1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конференцијата за Авганистан без нови импулси

Флоријан Вајганд / Превод: ЕМФ5 декември 2014

Ако авганистанските невладини организации и меѓународните хуманитарни организации останат и натаму поделени, нема да има нови пари од Западот, оценува Флоријан Вајганд.

https://p.dw.com/p/1Dzbe
Фотографија: picture alliance/Tone Koene

Ако веќе не знаеш како, основај работна група, или пак, на повисоко ниво, свикај конференција. Два дена невладините организации, хуманитарните организации и врвни политичари разговараа како со цивилни средства е можен излез од незавидната ситуација во Авганистан. Меѓутоа, иновативни идеи имаше ретко, иако беа ужасно неопходни.

Билансот на 13-те години меѓународен ангажман во Авганистан е поразителен. Земјата се‘ уште во најголем дел (90%) зависи од меѓународна помош. Корупцијата, криминалот и политичкото насилство се поимите кои светот го асоцираат на Авганистан. За три недели завршува досега најскапата мисија на НАТО и додека најголемиот дел од војниците вредно ги пакува своите работи во базите и во мислите се веќе дома, во земјата почнува нов бран насилство. Дали 13-те години ангажман и милијардите за помош беа попусти?

Не сосема. Се градеа училишта и се подобри образованието, пред се‘ на девојчињата. Благодарение на динамичната медиумска сфера и ширењето на смартфоните и интернетот, Авганистанците се поврзани со светот како никогаш досега. И, тие покажаа дека имаат волја и се способни за живот во демократија. Во долги редици чекаа да го дадат својот глас на претседателските избори и за време на шестмесечниот процес, со два изборни круга, покажаа бескрајно трпение. Изборни фалсификати имаше многу, но вината за тоа не ја сносат обичните избирачи, туку моќниците во Кабул и луѓето кои беа нивна продолжена рака во изборните комисии.

Deutsche Welle REGIONEN Asien Paschtu Dari Florian Weigand
Флоријан ВајгандФотографија: DW/P. Henriksen

Но меѓународните донатори се изморија. Во Лондон немаше нови ветувања. И веќе сега авганистанските невладини организации и меѓународните хуманитарни организации чувствуваат дека средствата се намалуваат. Владите на Запад даваат се‘ уште многу пари, но ги намалуваат своите буџети за изградба на цивилното општество и демократизација. Повеќе сакаат да инвестираат во хардвер, во резултат кој ќе биде видлив за даночните обврзници и избирачите дома. И нововетените милиони од Германија се фокусираат на изградба на патишта, електрификација, болници и, се разбира, безбедност.

Тоа нема да се промени ако авганистанските невладини организации и натаму „продаваат магла“ и секоја си ја „вари сопствената супа“. Нова програма за жени овде, мировна иницијатива онде - она што недостига е заедничка стратегија која ќе ги убеди донаторите и која ќе ги обедини сите сили. Тоа е итно неопходно, повеќе од само давање финансиски инјекции. Лондон тука не донесе напредок. Од развојот на живо, ангажирано и силно цивилно општество ќе зависи дали во земјата ќе може да останат либералните наставници, инженерите или новинарите. Можеби со оглед на секојдневното насилство се тријат очите, но волја за такво нешто се‘ уште има. Кога неодамна прашав еден млад колега од Кабул зошто и покрај дипломата од Оксфорд се вратил во Авганистан и сака и да остане таму, тој едноставно одговори: „Затоа што тоа е моја земја!“