Кина умешно ја користи кризата со коронавирусот
4 февруари 2021Водењето дипломатија со заштитните маски од почетокот на корона-кризата се разви во вакцина-дипломатија. Откако веќе вторпат во текот на една година во слободниот свет владее недостиг, прво од маски, а сега од вакцини, најважниот експонент на автократијата се нуди како помагач и спасител. Само најнаивните можат да помислат дека оваа спремност за помош на Пекинг е резултат на човечко сочувство. Во суштина, во престолнините, од Вашингтон до Берлин веќе одамна ѕвонат ѕвона за узбуна, зашто кинескиот „авионски мост“ кон Европа, преку кого прво беа пренесени вакцини до Србија, а сега ќе се транспортираат и во Унгарија, е вешт потег во конкуренцијата на системите.
Според идеолгијата на кинеската номенклатура, Кина успеа толку успешно да ја надмине пандемијата само затоа што тука не владее партиски плурализам, ниту постојат слободни избори. Кинескиот претседател Ши неуморно повторува дека неговата партија извојувала победа над вирусот преку микс од конфучианизам и „социјализам со кинески печат“. Професорот по филозофија на Универзитетот Фудан во Шангај Тонгдонг Баи прогласи надмоќ на кинескиот пат во својата книга „Против политичка еднаквост“: слабоста на западните демократии се состои во тоа што сите возрасни имаат изборно право и на тој начин се во состојба да одлучуваат за работи од кои често не се разбираат, тврди тој.
Дали експертите се подобри владејачи?
Овој аргумент се изнесува и во слободниот свет кога се спори дали владите можат да дејствуваат само врз база на експертски препораки или мора да го консултираат парламентот. Во еврокризата во 2011 година во Италија претседателот ѝ даде налог на експертска влада под водство на Марио Монти да ја извлече земјата од калта. Италијанската политичка сцена е фрагментирана и затоа политичкиот процес на коалицирање традиционално е тегобен. Ниеден член на оваа влада не припаѓаше на некоја партија, пикантен детал кој може добро да се искористи во аргументацијата на Пекинг.
Повеќе на темата:
Србија се вакцинира: Русија и Кина стигнаа пред Западот
Ковид-19: што знаеме за кинеските вакцини?
Коронавирус: И С. Македонија ќе бара спас во кинеските вакцини
Кина, неомилен победник во годината на корона
Филозофот Тонгдонг Баи пледира за тоа демократското заедништво и владеење да се практикува преку избори само на локално ниво. Но, колку се покомплицирани владините работи кон врвот, треба да се преферира меритократски експертски модел, а Комунистичката партија на Кина токму така се сфаќа себе си.
Пандемијата надмината без штети
Во сегашната ситуација, реалноста му дава право на Пекинг: додека нациите од слободниот свет во 2020 година доживеаја економска криза и имаат масовна невработеност, Кина одамна е на патот на економски опоравок. Ни трговската војна, која Доналд Трамп четири години ја водеше со Пекинг, не ја заслабна Кина: желбата за инвестиции во земјата на чија севернозападна периферија во логори опколени со бодликава жица се затворени околу еден милион луѓе, е нескршена. Извозот е на ниво од пред кризата со коронавирус, а домашната потрошувачка расте.
Со оглед на ова, во Брисел со право владее страв дека спремноста за прифаќање на ЕУ, посебно по хаосот со вакцини, може да доведе до општо опаѓање.
Долго време Кина не можеше ни да помисли да го употреби она што САД во втората половина од 20 век го применуваа под поимот „софт пауер“, блага моќ. Поимот се употребува за означување на методите и можностите за вршење влијание надвор од политичката сфера, настрана од класичната надворешна политика. Во случајот со САД тоа меѓу другото беа музиката и филмот, преку кои „американскиот начин на живот“ и со него желбата за учење на англискиот јазик, се ширеше низ целиот глобус, сѐ до најзафрлениот агол. Уште во текот на последната година од мандатот на Доналд Трамп во Германија беше направена анкета чии резултати отрезнувачки покажаа дека омиленоста на САД опаѓа, а на Кина расте. Сега Народна Република Кина со маските и вакцините користи сопствена „софт пауер“ стратегија.
Последици во цел свет
Расположението може соодветно да се промени и во областите во светот за кои Европејците во моментов не водат грижа, зашто пандемијата на коронавирус ја немаат ставено под контрола ни кај себе дома. САД со претседателот Џо Бајден на чело повторно ќе се издигнат. Но, земјата која во пандемијата поради некомпетентноста на неговиот претходник целосно излезе од колосек, исто така во прва линија е зафатена сама со себе.
Ако вакцините од Европа и Северна Америка на располагање им стојат само на земјите со мнозинско бело население, луѓето од другите делови во светот немаат друг избор- или да чекаат или да ја прифатат понудата на Кина. Но, тогаш „софт пауер“, влијанието на слободниот свет, а со тоа и атрактивноста на демократскиот модел, ќе се намали во досега невидени размери.
Александер Герлах е соработник на Карнеги Советот за Етика и почесен професор по етика и теологија на Универзитетот Линеберг и на Институтот за верски и меѓународни студии на Универзитетот Кембриџ.