Србија и Косово постигнаа договор
30 септември 2021„Имаме договор“ напиша на Твитер денеска специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. По два дена интензивни преговори, постигнат е договор за деескалација на спорот околу меѓусебното признавање на регистарските таблички.
Косово се согласило да ги повлече од границата специјалните единици на полицијата и да ги отстрани блокадите на патиштата.
Силите КФОР, според изјавата на Лајчак, би требало да се погрижат за „безбедно опкружување и слобода на движење“. Работна група, во која треба да има и претставници и на ЕУ, сега има време од шест месеци да изнајде трајно решение.
Повеќе:
Оружјето ѕвечка, Вучиќ и Курти глумат храброст
Скопје со очи ширум отворени кон Белград и Приштина
Србија и Косово: Кого го погодува „реципроцитетот“?
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во текот на своите посети на Белград и Приштина посредуваше помеѓу двете влади. Истовремено, во Брисел се одржуваа разговори со преговарачите од двете страни.
Состојбата се влоши значително пред една недела, откако косовската влада упати дополнителни полициски сили за имплементација на одлуката за отстранување на српските регистарски таблички од автомобилите кои влегуваат во нивната држава. Локалните Срби протестираат и поставија барикади на патот. Потегот на Приштина се правдаше како мерка на реципроцитет, со оглед на тоа што српската полиција досега им ги одземала регистарските таблички на косовските возила при влез во Србија. Белград и Приштина се согласија во 2014 година да дозволат слободно движење. Косовските власти велат дека договорот истекол и дека сега на нивна територија важат само косовските симболи.