1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Техника

Конечно повеќе натпревар кај интернет пребарувачите?

Николас Мартин
26 декември 2020

ЕУ и САД планираат построги правила за технолошките гиганти. Конкуренцијата исто така се подготвува за една таква ситуација. Експертите се сигурни: Тоа може да биде најголемата лоби-битка во дигиталниот свет.

https://p.dw.com/p/3n0ju
Gabriel Weinberg, CEO von DuckDuckGO
Фотографија: DuckDuckGo

„Под фер услови Гугл со еден потег би изгубиле 20% од пазарниот удел."  За Габриел Вајнберг Гугл, неговиот пребарувач на интернет и системот по кој работат се финалниот противник.

41-годишникот е директор на ДакДакГоу, интернет пребарувач кој се рекламира со заштитата на приватната сфера и дека не сака да биде правосмукалка за податоци.

"Лошо е кога имаш решение, но те потиснуваат. Тоа мора да се реши", вели Вајнберг. Неговиот надмоќен конкурент беспотребно отежнувал на мобилни телефони кои користат Андроид систем да се употребуваат други пребарувачи. “Ти требаат 15 кликања додека нѐ поставиш како стандарден пребарувач нас”. Требало поедноставно да може човек да се одлучи кој пребарувач ќе го користи. “Сакаме само рамноправно да си ги мериме силите.”

Вајнберг со своите барања во САД одамна не е сам. Политиката застана на иста страна. Критиката за пазарната моќ на Гугл, Фејсбук, Амазон и Епл веќе не е позадинска музика, туку гласна сирена.

Повеќе американски сојузни држави го тужат Гугл и на матичната компанија Алфабет и префрлаат дека со нелегални методи ја бранат монополската позиција во онлајн пребарувањето и онлајн рекламирањето. Тужби се поднесени и против Фејсбук.

ЕУ планира голем удар

Тоа што во САД се прави на мала врата, во ЕУ сега се планира на голема сцена. Имено, се работи за комплетно преуредување на дигиталниот свет. Европската комисија сака да направи послободна конкуренција со носење на Закон за дигитални услуги и Закон за дигитални пазари.

Infografik Marktanteile der Suchmaschinen weltweit DE
Уделите на глобалниот пазар на интернет пребарувачите

На оној кој би се противел на регулативата, би можело да му се наметне парична казна до шест проценти од глобалниот годишен приход. Интернет активистот Маркус Бекедал меѓу другото и од овие причини смета дека  „ова ќе биде најголемата војна на лобисти во дигиталниот свет”.

Повеќе:

-Напад од ЕУ врз Гугл и компанија 

-„Сајбер бароните“ од Фејсбук, Амазон, Епл и Гугл на сослушување

-Корона-криза? Не за секого!

На страната aufnetzpolitik.org Бекедал веќе 20 години се занимава со бизнис практиките на технолошките гиганти. По долгиот “одмор со беззаконие”, властите сега требало да создадат законска рамка која ќе спречи големите концерни “од нивната доминантна положба на пазарот да може дополнително да ја зголемуваат нивната моќ.”

„Постои огромна асиметрија на моќта″

Предлогот на ЕК им забранува на платформите сопствените производи и содржини да ги пласираат приоритетно во однос на други понудувачи. Нивните објави и алгоритми мора да бидат потранспарентни за да може да се има увид кога што кому се рекламира. ЕУ како последно средство има на ум дури и разбивање на концерните, доколку не се држат до нејзините правила.

Ефективно оружје може да биде и тн.интероперабилност, односно отворање на системите на големите концерни: порака од Ватсап тогаш би можела да биде пратена и на пример на Телеграф.

„Тоа може да доведе до поголема конкуренција на пазарот за месинџер-услуги", вели Бекендал во разговор со ДВ.

Markus Beckedahl
Маркус БекедалФотографија: picture-alliance/dpa/S.Kembowski

И истражувачите и властите исто така треба да имаат подобар пристап до податоците од Амазон, Гугл и компанија. “Во моментов има огромна асиметрија на моќ. Платформите ги имаат сите податоци, достапни на нивните аналитички центри во реално време, додека властите тапкаат во темно.”

Но, иницијативата на Комисијата е речиси задоцнета. Гугл не само што е лидер на пазарот на пребарувачи, туку преку Јутјуб е водечки и на пазарот на видеа генерирани од корисници. Амазон покрај сервисот за испраќање пратки, ја проширува својата доминација и во клауд-бизнисот со Амазон веб сервис, АВС. (види графика). На социјалните мрежи пак доминира Фејсбук со својата платформа и Инстаграм, а со апликацијата Ватсап и на пазарот на “месинџери“.

„Едноставно сакаме фер конкуренција”

И Габриел Вајнберг од ДакДакГоу го следи развојот на ситуацијата во Европа. Неговата компанија е еден од основачите на Глобал Прајваси Контрол,  Алијанса која се грижи за заштита на личните податоци.

Тој веќе речиси 13 години работи на својот интернет пребарувач, а во меѓувреме има и 150 вработени. Според него, личните податоци се причината за она што „моментално не оди добро на интернет, а предизвикува и општествени проблеми”.

Точно било дека и неговиот пребарувач заработува од реклами, но за разлика од Гугл тие се воделе од пребаруваниот контекст, а не од профилот на корисникот. Вајнберг е убеден дека така се подобрува и квалитетот на резултатот од пребарувањето. „Сакаме насекаде низ светот при пребарувањето да се добијат исти резултати, а не да бидат зависни од вашите лични податоци.“

Вели дека неговиот пребарувач во моментов има по две милијарди барања за пребарувања месечно и рапидно расте, но уделот на ДакДакГоу на пазарот во споредба со конкуренцијата (види графика) е сѐуште занемарлив. „Да беше полесен пристапот до нашиот пребарувач, во Европа веќе би имале десет проценти пазарен удел.”

Од Европа во САД?

Маркус Бекедал од netzpolitik.org верува дека американската влада за сега нема интерес да преземе остри мерки против своите технолошки гиганти. „Тоа се компаниите со кои тие доминираат во светот.“ Сепак, построгата регулатива во ЕУ може да биде земена како пример за да станат погласни барањата за слични мерки. Тоа веќе се покажа и во однос на Општата уредба за заштита на податоци, ДСГВО. „Европа тука успеа да создаде дигитален стандард.“ Сепак, нештата нема автоматски да се свртат на подобро само благодарение на регулација. Тука на потег се и корисниците. „Со секој клик, со секое пребарување Гугл станува подобар.„

Директорот на ДакДакГоу, Вајнберг, се надева дека ќе има пофер конкуренција. Веќе забележувал и зголемен интерес за повеќе приватна сфера. Па така веќе има и гласини за откупување на неговиот пребарувач кои не сака да ги коментира. Вели само едно е јасно: „Во никој случај нема да се продадеме на Гугл.”