Колку побавно, толку подобро
9 јануари 2015Модерната телевизија се обидува да збие што повеќе во што помалку време, за прилозите да изгледаат поживо и динамично. Во Норвешка, пак од неодамна се емитува нешто сосема различно. Таму има Сакте ТВ, односно, бавна телевизија. Случувањата на екранот течат полека.
До една црква во Трондхајм норвешкиот јавен сервис постави мобилно студио, од каде програма емитуваат продуцентот Петер Ингхолм Густавсен и неговиот тим.
„Идејата ни е да се отпее целиот псалтир, стих по стих. Тоа можеби на прв поглед изгледа чудно, но ние сметаме дека тоа е одлична идеја“, вели Густавсен.
Сите норвешки црковни песни и молитви во стихови треба да се испејат една по друга. 899 псалми, 60 часа непрекинато хорско пеење. Во живо, на телевизија.
Во аголот на екранот пишува која песна се изведува. Се’ мора да тече според временскиот план. Норвежаните воодушевено го следат преносот. Меѓу нив и семејството Сегтнан од Хемдал.
Тие сите пејат и со семејниот хор ќе настапат во програмата. Но бавната телевизија ги привлекува и поради друга причина. Хакон Солдал, зет во семејството Сегтнан, објаснува:
„Оваа програма уште малку повеќе не зближува, сите заедно го доживуваме тоа. Се чувствуваме блиски, можеби на екранот ќе видиме и некого кого го знаеме.“
Телевизиска програма како логорски оган за целата нација. Зашто, сите гледаат кога имат време, оти настапуваат хорови од целата земја, како овие пејачки и пејачи од лапонските племиња од северот.
Телевизијата НРК и пред неколку години реализира ваков мамутски проект: во живо пренесуваше патување на еден од типичните поштенски бродови - Хуртигрутен. Пет и пол дена без прекин. Тоа беше вистински хит меѓу гледачите.
Концептот на бавна телевизија го креира режисерот Томас Хелум и го спроведе и покрај бројните отпори во неговата телевизиска куќа.
„Сите наши теми се вкоренети длабоко во норвешката култура. Поради тоа и гледаноста е толку добра. Важно е дека луѓето во земјата се поврзани со тоа“, вели тој.
По 46 часа пренос во живо, во импровизираното студио се веќе по малку заморени. Продуцентот Густавсен оценува:
„Добиваме добри реакции, социјалните мрежи ни се важни и тие се полни со позитивни коментари во кои се фали нашата емисија.“
Што ако не се придржуваат до временскиот план, ако на крајот сепак го пречекорат? „Не е важно“, вели Петер, раководителот на проектот. „Едноставно ќе си дадеме доволно време.“