1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коронавирусот и берзите: Ќе биде ли уште полошо?

Хенрик Беме
11 март 2020

Повторно црн понеделник! Големи континуирани падови на светските берзи со денови на назад. Но коронавирусот може да донесе уште многу непогоди, коментира Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/3ZCUH
USA Wall Street Händler Peter Tuchman
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Drew

Знаете како е тоа: надвор грее сонце, воздухот е топол и задушлив - но, одеднаш се појавуваат црни облаци. Почнува силно невреме, и кога ќе помине, воздухот некое време е чист и прозрачен. Така би можело да се сумира она што во последните 24 часа се случуваше на финансиските пазари од Шангај преку Франкфурт до Њујорк. Курсевите на берзите веќе предолго беа различни од реалната економија. Не се земаше во предвид дека германската индустрија веќе со месеци се наоѓа во рецесија и оти германската економија тапка во место. А ни дека ситуацијата се влоши поради трговската војна меѓу Американците и Кинезите и Брегзит. И тогаш куќата од карти ја „заниша“ еден мал вирус - и дојде до распаѓање! Рекордни загуби каде и да се погледне. Ден потоа, светот изгледа малку подобро. Но, оние кои мислат дека со тоа се' се заврши - се лажат. „Корона-кризата“ има потенцијал да ги турне светските економии во длабока рецесија.

Сеќавањa на „Леман брадрс“

Многумина се сетија на светската финансиска криза од 2008/2009 година. И тогаш во системите се вовлече вирус, но од сосема друг вид: беше тоа алчност за немерливи добивки. Резултатот е познат: стотици милијарди долари, евра, јуани и јени беа напумпани во националните економии - пари кои државите всушност не ги имаа. Последиците се чувствуваат и денеска - на пример, во форма на ниски камати со сите негативни последици за банките и за штедачите. Кога сме веќе кај банките: вчера најголемата германска приватна банка, Дојче банк наполни 150 години. Ден пред овој јубилеј, нејзините акции паднаа за 17 отсто, значи, во дупка. Тоа е нов негативен рекорд.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме, автор на коментарот

Но, во такви ситуации банките поминуваат најлошо, бидејќи мора да се смета на тоа дека огромен број компании сега нема да можат да ги отплаќаат своите кредити. Тоа што Дојче банк ја откажа својата роденденска прослава планирана за крајот на март, веројатно е последица од вирусот (?).Но, да се вратиме на коронавирусот.

Повеќе

-Коронавирус: Песната на црниот лебед

-Поради корона-вирусот се заканува парализа на економијата

-Кој ќе ги плати загубите од корона-вирусот?

Веќе сега се подготвува конјуктурна помош за фирмите кои тешко се погодини од вирусот - сопствениците на хотели, угостителите, сопствениците на саеми. И тоа за жал е само почеток. Ако не се запре вирусот во доволна мерка, Германија нема да може да помине без драстични мерки кои веќе се спроведуваат во Италија. Како ќе одат луѓето на работа? Ќе продолжи ли фабричкото производство? Ќе умрат ли на крајот повеќе луѓе од економски последици, бидејќи таквата рецесија претставува удар за здравството? 

Ќе биде уште полошо

Секако дека е важно државата во таква ситуација да им порача на компаниите: со вас сме. Изненадувачко е што тоа не го кажа само министерот за економија туку и, инаку многу стегнатиот, министер за финансии. Но, ни тој не може да ги затвори очите пред ваквиот развој на ситуацијата, односно, пред она што допрва нѐ чека. Нема да останат сами малите и средни претпријатија насукани, туку и големите концерни како Луфтханза која веќе ги преполови своите капацитети, исто како и голем број други компании.

Веројатно на крајот на март германската економија ќе почувствува тешки последици во ланецот за испорака на стока. Бидејќи, нема да доаѓаат контејнери од Кина, кои пред 6 недели, поради избивање на вирусот, не можеа да бидат испратени на пат. Има виролози кои, како и министерот за здравство, бараат многу поостри мерки за спречување на ширењето на вирусот. И кога ќе се спои сето тоа, крахот на берзата од понеделникот ќе изгледа како развигор пред вистинска бура. За тоа Германија мора да се подготви. А и целиот свет. Ќе биде тоа нова шанса за групата Г20 чии членови за време на светската финансиска криза примерно соработуваа за да го спречат најлошото. Со групата во моментов претседава Саудиска Арабија. Кој ќе посегне по телефонот и ќе го побара Риад?

 

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58