен пораз, народот веќе ги прочита“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, откако СДСМ објави дел од имињата на кандидатите за градоначалници. Според опозицијата, „Заев избра кадри кои се слика копија на него“.
Нови кадри само во Пехчево и Росоман
Од поголемите градови утврдени се кандидатите на актуелните градоначалници на Скопје – Петре Шилегов, на Охрид – Константин Георгиевски и Штип – Сашко Николов, како и на скопските општини Кисела Вода – Филип Темелковски и Бутел – Велимир Смилевски. Заев претходно ја потврди, а синоќа и ја официјализираше кандидатурата на актуелниот градоначалник на Валандово, Перо Костадинов, за втор мандат.
Измени ќе има во предлозите за Пехчево и за Росоман, каде партијата се одлучи да оди со нови кандидати. Па така, место актуелниот градоначалник на социјалдемократите во Пехчево, Драган Тренчовски, а на претстојните избори ќе се кандидира Славчо Пауновски. Во Росоман, место Бранко Јанев, во трката за градоначалник од редовите на СДСМ влегува Стојан Николов. Кандидат за градоначалник во Петровец ќе биде Елизабета Зеленикова. На листата за кандидати за градоначалници се најдоа уште две жени - Жаклина Јовановска за Старо Негоричане и Миликије Халими, која на минатите локални избори победи во првиот круг и стана првата жена градоначалник на општина Арачиново.
Шилегов: Скопје го заслужува најдоброто
Актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов упати благодарност до Извршниот одбор на СДСМ откако на седницата која се одржа синоќа официјално беше потврдена неговата кандидатура за уште еден мандат на претстојните локални избори. „Упатувам огромна благодарност до мојата матична партија за довербата и поддршката. Скопје го заслужува најдоброто, продолжуваме заедно во нови победи“, напиша Шилегов на Фејсбук.
-повеќе на темата: Имаме ли ние наше „Можеме“ за претстојните локални избори?
Откако СДСМ ги објави првите 30 кандидати за локалните избори кои треба да се одржат оваа есен, со реакција се јавија од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија велат дека ова се истите истрошени кадри и СДСМ оди во изборен пораз. „Заев го предложи Шилегов за кандидат за градоначалник за Скопје. Шилегов кој вети и не направи тунел под Кале, продолжување на булевар Илинден со мост преку Вардар кон Ѓорче Петров. Заев го предложи Сашко Николов за кандидат за градоначалник за Штип, кој се потсмева со работниците, а додека тој е градоначалник неговите роднини, газдите на Баргала даваат плата од 200 денари на напатениот народ.За Охрид СДСМ ќе трча со Константин Георгиев, кој две години не смее да сруши една дивоградба, заради кој статусот на Охрид на листата на УНЕСКО виси“, велат од партијата.
Етапни кандидатури
СДСМ етапно ќе ги објавува кандидатите за градоначалници. Следните имиња треба да бидат објавени на почетокот или во првата половина на август, додека третата група ќе биде позната на крајот на наредниот месец. До партијата кандидатури поднеле 630 кандидати за градоначалници и 5.000 кандидати за советници.