1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку треба да заработиш за да бидеш богат во Германија?

21 ноември 2020

Голема куќа со базен, луксузен автомобил во гаражата: тоа се најчестите дефиници за (материјално) богат човек. Но, во Германија, за таквиот статус е потребно далеку помалку.

https://p.dw.com/p/3ldkr
Symbolbild Luxus
Фотографија: imago/Felix Jason

Кога можам да се сметам за богат? Кога ќе го паркирам своето „Ферари“ пред вилата? Веројатно. Но согласно научните истражувања, за богат во Германија може да се смета оној, кој заработува 5.700 евра нето месечно. Таа граница е формулирана од Сојузното министерство за труд и социјална политика во одговор на прашањето „Кој е богат“, според формула базирана на просечниот приход.

Просечниот приход, според кој граѓаните се делат на сиромашни и богати, исто така е определен - во Германија тој е 1892,75 евра месечно. Кога тој приход тројно ќе се зголеми, се доаѓа до споменатата сума од 5.700 евра. Податоците на министерството укажуваат дека во анкетите, половината од Германците го посочуваат приходот од над 5.000 евра како доказ за богатство, односно, тоа е магичната граница.

Што е со двојките?

Истражувачите од Институтот на германската економија во Келн велат дека една двојка без деца се смета за богата со нето приход од 7.300 евра месечно, односно бруто приходот на двајцата треба да достигнува околу 10.000 евра. За двајца квалификувани специјалисти или лица со високо образование, кои веќе напреднале во кариерите, тоа е сосема реалистично.

Норвешка: Кога богатството ја загрозува благосостојбата

Оној што сака да се најде меѓу горните 10 проценти, треба да заработи самостојно над 3.200 евра месечно, согласно проценките на Сојузната служба за статистика. Институтот на германската економија ја определува таа граница на 3.529 евра. Повеќето луѓе на раководни позиции, вклучително и во државна служба, веројатно стигнуваат токму до таа бројка.

Притоа, според истите извори, најбогатите Германци (кои се 10 отсто од населението) располагаат со над половината од општественото богатство - 56 проценти. Вкупно во земјата има 1,46 милиони милионери, а нивното богатство се проценува на 4,66 билиони евра.

Плата и богатство

Платата е едно, а богатството сосема друго, иако нејзината големина е одлучувачка и за богатството. За разлика од приходот, богатството се акумулира преку правење заштеди. Во овој поглед, Германците не се рекордери - тие имаат просечна заштеда од 18.000 евра. Според проценките на Европската централна банка, просечната состојба на средната класа во општеството изнесува 70.800 евра, што го вклучува и недвижниот имот.

Според таа математика, дури и оној што поседува сопствен дом, може да се смета за богат. Иако е тоа далеку од луксуз.