1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандемија: Како да се мотивираат изморените Германци?

13 февруари 2021

Локдаунот во Германија поради коронавирусот е повторно продолжен, овојпат до 7. март. Но, како сега уште може да се мотивира исцрпеното население?

https://p.dw.com/p/3pGyK
Symbolbild | Soziale Isolation während der Coronakrise
Фотографија: picture-alliance/Newscom/R. Ben-Ari

Кога Даниел Гинтер ја составуваше својата експертска комисија за коронавирусот минатата година, премиерот на германската покраина Шлезвиг-Холштајн не мораше долго да размислува. Секако, директор од клиника за белодробни заболувања апсолутно мораше да биде таму, како и директорка на клиника за психијатрија и психотерапија, и се разбира претседателот на Институтот за светска економија мораше да биде дел од комисијата.

Но, Гинтер по секоја цена сакаше да има експерт до себе, кој знае сè за кризната комуникација - затоа што политичарот од ЦДУ уште во 2020 година се сомневаш дека речиси трите милиони граѓани на Шлезвиг-Холштајн ќе се вклучат во борбата против вирусот, само доколку мерките наметнати од владата во Кил се транспарентно и разбирливо објаснети.

Гинтер го донесе во комисијата Франк Розелиб. Тој е истражувач на кризи, тренер за кризи на компании, општини и здруженија повеќе од 20 години и седи во управниот одбор на професионалното здружение на кризни менаџери. Розелиб вели: „Комуникацијата ќе станува сè поважна како што напредува пандемијата. Затоа што пандемскиот замор станува сè поочигледен и затоа што  секоја политичка одлука не се покажа како исправна".

Frank Roselieb | Institut für Krisenforschung in Kiel
Кризниот менаџер Франк РозелибФотографија: Frank Roselieb

Население исцрпено од постојаниот локдаун

Можеби работата на Розелиб никогаш не била потешка отколку сега: Не само Шлезвиг-Холштајн, туку цела Германија е истоштена, исцрпена и на крајот на својата моќ од бесконечниот локдаун. Населението се чувствува заробено меѓу затворените продавници, работата од дома и учењето од дома. Како Розелиб, чија мантра гласи дека секој поединец е кризен менаџер на оваа пандемија, би ги мотивирал луѓето?

„Прво, треба навремено да се покаже целта, која сите заедно сакаме да ја постигнеме. Второ, јасно да се комуницира што сѐ не се знае. И трето, кога станува збор за екстремни ризици, никој не очекува совршени решенија. Повремено да се каже 'Извинете!' може да мотивира да се испробаат нови пристапи и да не се губи надежта“. 

Повеќе:

-Ковид карантинот во Германија продолжен до 7 март

-Дебатата за короната станува се' понапорна

-Меркел предупредува од корона-мутациите

Розелиб полага надежи во планот за излез од кризата чекор по чекор, изработен од многу покраински влади, за пилотот конечно повторно да знае каде може да слета во подобри временски услови.

„Никогаш порано ниту една кризна состојба - ни терористички напад, ни финансиска криза, ниту политички скандали - не го довела дури и многу искусните врвни политичари до границите на нивните способности колку пандемијата на коронавирусот“, вели кризниот менаџер, кој сепак е оптимист за иднината.

„Целокупната инфраструктура за снабдување останува недопрена при пандемии и овозможува релативно брзо рестартирање по кризата“, вели Розелиб.

Психолозите бараат промена на стратегијата во борбата против коронавирусот

Она што сè повеќе ги загрижува политичарите во Германија, се последните резултати од студијата „Космо“, која го мери расположението на населението од почетокот на пандемијата: довербата се разнишува и кај оние кои се залагаат за строги мерки. Двајца од тројца граѓани на возраст под 30 години велат дека во моментов се чувствуваат под стрес, што е највисоко ниво досега. И речиси 80 ​​проценти од луѓето сакаат долгорочна стратегија за решение на кризата со униформни правила.

„Мислам дека само да се продолжи вака, веќе не е можно. Повеќето од нас силно се придржуваа до правилата во минатото", вели Улрих Вагнер, „и едноставно да се продолжи вака, сѐ повеќе води кон ова чувство на научена беспомошност, како што велиме ние психолозите. Без оглед што правиме, ништо не се менува. И тоа доведува до отпор и депресија “.

Deutschland Prof. Dr. Ulrich Wagner
Професорот по социјална психологија Улрих ВагнерФотографија: Privat

Вагнер е професор по социјална психологија на Универзитетот Филипс во Марбург и доколку тој би бил во тимот што ја советуваше владата, ќе се залагал за промена на стратегијата. Според Вагнер, политичарите би можеле да ја искористат новата стратегија чекор по чекор, која првенствено се заснова на бројот на инфекции, за да ослободат нови сили во населението. И во исто време да ја променат структурата на борбата против пандемијата.

Довербата во политичарите опадната

Многу важно притоа е комуникацијата според правилото ако-тогаш. „Ако успееме значително да го намалиме бројот на случаи во болниците, ќе има ублажување на мерките. Ако се придржувам до правилата и не правам никакви исклучоци, тогаш ќе помогнам да се поправи ситуацијата за сите нас", вели социјалниот психолог.

Улрих Вагнер, меѓутоа, бара единствен пристап од страна на политиката, доколку таа навистина се одлучи за модел за излез од корона-кризата чекор по чекор. „Може  да се воведат различни мерки во региони каде што бројот на инфекции е помал отколку во регион каде што тој е поголем. Но, принципот мора да биде ист и мора еднакво да биде застапуван од сите. Во спротивно, кредибилитетот масовно ќе страда“.

Според студијата „Космос“, довербата во владата во борбата против коронавирусот е намалена од 60 на 40 проценти во споредба со претходната година. Наспроти тоа, би можело да потрае пред канцеларката Ангела Меркел, министерот за здравство Јенс Шпан и министерот за економија Питер Алтмајер да можат да ја надоместат оваа загуба на довербата.

Маратон со неизвесна цел

„Психолошките студии покажаа дека репутацијата се гради многу бавно, но истовремено може да се уништи и многу брзо. Кога ќе исчезне довербата, не може да се изгради од денеска за утре“,вели професорот Штефан Шулц-Хард, потпретседател на Германското психолошко друштво,

Особено кога населението секој ден се потсетува дека нешто е тргнато  наопаку во борбата против коронавирусот. Во случајот на Германија, тоа е кампањата за вакцинација, која се одвива со големи пречки.

Prof. Dr. Stefan Schulz-Hardt - Vizepräsident der Deutschen Gesellschaft für Psychologie
Професорот Штефан Шулц-Хард, потпретседател на Германското здружение за психологијаФотографија: Privat

Тој исто така смета дека воведувањето план за излез од кризата чекор по чекор е совршен пристап за на луѓето да им се врати чувството на загубена контрола. „Од психолошка гледна точка, согледуваната контрола се заснова на три столба: објаснивoст, предвидливост и влијателност. И со сите три во Германија би имало можности за оптимизација“.

Но, кога станува збор за предвидливоста, не само Германија, туку и целиот свет ќе мора да испланира уште некое губење на контролата. Научниците и лекарите во повеќе наврати изјавија дека борбата против коронавирусот не е спринт, туку маратон. Проблемот е во тоа што маратонецот знае, дури и ако целосно запне на 30-от километар, дека целта е на дофат на 42 километри и 195 метри.

Со пандемијата, сепак, е поинаку. Психологот Штефан Шулц-Хард вели: „Тоа е маратон кај кој вие не знаете ни колкава е должината на патеката, ниту колку сте блиску до целта. И тоа е нешто што човечкиот организам многу тешко може да го постигне - да остане алармиран во еден толку долг временски период “.