1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона во Германија: Да се издржи до Велигден

10 февруари 2022

Бројот на заразени со коронавирус е висок, но германскиот министер за здравство Карл Лаутербах поттикнува надеж, а претседателот на институтот „Роберт Кох“ прогнозира релаксиран Велигден.

https://p.dw.com/p/46ktA
Deutschland | Bundespressekonferenz PK zur Corona Lage | Karl Lauterbach und Lothar Wieler
Карл Лаутербах (д.) и Лотар Вилер на прес-конференција во Берлин, 8.02.2022Фотографија: Frank Ossenbrink/imago images

Германците во овој пандемиски февруари 2022-ра секојдневно се будат со нови рекордни бројки на заразени - инфекциите со Омикрон, кој се смета за релативно блага варијатна на коронавирусот, достигнуваат вртоглави височини. Па сепак, министерот за здравство Карл Лаутербах и претседателот на институтот „Роберт Кох“, Лотар Вилер, се претпазливи оптимисти.

На прес-конференција во Берлин, Вилер на граѓаните им даде надеж со оваа реченица: „За неколку недели ќе го имаме поминато Омикрон-бранот. Да останеме мирни и внимателни. Тогаш ќе можеме опуштено да му се радуваме на Велигден.“ Министерот Лаутербах додаде дека пикот на бранот се очекува на средината од февруари, а можеби и малку подоцна. „Сѐ уште имаме зголемување на бројот на заразени. Имаме и стапка на хоспитализација со која не можеме да бидеме баш задоволни.“ Притоа се мисли на бројот на луѓе кои поради инфекција со коронавирус завршиле во болница.

Опасност за невакцинираните и лицата со коморбидитети

Омикрон-варијантата претставува опасност пред сѐ за невакцинираните лица постари од 60 години и лицата со коморбидитети. Лаутербах укажува дека кај постарите лица во Германија „дупката“ во вакцинирањето е три до четирипати поголема од онаа во други држави, како на пример Данска. Во вторникот (8.02) во Германија целосно биле вакцинирани 74,5% од граѓаните, додека во Данска тој процент е 81,5.

Сепак, и во Германија почнува полека да се наѕира светло на крајот од тунелот, сметаат Лаутербах и Вилер. Но, само ако притоа останат постоечките рестрикции, како посета на ресторан само за прележани, двапати вакцинирани со актуелен негативен тест или трипати вакцинирани. И, ако и натаму се почитува носењето маски и држењето растојание. Само уште неколку недели, се вели. Затоа Лаутербах во моментов е апсолутно против веќе сега да се зборува за можни разлабавувања, како што тоа го прави баварскиот премиер Маркус Зедер.

Deutschland | Bundespressekonferenz PK zur Corona Lage | Karl Lauterbach und Lothar Wieler
И во Германија почнува полека да се наѕира светло на крајот од тунелот, сметаат Лаутербах и ВилерФотографија: Frank Ossenbrink/imago images

Спор помеѓу Зедер и Лаутербах околу задолжителната вакцинација

Зедер објави и дека нема да ја спроведе за март планираната задолжителна вакцинација за здравствените работници. Премногу негуватели не се вакцинирани, аргументира Зедер, така што може да има тесни грла доколку вакцинацијата е задолжителна. Лаутербах возврати: „Многу месеци од луѓето бараме ограничувања кои навлегуваат во нивните основни слободи. Затвораме дискотеки и клубови, го регулираме пристапот до рестораните. И сега се чини како тоа да не важи за некои (покраински, н.з.) премиери.“ Посебно во врска со обврската за вакцинација за одредени професии, Лаутербах го упати следново прашање до Зедер: „Дали протестот на улица против барањето за вакцинација во одредени установи е поважен од заштитата на луѓето кои беспомошно чекаат добро згрижување?“ Тој не може да го прифати тоа, вели Лаутербах, кој меѓутоа е свесен дека во врска со ова прашање може само да упатува апели до колегите од покраините. Зашто, спроведувањето на обврската за вакцинација е и останува прашање во надлежност на сојузните покраини.

Лаутербах: „Вилер ја има мојата доверба“

А, потоа на прес-конференцијата конкретно стана збор за Лотар Вилер. Тој кон средината на јануари објави дека статусот на прележан важи само три, наместо како досега шест месеци. Тоа е важно за луѓето кои сакаат да посетуваат ресторани, на пример. Тоа, иако во суштина сфатливо, беше лошо искомуницирано, оцени за магазинот „Шпигел“ пратеникот на ФДП во Бундестагот, Бижан Џир-Сараи. „Господинот Вилер веќе не може да биде сигурен во довербата која му ја дава ФДП“, изјави Џир-Сараи. Тоа е важна изјава - ФДП е на крајот на краиштата е една од трите владејачки партии во Берлин. Џир-Сараи, освен тоа, има добри шанси да биде избран за нов генерален секретар на ФДП во април.

Coronavirus | Booster | Stiko
Во Германија почна вакцинацијата во аптекитеФотографија: agrarmotive/imago images

Сепак, Лаутербах му изрази целосна доверба на Вилер, а самиот Вилер ја прифати критиката со хумор: „Денес ми е роденден, имам среќа да го славам мојот 61 роденден овде, со вас. Што може да биде поубаво? Ние сме си толку прираснати за срце“. На министерот за здравство останува да одлучи дали Вилер ќе остане на функцијата или не. Лаутербах во вторникот не остави впечаток дека не сака да се држи до Вилер.

- повеќе: Вакцините им ги наполнија џебовите на бројни германски лекари

Во меѓувреме, од вторникот во Германија почна вакцинацијата во аптеките. Според Сојузот на германските здруженија на фармацевти, првично се вклучени само околу 500 од вкупно 18.500 аптеки. Според Улрих Вајгелт, претседател на Германскиот сојуз на лекари по општа медицина, кампањата не е ефикасна. „Во моментов нема недостиг од можности за вакцинација, туку преголема понуда“, вели лекарот.