Коми го опишува Трамп како „мафијашки бос“
13 април 2018Во својата нова книга поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми го портретира американскиот претседател Доналд Трамп како „мафијашки бос“, кој опстојува во „кожурец на алтернативна реалност“.
„Неговото раководење е трансакциско, водено од его и врз основа на лична лојалност“, пишува Коми во книгата под наслов „Повисока лојалност: вистина, лаги и лидерство“, која ќе биде објавена следната недела.
Трамп го отпушти Коми во мај 2017 година додека ги истражуваше можните врски меѓу кампањата на Трамп и Русија. Кусо потоа, Роберт Милер беше именуван за специјален обвинител со задача да ги истражи обвинувањата дека Москва се мешала во претседателските избори во 2016 година. Таа истрага во меѓувреме е проширена и со прашањето дали претседателот сакал да ја попречи правдата со отпуштањето на Коми.
Што пишува Коми во книгата?
Извадоци од книгата објавени од Вашингтон пост вклучуваат остри осуди на претседателството на Трамп, меѓу нив:
- „Средбите со Трамп ме потсетија на раните денови од мојата кариера како обвинител против мафијата“
- „Тивкиот круг на одобрување. Босот има целосна контрола. Заклетвите на лојалност. Светогледот ние- против- нив. Лажењето за сѐ, малечко или големо, како служба кон некој код на лојалност кој ја става организацијата над моралноста и над вистината“.
- Претседателството на Доналд Трамп е закана за она што е добро во оваа нација“.
- „Овој претседател е неетичен, и незаинтересиран за вистината и за институционалните вредности“.
Поранешниот шеф на ФБИ тврди дека Трамп не препознава разлика меѓу добро и лошо и дека се обидел да ја замагли линијата меѓу спроведување на закон и политика, обидувајќи се лично да му изврши притисок да ја прекине истрагата за руското мешање во изборите.
Коми тврди дека Трамп бил опседнат со обидите да ги дискредитира озборувањата дека и бил неверен на својата сопруга Меланија, и особено за наводното видео снимено во хотел во Москва во кое тој уринира врз креветот заедно со руски проститутки.
Белата Куќа досега не реагираше директно на наводите на Коми, но Републиканскиот национален комитет неделава отвори интернет-страница наречена „Лажгото Коми“, во обид да ја дискредитира неговата книга.
Во минатото, Трамп често го опишуваше Коми како „фалбаџија“ и „лажго“.