Коронавирус: Драматична ситуација во Португалија
3 февруари 2021Во текот на целата 2020 година Португалија можеше да биде опишана како пациент со блага форма на коронавирус, но од оваа година ситуацијата драматично се промени: седумдневната инциденција практично експлодира, сега изнесува речиси 850 нови инфекции на 100.000 жители. Околу 43% од сите познати инфицирања и 44 % од сите смртни случаи од почетокот на пандемијата се случиле само во јануари 2021, објавија здравствените власти.
Ситуацијата е многу напната, потврдува и Рајнхард Нојман, кој го води лисабонското биро на Фондацијата Фридрих Еберт, блиска до СПД. „Целото население е исклучително нервозно поради драматичниот развој во последните две-три недели“, вели тој.
Како причина за ескалацијата владата ги наведува новите мутирани варијанти на коронавирусот, како британскиот сој Б.1.1.7, но и разлабавувањата на рестрикциите пред Божик. Одамна повторно е во сила ригиден локдаун со затворени училишта, продавници и ресторани, како и драстични ограничувања на движењето. Со целосна забрана за патувања владата сака да спречи ширење на вирусот во странство, додека ситуацијата да се потсмири.
Тријажа-шатори и мобилни болници
Болничките возила, јавува дописникот на Дојче веле од Португалија, Јан-Филип Шолц, делумно мора да чекаат со часови за да ги предадат пациентите во преполните клиники. Со 850 тешко заболени Ковид-пациенти одделенијата за интензивна нега се речиси комплетно полни, близу 6700 други заболени се лекуваат во обичните одделенија. Пред одделни болници се подигнати тријажа-шатори: во нив лекарите, врз основа на нивото на кислород и телесната температура, одлучуваат кои новопримени пациенти треба да имаат предимство за третман.
Со итно темпо се подигаат монтажни болници за прифаќање на заболените. Жоао Рокет од Англискиот универзитет Лисабон објаснува дека и кошаркарската сала во неговиот факултет е пренаменета за сместување на 150 Ковид-пациенти: „Спортските хали се флексибилни, тоа е предноста. Тие прилично едноставно можат да се претворат во привремени болници. Многу потешко е да се најде соодветен медицински персонал и да се одржува болницата."
Додека државните клиники згрижуваат Ковид-пациенти, на приватните болници им припаѓаат други задачи, истакнува Нојман за Дојче веле: „Приватните клиники се важни за опслужување на пациентите кои не се заболени од коронавирус, а во оваа ситуација не можат да се лечат во јавното здраство.“
Голем недостиг од стручен персонал
Во борбата против акутниот корона-бран најдрастично тесно грло е недостигот од персонал: португалската влада во петокот соопшти дека 70 проценти од медицинскиот персонал е заразен со коронавирус. Германската војска, Бундесверот, утре испраќа 26-член помошен тим со осум лекари за следните три недели во Португалија. Со транспортниот авион во Лисабон ќе бидат пренесени и 50 апарати за вештачко дишење, 150 апарати за инфузија и 150 болнички кревети. Португалската министерка за здравство Марта Темидо пред една недела испрати молба за помош до Германија.
Повеќе на темата:
Кога лекарите мора да прават селекција: кој пациент ќе биде лекуван, а кој не?
Човечките животи или економијата- колку мртви можеме да си дозволиме?
Зошто научниците веруваат дека британскиот сој на коронавирусот е посмртоносен
Јавниот здравствен систем во Португалија страда поради бројните кратења, спроведени посебно во време на должничката криза, истакнува Нојман. Во текот на еврокризата, на Португалија ѝ беше наметната строга програма за штедење од т.н. Тројка, Европската централна банка, ММФ и Европската комисија. „Дури и во оваа драматична ситуација, имам впечаток дека Министерството за здравство навистина добро менаџира“, подвлекува Нојман.
Раководителот на Фондацијата Фридрих Еберт во Лисабон позитивно ги оценува напорите на јавното здравство, цитирајќи позната португалска поговорка: „Јавното здравство со малку јајца прави добар омлет."
Од оваа недела почнува вакцинацијата на дополнителни групи луѓе, како оние над 80 години. Во португалскиот печат тоа меѓутоа се нарекува „симболичен старт“, со оглед што и во Португалија владее општиот недостиг од вакцини. До крајот на март владата планира комплетна заштита преку вакцина за околу 800.000 од десет милиони жители, а дополнителен половина милион лица дотогаш треба да ја примат првата доза. Засега меѓутоа се очекува широко распространување на вирусот и потреба од огромни напори.
Португалија се мобилизира
За лекарите и негувателите борбата против пандемијата е екстремно тешка, затоа добиваат голема поддршка и од цивилното општество. На пример преку караван-проектот на Рикардо Паиагуа, кој на располагање им става простории за опуштање, во кои директно пред портите на клиниките можат да се одморат од долгите, исцрпувачки работни смени. За нив се на располагање 50 големи автомобилски приколки и 200 доброволци. „Работата овде е прилично емоционална“, вели претприемачот Паиагуа за Дојче веле. „Минатата недела една лекарка почука на мојата врата и едноставно ми се заблагодари. Ми рече дека често се чувствувала толку очајно. Мислам дека на медицинскиот пресонал, освен место за спиење, треба да му се понуди понекогаш и морална поддршка.“
И Рајнхард Нојман од Фондацијата Фридрих Еберт констатира големо заедништво во општеството: „Се гледа дека луѓето овде вложуваат напори, сфаќаат дека сега се во прашање крупни влогови.“ Повремено се слуша и критика и се забележуваат знаци на замор од пандемијата. „Но, во меѓувреме имам впечаток дека под притисок на овие страшни бројки од последните недели, повторно расте солидарноста и заедништвото во Португалија“.