1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Жените - жртви на семејно насилство

Вјоса Ќеркини
13 ноември 2021

Насилството врз жените во Косово е секојдневие. Нецелосни истраги и благи казни, ако воопшто дојде до процес, тешко дека ги плашат насилниците.

https://p.dw.com/p/404di
Protest gegen die Ermordung von Frauen und Mädchen im Kosovo
Фотографија: Vjosa Çerkini/DW

Само во оваа година во Косово се убиени неколку жени, а пријавени се над илјада случаи на семејно насилство против жени. Меѓутоа, во косовското патријархално и традиционално општество, се претпоставува дека бројот на непријавени случаи е многу поголем.

Координаторката на косовската женска мрежа за родово засновано насилство, Ерза Курти објаснува дека Истанбулската конвенција на Европскиот совет, која стапи во сила во 2014 година, дури оваа година е внесена во косовскиот устав. Но, тоа уште не значи дека овие прописи им се познати на сите полициски станици и локални власти. Освен тоа, Конвенцијата предвидува обезбедување животен простор за жени на кои непосредно им се заканува насилство, што во Косово не се спроведува секогаш.

„Со оглед дека Косово стагнира во рехабилитацијата и инклузијата на жени кои претрпеле насилство, многу од нив мораат да се вратат кај насилниците. Нашата организација предложи на пример да се организираат обуки за полицајците, државните обвинители, адвокати на жртвите, социјални работници, судии и други, за однесување конжртвите на насилство“, вели Ерза Курти.

Семејно насилство во сите општествени слоеви

Семејното насилство не зависи од образовното ниво на жените или од косовскиот образовен систем, туку многу повеќе од традиционалните албански општествени вредности. На пример, Љуљета Алиу, израсната во Швајцарија и шест години вработена во Универзитетот во Цирих, шест години трпела насилство од страна на својот сопруг. Нападите се интензивирале кога родила деца и кога во 2011. година се вратила во Косово. На крајот почнала да стравува за сопствениот живот и случајот го пријавила во полиција.

„Моите први искуства на насилство почнаа многу рано во форма на психичко, но и економско насилство. Јас немав пристап до семејните примања. Подоцна бев казнувана и физички. Знам дека требаше тоа порано да го пријавам. Но, кога во Косово жена ќе го пријави својот маж, тоа е посебно сериозна ситуација, зашто се коси со општествените конвенции. Ако се пожалат, грешките и вината секогаш им се припишува на жените“, вели Љуљета Алиу.

Први успеси при измената на законот

Љуљета, поради сопственото искуство, решила активно да се ангажира за подобрување на ситуацијата на жените во Косово. Во 2018. година ја основала организацијата „Иницијатива за правда и рамноправност“, за на тој начин да се бори за подобра заштита на жените, пред сѐ во правна смисла.

Прв успех на организацијата била законската иницијатива за измена и дополнување на Законот за семејство, кој стапи во сила во јануари 2019. година. Ангажманот на Љуљета довел до ревизија на неколку членови во законот, во кој жените биле правно дискриминирани. Изменети се 13 членови на Законот за семејство, што на жените им овозможува пристап до брачниот имот, како и издржување, но и правна рамноправност. Освен тоа, Љуљета со својата организација ги поддржува жените со совети и правна помош. 

Стоп за насилството врз жените. Доста е!

„На жените им е јасно отежнат пристапот кон полицијата и правосудството. Исто така, доживуваат недостиг од професионализам, како и екстремна дискриминација од страна на државните власти. Да се биде жена претставува пречка во потрагата по правда и заштита“, заклучува Љуљета.

Заштита максимално шест месеци

Во цело Косово има само осум безбедни куќи за жени-жртви на насилство, кои по правило ги водат невладини организации. „Покрај сигурното место за престој и обезбедување заштита, наша главна задача е рехабилитација на жртвите на семејно насилство и програма за нивна реинтеграција“, вели Зана Алани, директорка на женската куќа „Центар за заштита на жени и деца“ во Приштина. Алани вели дека на располагање имаат само 25 кревети и можат да обезбедат сместување од 24 часа до шест месеци.

Во Приштина во просек годишно во сигурни куќи се сместени од 120 до 140 жени, девојчиња и деца жртви на родово семејно насилство.

Меѓутоа, финансирањето е проблематично. Надлежното Министерство за труд и социјални прашања обезбедува 50 % од неопходните средства, остатокот мора да се финансира од донации. Поради недоволната поддршка од Министерството, се случува вработените често да мораат да работат и по три месеци без да добијат плата, особено на почетокот на годината. 

Притоа сигурните куќи пружаат сеопфатен и важен придонес кон реинтеграција на жртвите на насилство во нормален живот. Освен сместување и грижа, овде ним им се пружа и психосоцијално советување, здравствена заштита или правно советување, но им се дава и облека.

Да се редуцира зависноста од семејството

Активистката за права на жените Ерза Курти смета дека на полето на образование и вработување за жените ситуацијата мора итно да се подобри. Економската независност на жените со добра работа ја намалува зависноста од семејстото. Во таа смисла, таа бара на жртвите на насилство да им се обезбедат бесплатни станови.

Косово, најмладата европска држава, дури пред две години ја внесе во закон заштитата на жртвите. Промената на закони е релативно брз и лесен потфат. Но, промена на однесувањето и свеста е долготраен процес, за кој е неопходна целосна поддршка на државата. Стотици години патријархат се длабоко врежани во главите на машкото население во Косово.

Вјоса Ќеркини
Вјоса Ќеркини Се занимава главно со теми од Косово, другите балкански земји и нивните односи со Западот