Комплетна слика за промените - по смените на директорите
24 јуни 2019Се листаат биографиите на кандидатите за министри, се дебатира, се прогнозира како би се снашле на чело на доверените ресори. Како и во секоја ваква пригода, мислењата се поделени. Едни им даваат доверба, други ги критикуваат номинираните министерски имиња. Најголемиот дел од забелешките се што во владиниот кабинет се предложени само четири нови лица: земјоделскиот инженер Трајан Димковски во ресорот земјоделство, менаџерот и консултант Насер Нуредини во животна средина, ревматологот Хусни Исмаили во култура, и во локална самоуправа - Горан Милевски, лидер на ЛДП и актуелен пратеник.
„Се тресеше гората, се роди глувче“, „Многу врева за малку нови лица“ се дел од критиките на листата за владина реконструкција.
Малку или многу? Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека процесот на промени мора да се гледа и анализира покомплексно, во пакет со смените и во другите ешалони кои ќе следат во наредните денови.
„Промената не е во обемот во кој ја очекувавме и ми наликува како времено решение. Но, дека ќе се наметне поголема динамика заради Заев - тоа е сигурно. Сигурно е дека има идеја. Но треба да почекаме, да видиме какви други промени ќе следуваат. Особено најавените промени на директорските позиции. Практично, по тие смени ќе имаме многу покомплетна слика и ќе биде јасно во која насока ќе се одвива процесот“, вели Муслиу.
Со тие промени, како што најави премиерот, ќе бидат опфатени над 20 директори. Се шпекулира дека со позициите ќе се збогуваат директори на „важни“ места, пред сѐ во енергетскиот сектор, на клиники и други претпријатија.
Повеќе:
Заев го „исчисти“ Тевдовски, ќе ги среди ли и финансиите?
Реконструкцијата ќе зафати повеќе директори, отколку министри
Метла во континуитет: СДСМ воведува нов систем на делување
Андов: Заев се нафати на крупни работи
Сепак, најголемата дебата се разви околу тоа што премиерот Заев лично се „задолжи“ и со еден од најтешките ресори - финансии. Додека дел од економистите го критикуваат тоа решение, поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, смета дека таквата заложба треба да се поддржи.
„Тоа е добро решение. Критиките на опозицијата не се плодни. Треба да се има разбирање. Станува збор за ефикасност во работата. Ова е прва посериозна реконструкција на Владата. Премиерот ја прави и тој ја сноси одговорноста. Да не заборавиме - Заев се нафати на крупни работи и многу крупни работи заврши. Треба да им се даде шанса на промените“, вели Андов.
Но, незадоволство се јави внатре во коалицијата. Од партијата НДП на Весел Мемеди, чиј кадар беше досегашниот министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, а кој со реконструкцијата ќе биде заменет со Горан Милевски од ЛДП, реагираат дека ваквата одлука била донесена без нивна согласност.
„Министерството за локална самоуправа му припаѓа на коалициски партнер на Владата, тоа е нашата партија - НДП. Премиерот не може да одлучува без наша согласност ова министерство да му го додели на внатрешен партнер на партијата СДСМ, со кој има внатрешни проблеми, за да ги задоволи неговите коалициони партнери, а на штета на владината коалиција“, се вели во реакцијата на НДП.
Од партијата на Мемеди порачуваат дека ако премиерот е сериозен во неговата намера, како партија ќе донесат соодветна одлука и ќе одговорат со конкретен став, кој дополнително ќе го соопштат.
Козметика и магла
Критики се множат и од опозициските партии. Според ВМРО-ДПМНЕ, најавената „метла“ се претворила во магла.
„Метлата стана пердув за купување на време за Зоран Заев. Дека нема суштинска промена во Владата говори и фактот што во ресорите кај што имаше клучни неуспеси и проблеми, нема да има никакви промени. Во владата остануваат истите министри за здравство, образование, економија, транспорт и вицепремиер за економски прашања, што е гаранција дека хаосот во Македонија, за жал, ќе продолжи. Реконструкцијата на Владата е само козметичка измена со која нема да има промена на работата на оваа неспособна власт предводена од Заев. Со ова само се купува време до неминовниот пораз кој што го очекува Заев на претстојните избори“, критикува ВМРО-ДПМНЕ.
Не преостанува ништо друго освен предвремени избори, бидејќи нема надеж од оваа влада, порача и опозициската Алијанса за Албанците.
„Освен 3-4 наметнати промени како последица на оставките на министрите за култура и за земјоделие, како и поради отсуството од работа на Хазби Лика, ништо конкретно“, критикува партијата.
Оттаму потенцираат дека премиерот дека не покажал храброст да се ослободи од неспособните кадри во министерствата, кои не ги постигнале ветените резултати. „Не покажа храброст се ослободи од неодговорните, од кадри кои потпишуваат договори во четири очи, од кадрите кои им даваат тендери на штотуку регистрирани фирми, од кадрите кои ја користат функцијата министер во корист на нивните приватни фирми, од кадри кои се во состојба да го прекршат законот за лични придобивки“, порачаа од Алијанса за Албанците.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери за среда ја закажа парламентарната седница за предлозите на премиерот Зоран Заев.