1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коѕијас во Скопје за градење на подобра клима

СН/миа/мф24 јуни 2015

По цели десет години еден грчки министер за надворешни работи доаѓа во посета на Македонија. Денешната посета на Никос Коѕијас е повеќе чекор за градење доверба, отколку исчекор во решавањето на спорот за името.

https://p.dw.com/p/1FmVw
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Galluschka

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас (насловна фотографија), денеска престојува во Македонија каде ќе разговара со својот домаќин шефот на македонската дипломатија Никола Поповски, по што се предвидени пленарни разговори меѓу делегациите на двете министерства.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски во пресрет на посетата на Коѕијас изјави дека темата за спорот со името е неизбежна и дека двете земји се далеку од решение за спорот, но дека тоа не треба да биде пречка во градењето на подобра клима меѓу двете земји.

Тој потенцира дека мерките за градење доверба се резултат на заедничка иницијатива и се усогласени по пат на дијалог со цел градење подобра клима во односите на двете земји. Попоски, потсети дека Македонија претходно има континуитет во предлагање мерки за градење доверба кон Грција.

Тој оцени дека посетата на Коѕијас, која е прва министерска посета од грчка страна по подолг период, е мудар чекор на грчката дипломатија и треба да се искористи за промовирање на она што е, вели, за Македонија најзначајно, а тоа е европската интеграција и стабилноста во регионот и она што им е ним значајно - билатералната соработка да се одвива во некакви нормални рамки.

Планирано е грчкиот министер за надворешни работи да оствари средба и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, а ќе биде примен и од претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов. Исто така шефот на грчката дипломатија ќе оствари средби и со лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА.