1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Комисијата ќе го анализира растот на новозаболени

1 јуни 2020

Двајца македонски министри, еден советник и еден градоначалник од вчера се во самоизолација. На што се должи зголемениот број на новоинфицирани од коронавирусот?

https://p.dw.com/p/3d6BQ
Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Педесет и два, 35, 62... Бројките на новозаболени од Ковид -19 на крајот од мај се речиси идентични со оние од почетокот на април, во пресрет на очекуваниот пик на епидемијата. Најголемиот број на новозаболени се од Скопје, Тетово, Штип... Новите македонски биланси не останааа незабележани од црногорскиот Институт за јавно здравје, кој вчера го ажурираше списокот на 131 држава чии граѓани од денеска можат да влезат во Црна Гора. На списокот повеќе не се Северна Македонија и Ирска, каде што стапката е зголемена на 25 пациенти на 100.000 жители.

На што се должи зголемениот биланс - на укинатите мерки за ограничување на движењето, или е резултат на непочитување на мерките за заштита на граѓаните? Одговорот ќе го бара Комисијата за заразни болести, која на денешниот состанок ќе го анализира просекот од минатата седмица и на онаа пред неа, како и податоците од терен и денешните бројки, највува министерот за здравство Венко Филипче.

„Охрабрува тоа што новите случаи потекнуваат од исти мини каластери. Фигурираат исти презимиња на две-три семејства. Практично, сите нови случаи на заболени се членови на тие семејства, кај кои пред два дена беа утврдени заболени од Ковид-19. Охрабрува и тоа што имаме увид во кластерите. Од тој аспект, јас сум внимателен оптимист. Притоа, интензивно се тестира и непосредната околина на нивните контакти“, објаснува министерот за здравство. 

Nord-Mazedonien Skopje | Coronavirus | Entnahme Abstrich Corona-Test
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Довербата на тест

За таа цел викендов биле активни сите тимови на Центарот за јавно здравје –Скопје, со цел да извршат епидемиолошка анкети, идентификација на контакти и тестирања во општините Чаир, Сарај, Гази Баба, Аеродром... Фокусот на здравствени власти е ставен и на кластерот во Штип, каде има најмалку дваесетина заболени од еден конфекциски погон, поради што во самоизолација се 170 граѓани.

Повеќе:

-Скопје и Тетово во четврта фаза на трансмисија на коронавирусот

-Ковид-19: Трето продолжување на вонредната состојба

-Несовесноста ќе ја дотепа и економијата!

Додека се чека анализата, и евентуално нови препораки на Комисијата за заразни болести, веќе е извесно дека таа ја изгуби довербата кај еден партиски субјект - опозициската ВМРО –ДПМНЕ. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, на прес-конференција пред два дена побара да биде разрешена Комисијата за заразни болести, бидејќи смета дека работи за политички интереси, а не за здравјето на граѓаните.

„Морам да кажам дека многу сум разочаран од Комисијата за заразни болести и нивните проценки. Јас, а и целата јавност на почетокот безрезервно дадовме поддршка на нивната работа, затоа што верувавме дека се водат по Хипократова заклетва, ама се покажа дека тие се водат по Заевиот диктат. Повеќето се директори поставени од оваа власт предводени од докторот со политички амбиции Караџоски, и може да се каже дека во најголема мера ги сервисираат потребите и барањата на ‘Бихачка’ и Заев, наместо потребите на системот кој не покажа отпорност кон оваа деликатна здравствена ситуација. Затоа мора да биде разрешена оваа комисија и да се формира тело од непартиски професионалци“, порача Мицкоски. 

Двајца министри во самоизолација

Зголемувањето на борјките на новозаразени доаѓа во период кога лидерите на парламентарните партии имаат различни ставови за прашањето кога е најповолен период да се одржат предвремените парламентарни избори. Оваа дебата најверојатно дополнително ќе се засили, откако во билансите на заразени од Ковид-19 влезе и семејството на потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири. Поради партиската координација на која тој присуствувал во минатиот четврток, објавија дека одат во самоизолација министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, и посебниот советник за односи со јавност на претседателот на Владата, Марјан Забрчанец.

Утрово и потпретседателката на Владата, Мила Царовска, објави дека оди во самоизолција до 9-ти јуни, и покрај тоа што нејзиниот вчерашен тест бил негативен. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вчера изјави дека во последните 20 дена немал контакт со Зекири. ТВ „24“ соопшти дека од вчера во домашна самоизолација е нивната новинарка Душица Мрѓа, која во минатиот четврток ја водеше дебатната емисија во која учествуваа Зекири и Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев. Јанушев уште вчера објави дека се тестирал и дека резултатите на тестот за му се негативни.

Во самоизолација е и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој објави дека таа одлука е резултат на претходен контакт со лице кое во меѓувреме добило позитивен тест на Ковид-19.