Контактите преку интернет не се опасни за децата во ЕУ
16 декември 2010Можеби звучи банално, но колку поинтензивно е користењето на интернетот, толку поголем е ризикот да се соочите со некакви непријатни ситуации, како на пример, мејлови со сексуални понуди или пак заканувачки и навредливи коментари во социјалната мрежа „Фејсбук“. Како што покажа студијата, од ова се погодени 26 проценти од младите во Данска, додека пак во Германија се само 8 проценти. Но, најважното сознание што произлезе од студијата за директорот на Институтот за истражување на медиумите Ханс Бредов од Хамбург, Уве Хазебринк е нешто друго. Имено, широко распространетите контакти на интернет, пред се’ во социјалните мрежи, носат повеќе предности, отколку негативности: „Се’ поголем број деца тврдат дека се повеќе изложени на мобинг надвор од интернет мрежата.“
Тоа што младите Германци, во споредба со останатите млади луѓе во Европа, се покажаа како најдобро заштитени, објаснува Уве Хазебринк, се должи на подобрената програма за заштита за младите: „Денес во Германија речиси е незамисливо најважните интернет провајдери веднаш на првата главна страница од левата или десната страна да имаат линкови за еротски понуди. Порано имаше и такво нешто. Во Чешка и Естонија тоа не е така. Таквите понуди се разбира ја зголемуваат бројката на корисници, затоа што понудите се примамливи и лесно можат да се забележат. Така расте и љубопитноста кај младите да видат што е тоа.“
Потребна е селективност кај интернет понудите
И покрај сите позитивни сознанија на европската студија, организацијата „Заштита на младите дот нет“ не смета дека има причина за опуштање. Имено, голем број млади луѓе веќе се навикнале на различни состојби, кои според педагозите се недозволиви, се жали раководителот на организацијата „Заштита на младите дот нет“ Фридеман Шиндлер: „Голем број деца сметаат дека е нормално што се изложени на малтретирање во чет-форумите, кога ќе кажат дека се се’ уште деца. Или, пак, ако некој им прати порнографска фотографија. Ова покажува дека мора уште многу да се направи во оваа област“, вели Шиндлер.
Фридеман Шиндлер укажува на уште еден резултат од студијата „ЕУ кидс онлајн“, имено само половината од младите корисници на интернет знаат како се конфигурира профил страница во социјална мрежа. Затоа посебно се повикани на внимателност одговорните на некои интернет понуди: „Тоа значи, понудувачите мора да се погрижат за тоа нивните понуди побезбедно да се конфигурираат. Од друга страна потребни ни се програми, во кои младите ќе бидат обучени за мултипликатори и тие да им ги кажат најважните безбедносни стандарди на нивните пријатели, познаници и училишни другари. “
Најважна е заштитата на младите во интернет
За поголема безбедност во интернет се грижи и програмата „Побезбеден интернет“, основана од Европската комисија. Раководителот Рихард Светенхам одбива централистичко уредување на интерентот: „Се работи за тоа, одговорните во сите европски земји да се погрижат да ја прошират медиумската компетентност како за родителите, така и за децата. “
Она што младите најмногу ги фасцинира на интернет е многу брзото темпо, со кое се развива виртуелниот свет. Кој го познаваше „Фејсбук’ пред 5 години? Денес, на оваа платформа се пријавени 500 милиони луѓе. Се проценува дека на страниците на корисниците се меморирани 45 милијарди фотографии.
Автор: Марсел Фурстенау / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Горан Чутаноски