1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Се плашам дека овојпат не е договорено“

27 ноември 2018

Навикнати на различни видови кризи, луѓето во Митровица размислуваат отприлика вака: што и да сакате да направите - направете, само никој да не страда.

https://p.dw.com/p/38xsZ
Kosovo Nord-Mitrovica
Фотографија: DW/J. Djukic Pejic

Патот од Србија до Северна Митровица преку Подујево минува без проблеми. Нема поголем застој за автобусот на граница, посебно ако пред границата наместо српски се стават косовски таблички.

А, на улиците на Митровица рано наутро има главно само полиција. И тоа на секој чекор. Сепак, затекнуваме редови пред банките и банкоматите.

„Чекаме зашто сега има пари за исплата. Може да се случи и да запрат со исплата, веќе се случувало, не би било првпат“, ни вели еден дедо од редот. „Ако ви се потребни пари, ви советувам да застанете во ред.“

Повеќе: Тензии на Косово- нема невини

Во продавниците главно залихи

Во продавниците кои од четвртокот не добиваат стока од Србија поради одлуката на косовската влада за зголемување на акцизите на 100% - нема гужва. Полиците се полни, но продавачите велат дека тоа се залихи.

„Малку недостига млеко, сите останати намирници ги имаме, а цените ни се исти“, вели Живорад Тодоровиќ, еден од продавачите. „Ќе издржиме уште некој ден со намирниците. Се надеваме дека нашите од Влада на Србија тоа ќе го решат, како и општина Митровица. Не може вака, народот страда. Што ќе прават децата без млеко и старците и сите ние? А и залихи има сѐ помалку и помалку, никој нема големи магацини па да може толку многу да складира.“

Живорад се согласи да разговара со новинари, а тоа во Митровица е реткост. На луѓето овде, како што велат, им е преку глава од сѐ. Сепак, истакнуваат дека засега не се плашат толку од т.н. царинска војна, но и дека не им е сеедно доколку тоа продолжи во недоглед.

Од четвртокот нема ниту дневни весници во трафиките. Сепак, низ градот минува по некој кој носи најново издание на „Информер“. „Зошто зборувате дека нема, сѐ имаме, ни дофрла минувач со „Информаер“ в рака.

Иван Милетиќ, сопственик на продавница во која се продаваат и весници и други работи за домаќинство, ни објаснува дека минувачот го добил весникот на домашна адреса. „Тоа можеби некој од Рашка го донесол за народот да биде информиран, но што се однесува до дистрибутерите на весници, ништо не е стигнато од четвртокот“, вели Иван и повторува дека млекото е најголем проблем, зашто се продава исклучиво она долготрајното, од залихите. А и неговите залихи ќе траат максимално до крајот на неделата.

Kosovo Nord-Mitrovica
Мал недостиг на млеко во продавниците, но сѐ останато има, барем засегаФотографија: DW/J. Djukic Pejic

За тоа време еден од граѓаните од комбето извлекува неколку пакети со млеко. На прашањето од каде му е тоа млеко, соговорникот во брзање ни вели: „Постојат алтернативни патишта, работи ридот“. Тој алудира на бројните нелегални канали за набавка на стока и додава дека ни тоа сепак не е сигурно, зашто се зборува дека Албанците се организирале и отишле на ридот со КФОР. Ги контролираат оние кои ги користат тие патишта за да ги блокираат. „Тие сега можат на тој начин да ти го земат и автомобилот и да те приведат и да ти налепат што сакаат, а ти си отишол по неколку работи.“

Повеќе: Тројца косовски Срби уапсени за убиството на Ивановиќ

„Животно загрозени“

Граѓаните на Митровица денес ќе протестираат во центарот на градот. Пратеникот на Српската листа во парламентот на Косово, Игор Симиќ, по седницата на кризниот штаб на четири општини од северот на Косово, апелира до сограѓаните да не наседнуваат на никакви провокации, вели дека провокации се очекуваат. Покрај граѓаните, најзагрозени се институции како здравствениот центар, но и студентскиот центар, каде се хранат 5.000 студенти, додава тој.

„Приштина со својата одлука животно ги загрозува луѓето по етничка основа“, вели директорот на Клиничко-болничкиот центар, Милан Ивановиќ. Тој додава дека Клиничко-болничкиот центар и натаму има проблеми со снабдување со лекови, санитетски материјал и други неопходни работи.

„Засега адекватно им пружаме здравствена заштита на сите пациенти, но ако ваквата состојба продолжи, сигурно ќе има проблеми. Поради стравот кој Албанците им го влеаја на граѓаните, бележиме двојно помалку породувања во последната недела, а во последните три дена имавме само едно породување, што е неколку пати помалку од вообичаениот број. Најголем проблем има со кислородот, зашто повеќе од еден месец не добиваме согласност од косовското Министерство за здравје за нови залихи“, вели Ивановиќ.

Kosovo Nord-Mitrovica Milan Ivanovic
Ивановиќ: Приштина со својата одлука животно ги загрозува луѓето по етничка основаФотографија: DW/J. Djukic Pejic

Рејтинг-пазар

Новинарката на интернет-порталот „Коссев“, Милица Андриќ Ракиќ, смета дека по последните потези на косовскиот премиер, ситуацијата е значително посериозна. „Досега, кога и да се создаваа некои политички или економски кризи, секогаш се стекнуваше впечаток дека се работи за некое 'ријалити', дека станува збор за договорена претстава помеѓу Белград и Приштина и тоа поради нечив рејтинг. Ние сме интересна зона помеѓу две влади, два претседатела и два парламента и нѐ доживуваат како рејтинг-пазар, па кога и некому да му затреба рејтинг, тој доаѓа овде и прави некаква збрка. Се плашам дека овојпат е поинаку, односно дека не е договорено како што беше досега.“

„Сепак, изгледа дека оваа одлука на косовската влада е по малку кампањска. Но, она што медиумите во Србија не го забележаа е дека таа дојде еден ден пред вонредната седница на косовскиот парламент, на којашто требаше да се зборува за скандалите и неуспесите на надворешната политика“, вели Милица Андриќ Ракиќ. Таа смета дека со одлука за зголемување на акцизите на 100% премиерот Рамуш Харадинај го продолжил рокот на траење на својата влада.

Kosovo Nord-Mitrovica Milica Andric Rakic
Милица Андриќ Ракиќ: Се плашам дека овојпат е поинакуФотографија: DW/J. Djukic Pejic

Со таа констатаицја се согласува и Рада Трајковиќ, поранешна политичарка и актуелна претседателка на невладината органзиација „Европско движење за Косово“. Јас мислам дека ваквата одлука на косовската влада е чисто политичка, а причината е што премиерот Рамуш Харадинај е против поделба и на тој начин сакаше да ги доведе преговорите на претседателите Вучиќ и Тачи во фаза на застој или прекин. Меѓутоа, со ова се загрозени и моите соседи Албанци. Со оглед на тоа што монополот на производство од Србија главно го држат бизнисмени Албанци, тие ги плаќаат тие производи и по една година однапред, со огромни пари. Ниту еден Србин нема монопол на увоз на што било од Србија. Значи, со ова се загрозени и Албанците бизнисмени, но и албанскиот народ, зашто гледам дека лебот поскапел. Ние секогаш сме биле простор за шверц, а новата ситуација само им отвора можност да бидат покреативни“, смета Трајковиќ, која очекува одлуката да биде брзо повлечена.

Повеќе: Косово на курс на конфронтација

„Отапевме на различни работи“

Од друга страна, новинарката Милица Андриќ Ракиќ не верува во такво нешто, зашто смета дека тоа би било политичко самоубиство на косовскиот премиер. Таа потсетува на неговата изјава дека, според косовските закони, секој граѓанин може самоиницијативно да отиде во Србија и да се снабди со работи за домаќинство во вредност од 200 евра. Така, тој пресмета дека се тоа 800 евра по полн автомобил, што, според него, е доволно и за еден месец живот.

Kosovo Nord-Mitrovica
Новата ситуација отвора простор за шверцФотографија: DW/J. Djukic Pejic

„Заедницата овде е навикната да биде изложена на различни фабрикувани или органски кризи. Мислам дека не се заплашени, зашто како заедница многу отапевме на некои работи, како веќе да немаме енергија да се нервираме околу тоа. Овде атмосферата е следна: што и да сакате да направите, направете, само никој да не страда“, вели новинарката на „Коссев“ и заклучува: „Навистина сме под констатнтен притисок, зашто и кога имате фабрикувана криза како дел од сценариото, никогаш не знаете кога нешто може да излезе од контрола. Потребна е само една личност, па да дојде до непланирана ескалација.“