1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Корона-вакцина за помалку од едно евро

Николас Мартин
23 ноември 2020

Предничат Модерна, Бионтек и АстраЗенека, но една германска фирма развива вакцина по најконкуретна цена. Трката за вакцините, барем за Михаел Пионтек сеуште е отворена, и покрај актуелната предност на конкуренцијата.

https://p.dw.com/p/3liKn
Deutschland | Coronavirus | Impfstoff Schott
Фотографија: Schott

Фирмите Модерна и Бионтек, а сега и Астра Зенека предводат во развојот на вакцина против корона. Таа наскоро би можела да се најде на пазарот. Претприемачот и научник Михаел Пионтек исто така работи на развојот на вакцина. Тој не е во толку напредната фаза како големите фирми. Сепак смета дека ќе има добри шанси бидејќи сака да се наметне преку цената.

Михаел Пионтек уште од времето на студиите работи со ќелии од квас. Неговата компанија Артес Биотекнолоџи веќе разви вакцина за Хепатит Б, а изминатите месеци работи на развој на вакцина против коронавирус. Го израдувале вестите за успешноста на вакцините од Бионтек и Модерна. Но, тој смета дека и неговата вакцина ќе има добри шанси бидејќи како што вели, имал предности во однос на конкуренцијата. „Како прво има докажана безбедност бидејќи веќе има вакцина на база на квасни ќелии. Располагаме со многу голема база на податоци. Знаеме дека функционира и никому не му наштетува. Друго е што со тој квас можеме многу евтино да продуцираме”, вели Пионтек.

Повеќе на темата:

Германија: „Веројатни“ се повеќе корона-вакцини„Бионтек“: Турското семејство кое ја создаде вакцината против коронавирусот

Вакцината против коронавирус на „Фајзер“ e 90% ефикасна

Дали Русија ги манипулирала податоците за вакцината „Спутник”?

Тој има различен пристап од големите фарма концерни. Пионтек ја продава лиценцата на партнери во Азија кои веќе имаат големо производство на вакцини за Хепатит Б. Тие може да се пренаменат и на тој начин да се произведува вакцина против Ковид-19 многу евтино за големи пазари. Пионтек нагласува дека од тие причини една доза е значително поевтина отколку кај Бионтек и Модерна, кои се најактуелни за короната.

Тече финалната клиничка фаза на корона-вакцината на Модерна

„Ние можеме да ја понудиме поевтино бидејќи знаеме врз основа на веќе развиена вакцина дека една доза може да се извади и за под едно евро, а сепак да се постигнат посакуваните маржи”, вели Пионтек. Тој објаснува дека не мораат да ги пресметуваат трошоците за 10 или 20 години работа на развојот и дека за разлика од компаниите кои се на берзата и во кои акционерите веќе имаат многу инвестирано и очекуваат поврат на средствата, неговата компанија веќе остварува добивка. 

Artes Biotechnology Coronavirus Forschung
Претприемачот и научник Михаел Пионтек развива вакцина против коронавирусФотографија: DW/N. Martin

Пионтек вели дека од предностите со ниските трошоци на производство може директно да профитираат клиентите, купувачот и пациентот.

Сепак, за да стаса дотаму има уште работа. Во моментов се завршени опитите со животни, додека пак фазата 2 и 3 од клиничката студија, односно тестовите на луѓе ги спроведуваат фирмите од Азија кои ја купуваат лиценцата бидејќи компанијата на Пионтек не е оспособена за тој дел од работите. Тој вели дека затоа и добивката му е помала отколку кај големите компании.

„За мене распределбата на ризик и добивка е многу урамнотежена. Секако дека лавовски дел од профитот ќе оди на пример во Индија кај некој производител, но човек треба да биде свесен дека и нивниот финансиски влог е многу поголем и без гаранција дека ќе добијат поврат на инвестицијата”, заклучува Пионтек.

Тој очекува дека вакцината развиена во Лангенфелд во Северна Рајна Вестфалија би можела да најде примена во втората половина од 2021, кога веројатно ќе има веќе и други вакцини на пазарот. Сепак смета дека неговата вакцина има и други предности на пример во однос на Бионтек, за чија што вакцина се потребни континуирани минус 70 степени за чување и транспорт. 

„Ако се носи во Индија или Африка и треба и таму да се обезбедат континуирано минус 70 степени, тоа тешко ќе функционира. Нашата вакцина пак дефинитивно останува стабилна и во нормален синџир на ладење, во обични фрижидери и тоа со месеци”. 

Пионтек објаснува дека тој и неговите партнерски компании имаат етаблирани логистички синџири кои се многу поевтини и обезбедуваат лесен транспорт и во најзафрлени делови од светот. Според него, за вакцината на Бионтек потребните услови не може да се обезбедат во три четвртини од светот и токму тие региони се неговиот таргет. 

Па така, трката за вакцините барем за Михаел Пионтек сеуште е отворена, и покрај актуелната предност на конкуренцијата.