Кој бара хумор, тој си наоѓа!
13 април 2019Телото и психата се тесно поврзани. Тоа сега и научно го потврди американска мета-студија. Тоа што некој можеби и го насетувал, сега е потврдено: луѓето што имаат насмевка на лицето се посреќни. Тоа што го покажуваме со нашата гестикулација на лицето, влијае и на нашето внатрешно чувство.
Проблемот со насмевнувањето и смеењето е посебна приказна. Ако наутро прво видам отечена и згужвана верзија од себеси, па на пат кон работа заглавам во најдолгата колона на светот, а на враќање дома сфатам дека погрешно сум се исклучил од автопат, за што ли да се смеам?
За Карен Зајдлер, портпаролка и научен соработник на Германскиот институт за хумор (навистина постои!), е јасно: „Кој бара хумор, тој и ќе го најде!“ Ако има потреба, Зајдлер и колегите помагаат со тренинзи.
Институтот е основан во Лајпциг, во 2005 година, од страна на социјалниот педагог Ева Улман. Се работело на тоа како хуморот може да се користи во меѓучовечките релации, особено во професионалното секојдневие, објаснува Зајдлер.
Повеќе:
Што сака нека биде!
Хуморот е способност и подготвеност на некои нешта да се реагира ведро и опуштено. Така стои во речник. За развојот на таа вештина со драго срце помага тимот на Ева Улман од Институтот за хумор.
„Нашата цел е преку хуморот да го направиме полесно секојдневието на луѓето“, вели Карен Зајдлер.
„Има ситуации во кои се чини дека хуморот е сосема несоодветен", вели Зајдлер. На пример, кога се во прашање болести или смртни случаи. Текст објавен во рамки на проектот на Германскиот институт за хумор „Доктор со хумор“ појаснува дека тоа не е точно, напротив.
Хуморот ги штити од полудување луѓето кои работат со смртно болни пациенти, луѓе кои секојдневно се конфронтирани со смртта, се вели во текстот. Хуморот како „профилакса против брнаут“ и „когнитивен антиоксиданс". Но, и на самиот пациент хуморот би можел да му помогне да ја издржи страшната ситуација.
Кога луѓе кои се соочуваат со смртта може да бидат хумористични и смешни, тогаш сигурно и ние во секојдневието може да го применуваме истото, или? „Позитивен став“ е магичниот збор на Зајдлер за тие ситуации.
Прашање на вежба
Сеедно дали се наоѓам со автомобилот во застој или сум во огромен ред пред каса во супермаркет, кога позитивно ќе ја свртам ситуацијата, доживувам аполутно ослободување. Мојот заклучен стан (јас чекам надвор, клучот ми е внатре) конечно ми овозможува вратата да ја отворам со кредитната картичка.
Факт е дека не можам да ги избегнам непријатните ситуации ни кога сум бесен. „Хуморот ми овозможува да сменам перспектива", вели Зајдлер.
Но, тоа мора да се вежба. За почеток може да помогне навраќањето на слични ситуации. Од ретроспектива полесно можеш да се смееш за нешто што те нервирало. Но, и непроблематичното секојдневие има што да понуди. Зајдлер вели дека мора само да ги отвориме очите.
Едно време заедно со другарите барав апсурдни презимиња. На табли, на интернет, насекаде. Иако поминаа години и денес се смеам за професор доктор Angstwurm (во превод „Исплашен црв“: професоре, простете ми ако читате!). Таквите нешта го тренираат „мускулот за хумор“, вели Зајдлер. Така и секојдневието не само што е полесно, туку и ние сме малку посреќни.