Косово против Србија: Кредибилитетот на ЕУ на испит
22 ноември 2018Мерките на властите во Приштина уследија само еден ден по неуспехот на Косово да добие членство во Интерпол, па оттука на нив се гледа и како на некој вид одмазда за тој дипломатски пораз.
Белград, се чини, овојпат е дополнително загрижен поради недостатокот на поостар притисок од Вашингтон и Брисел врз властите во Приштина, бидејќи не само што не беше извршен притисок да се укинат воведените такси од 10 проценти, туку сега тие се зголемија на 100 проценти.
Забележително е, сепак, дека Србија на Косово извезува стоки во вредност од 440 милиони евра, а Косово на Србија за 21 милиони евра. Но, тој дисбаланс во трговијата трае веќе со години и Приштина со зголемувањето на таксите преку ноќ не може ништо да постигне, а ќе има последици по цените и стандардот на сите граѓани на Косово.
Нема реципрочни мерки
Клучната порака на српските власти е дека Србија нема да воведува никакви реципрочни мерки, но и дека е многу загрижена дека ова ќе се одрази врз положбата на Србите на Косово и безбедноста на регионот.
Српскиот државен врв ги отфрли шпекулациите дека потегот на Приштина е одмазда за блокираниот влез во Интерпол, но сеедно, тешко е да се игнорира тајмингот на таа одлука.
Директорот на Институтот за европски работи Наим Лео Бешири забележува дека, додека Србија го славела дипломатскиот пораз на Косово, на Косово состојбата била целосно поинаква. „Властите во Косово, кои очигледно се многу популистички, сакаа да го свртат вниманието од она што се толкува како дебакл на нивното Министерство за надворешни работи за членството во Интерпол. И потоа сакаа да им покажат на граѓаните дека можат да и вратат на Србија со тоа што ќе ги зголемат таксите за 100 проценти“, вели Бешири.
Официјален Белград смета дека се работи за голема провокација на Приштина и очекува од ЕУ сега да го докаже својот кредибилитет. Почетната реакција на ЕУ веќе уследи, а шефицата на дипломатијата Федерика Могерини побара од Приштина веднаш да ја укине таа одлука. Но, скепсата во Белград остана, и во таа насока се истакнува дека нема да има успех во притисокот врз Приштина додека не се вклучат и САД. Американската амбасада во Белград, изрази загриженост поради мерката и наведе дека тоа ги загрозува изгледите за долгорочна стабилност на регионот.
На немоќта на ЕУ предупреди и министерот за трговија Расим Љајиќ кој вели дека „ЕУ не врши притисок врз оној кој мора, туку врз оној кој може“.
Бешири вели дека Приштина со овие мерки крши најмалку два меѓународни договори.
„Покрај договорот за ЦЕФТА, се крши и Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Истовремено на тој начин автоматски се загрозува дијалогот на Белград и Приштина, а со таа непромислена одлука ќе се случи и зголемување на цените на некои производи, што ќе ги погоди сите косовски граѓани“, вели Бешири.