1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коѕиас во Тирана пречекан со протести

ЕМФ/ап6 јуни 2016

Неколку стотици приврзаници на Партија за правда, интеграција и единство, која ја претставува малата заедница на Чамите, се обидоа да го блокираат влезот на албанското МНР за да го спречат доаѓањето на грчкиот министер.

https://p.dw.com/p/1J1Pv
Фотографија: AFP/Getty Images/O. Andersen

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас и неговиот албански колега Дитмир Бушати во Тирана се заложија за дијалог, како најдобар пат за решавање на отворените прашања. Двајцата се согласија да се создаде заеднички механизам кој ќе се состанува периодично и ќе дава насоки како да се решаваат проблемите меѓу двете земји.

„Добрососедските односи и почитувањето на територијалниот интегритет на соседот доминираат над сѐ“, изјави денеска Бушати на прес-конференцијата во Тирана, додавајќи дека ставот на Албанија по прашањето на Чамите е „почитување на фундаменталната слобода и права на таа популација“. Бушати оцени и дека „односите со Грција се стратешки и со висок потенцијал“.

Неговиот грчки колега Коѕиас (на фотографијата) подвлече дека двете земји „треба да ги решаваат постоечките проблеми и да го насочат погледот кон големите идни проекти“. Според Коѕиас, „интеграцијата на Албанија во НАТО и ЕУ-перспективата“ ги прави двете земји „пријатели, но и партнери“.

Пред почетокот на посетата на Коѕиас на Албанија, во Тирана дојде до кошкање на полицијата со неколку стотици приврзаници на малата Партија за правда, интеграција и единство (ПДИУ), која ја претставува малата заедница на Чамите. Демонстрантите се обидоа да го блокираат влезот на Министерството за надворешни работи на Албанија, поради што доаѓањето на Коѕиас беше накусо одложено. ПДИУ, формирана во 2005 година, во прва линија ги застапува интересите на Чамите, потомци на Албанците протерани во Втората светска војна, кои живееле во грчкиот северозападен регион Епир. Тие од Атина биле обвинети дека соработуваат со нацистите. ПДИУ бара враќање на имотите на Чамите во Грција или обесштетување.