1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирусот и тајните служби

Кристофер Неринг
16 март 2020

На прв поглед шпионажата и пандемијата од коронавирусот немаат ништо заедничко. Но, големите разузнавачки агенции во светов во својот визир ги имаат и глобалните болести. Зошто? И каков пристап имаат?

https://p.dw.com/p/3ZWfA
Deutschland Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Soeder

Германската разузнавачка служба и САРС

Кон крајот на 2002 година светот се справуваше со првата пандемија на тукушто започнатиот 21 век - тешкиот акутен респираторен синдром (САРС), близок „роднина„ на коронавирусот. Од Јужна Кина вирусот се рашири низ светот, а од него починаа 800 луѓе. Но, владата и Комунистичката партија на Кина на почеток ја држеа во тајност појавата на оваа болест. Како што откри германскиот дневен весник „Тагесцајтунг“, германската разузнавачка служба БНД, доставила информации уште неколку недели пред официјалното објавување за постоењето на САРС и неговото ширење. Тие потоа им биле доставени на германската влада и здравствените власти. Според информации од безбедносните кругови, БНД тогаш пресретнала комуникација на кинеската влада преку телефонски и радио врски. Така германските агенти дознале не само за болеста, туку и за првичната стратегија на кинеската влада за прикривање на болеста.

Американските разузнавачки служби користат широк спектар на средства

Според медиумски извештаи слично вака постапуваат и американските разузнавачки служби во однос на корона– кризата: и новинската агенција Ројтерс и Јаху њуз независно објавија дека директорот на националното разузнавање под кој спаѓаат сите 17 американски разузнавачки служби и директно известува во Белата куќа бара од сите податоци за потеклото, развојот, ширењето и борбата со коронавирусот кои се анализираат. Тоа во никој случај не е одговорност само на познатата американска разузнавачка агенција ЦИА. САД се една од малкуте земји кои имаат своја Разузнавачка агенција за медицински и здравствени информации – Националниот центар за медицинско разузнавање (НЦМИ) која е дел од Военото разузнавање ДИА (Агенција за воено разузнавање).

Што го прави вирусот заразен?

Извори запознаени со материјата велат дека за да се дојде до информации за коронавирусот, американските тајни служби користеле широк спектар на средства. Тоа значи дека не се ‘чешлаат’ само официјалните извештаи, медиуми, онлајн извори и социјални медиуми во потрага по релевантни информации. Наместо тоа, се користат сите инструменти на тајните служби, почнувајќи од слики од воздух и сателит, преку информанти и агенти, сѐ до прислушувани разговори.

Повеќе:

-Ние, нашиот страв и коронавирусот 

-Ограниченото движење и „мајката природа“ нема да го сопрат коронавирусот

-Болеста на теориите на заговор: Од чума до коронавирус
За тоа што конкретно ги интересира шпионите секако владее професионален молк. Принципиелно мора да се смета на тоа дека САД засилено ги користат своите канали на тајните служби особено во Кина и Иран кога е во прашање коронавирусот. Агенти во кинеското раководство или пак информанти во иранското министерство за здравство би можеле да бидат распитани за темните цифри, за непознати начини на ширење на болеста или стратегии за нејзино сузбивање. А, кога американските прислушувачи ќе се ’закачат‘ во владини комуникации, мошне веројатно посебно внимание ќе обрнат кога се зборува за коронавирусот.

Каква е ползата од сето тоа?

Шионажа и тајни служби ниту може да го сопрат вирусот, ниту може да нѐ излечат. Но, на носителите на одлуки може да им дадат подобри информации и во идеален случај да овозможат одлуки кои се базираат на добра информираност. Така несигурноста може да биде намалена, да биде подобро сфатено ширењето на болеста и да има поточна проценка на спроведувањето планови и капацитетите за тоа во странство. И секако се работи и за тоа да се препознаат и проценат можните политички и економски штети. Тоа се однесува и на кампањите за дезинформација и сѐ поострите префрлања на вината за пандемијата.

Всушност тајните служби и за време на коронавирусот го прават она што го прават секогаш. Обезбедуваат информации до кои никој друг не може да дојде. Тоа особено важи за земји како Кина или Иран во чиишто официјални податоци генерално се има недоверба. А, многуте затворања на граници, забрани за излез и карантини кои се воведуваат во Европа, Азија и Америка вклучуваат секако и етаблирани, официјални или отворени канали за информации и комуникација. Добро функционирачки тајни служби тука секако се од корист.