1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се уште силни Американците?

Миодраг Шориќ / Превод: Жана Ацеска 14 ноември 2014

Самитот на АПЕК во Пекинг јасно ги покажа поместувањата во глобалниот распоред на моќта. Колку се уште силни САД? Колку е моќна Кина веќе денес? И кој ја гарантира стабилноста, прашува Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/1DmlF
Фотографија: Reuters/K. Kyung-Hoon

САД се последната преостаната светска сила - овој стереотип, често употребуван по крајот на Студената војна, е погрешен. Точно е дека Советскиот сојуз пропадна, а со него и поранешниот Источен блок. Од 1991 година живееме во светски поредок во кој главно првиот збор го има Вашингтон. Но, во меѓувреме и други големи сили им ги покажуваат границите на Американците. На пример Кина, која самоуверено ја артикулира својата претензија на моќ во Азија. А Американците ја сфаќаат сериозно, како што покажа посетата на Барак Обама во Пекинг на самитот на АПЕК.

Паѓа в очи колку инаку ладниот, дистанциран американски претседател, се грижеше за воспоставување лична врска со кинескиот партнер. Патем, не само при неговата најнова посета на Кина, туку и претходно, при посетата на Ши на Калифорнија. Залудно. Ши при договорот за климата не направи вистински отстапки. Обама, напротив, вети дека САД ќе ја ограничат својата емисија на издувни штетни гасови. Иако неговото ветување е речиси неодржливо. Зашто, по последните избори, во Вашингтон зајакна моќта на републиканците, кои не се воопшто заинтересирани за нова климатска политика. Затоа, најавената намера на Пекинг за намалување на испуштањето штетни гасови е пред се‘- издуван балон.

Очигледни промени во тежиштата на моќта

Тоа што Обама ја врбува Кина покажува колку се поместени глобалните тежишта на моќта: кинеското стопанство за неколку години ќе биде поголемо од американското. Мисла, на која Американците допрва треба да се навикнат. Нивната економија, вистина, расте повторно, но САД се високо задолжени, нивната политичка елита раскарана, немоќна да носи одлуки и пред се‘ фокусирана на лична корист.

Во меѓувреме Обама во надворешната политика брза од една криза во друга: борба против Исламска држава, досега неуспешниот обид за развластување на сирискиот претседател, санкции против Кремљ, напори да го убеди Иран да не произведува атомска борба. Американскиот претседател притоа, дали во Авганистан или во северна Африка, постапува најчесто несреќно. Премиерите во Египет, Израел или Турција него едноставно го игнорираат. Оној кој како Барак Обама повлекува „црвени линии“, а потоа ништо не презема кога тие ќе бидат поминати, изгледа како слабак. Тој на своите сонародници не им дава чувство на несовладливост на САД. Тие и не се непобедливи, како што покажаа војните во Ирак и во Авганистан. Американците се мешаат во премногу воени жаришта. Тука Кинезите ги намирисуваат своите шанси од долгорочно слабеење на САД, исто како и Русите, Индијците, Иранците и многу други. #b

Партнери и ривали истовремено

Следствено на тоа, во догледно време Американците и Кинезите ќе бидат истовремено и партнери и ривали. Паралелно со економското зајакнување, Кина ќе се обидува да го потиснува и американското влијание, со помош на други држави, на кои американската хегемонија одамна им е трн в око.

Стратешки, Кинезите се во предност. Земјата е срцето на континентот со голем пазар и највисок растеж. Ако американското стопанство не заработи нешто на овој пазар, падот му е предвиден. Значи, во борбата за превласт во Азија не се работи веќе за трговски тарифи, климатска политика или соработка во одбранбените прашања, за кои се дискутираше на самитот на АПЕК.

Кој ја гарантира стабилноста?

Иако светскиот чувар на редот, САД, заслабуваат, останува интересот на Европа ова заоѓање да се одвива што побавно и порегулирано. При сите забелешки на сметка на американската ароганција и американското самоволно толкување на меѓународното право, САД на многу држави им донесе благосостојба и стабилност. Засега нема атрактивна алтернатива за американската доминација. Мултиполарниот свет, за кој Пекинг или Москва радо зборуваат, навестува помала, а не поголема стабилност.