Колку и' е потребно на Германија надгледување на интернет?
18 јуни 2013Германската канцеларка Ангела Меркел е уверена дека и Германија мора да се заштити на интернет од можни напади на терористи. „Ние сме упатени на тоа, самите да преземеме акција, а не безусловно да им бидеме испорачани на терористите. А комуникацијата денес се одвива преку интернет“.
Александер Дикс е значително поскептичен. Тој е ополномоштеник за заштита на податоци во Берлин. Дикс пледира за поголема воздржаност при собирањето податоци. „Не мора да се биде некој теоретичар на заговор за да се претпостави дека податоците кои ќе бидат собрани за заштита од тероризам ќе бидат користени и во сосема други области.“ Одбраната од тероризмот стана „преовладувачки убиствен аргумент“.
Собирач на податоци - Германската тајна служба
Германската тајна служба БНД, според актуелните закони, смее да проверува до 20 проценти од комуникацијата меѓу Германија и странство дали таа има сомнителни содржини. Досега БНД, поради технички проблеми, анализира наводно само 5 проценти од сообраќајот на податоци. Притоа, БНД филтрира податоци на централните раскрсници и ги пребарува по одредени зборови.
Сега одделот кој ја извршува оваа работа треба да добие засилување. Од буџетот на БНД пет милиони евра треба да бидат пренаменети за да се спојат силите против сајбер-нападите во Германија. Ова го потврди еден владин портпарол.
Портпарол демантираше дека постојат наводни планови за уште помасовно проширување на активностите за надгледување. Неделникот „Шпигел“ објави дека владата подготвува програма вредна 100 милиони евра. Со тие средства во наредните пет години би требало да биде засилен одделот „Техничко разјаснување“. Портпарол на БНД, на прашање на ДВ, одби секаков коментар за овој извештај.
Сива зона - тајната служба
За масовно проширување на контролите, според гледиште на ополномоштеникот за заштита на податоци Дикс, недостасува правна основа. И веќе сега, смета Констанце Курц од „Хаос компјутер клуб“, тајните служби се движат во непровидна сива зона. „Тоа се зони каде прилично преовладува беззаконие, каде никој сериозно не проверува што прават тајните служби“.
Парламентарното контролно тело на Бундестагот, кое е надлежно за БНД, не можело „да спроведе вистинска контрола“, смета Курц. Ова тело се состои од дванаесет пратеници. Но тие се обврзани да ги чуваат тајните информации пред јавноста. Исто така и политичарот од Зелените, Ханс Кристијан Штребеле, член на ова надзорно тело, смета дека тоа биле „рудиментарни“ контроли. Честопати, како што вели Штребеле, германската влада не информирала за важни постапки, делумно дури информирала и погрешно.
Всушност секој граѓанин, кој е надгледуван од БНД, мора да биде информиран. Додека стигне таква информација, меѓутоа, често минуваат години, нагласува експертот за заштита на податоци Курц.
Заштита на приватната сфера
Масовната програма за заштита на податоци на американската тајна служба НСА, плановите за проширување на германската БНД, октоподите за податоци „Гугл“, „Фејсбук“ и останати - се чини дека на интернет повеќе нема вистинска приватна сфера. Но, оној што се грижи за своите податоци не мора веднаш целосно да се повлече од интернет.
„Може да се направат многу работи“, вели Констанце Курц, „и дури е многу важно да се направи нешто. Техничката заштита на комуникацијата стана релативно едноставна.“ Имеjл-пораките или телефонските разговори можат да бидат кодирани, движењето на интернет да се анонимизира. Постапките, како што се тврди, се сигурни и по правило не ја успоруваат комуникацијата. Соодветните програми за тоа се бесплатно достапни на интернет.
Многу луѓе не ја сфаќаат сериозно зaканата, смета Курц, не сметаат дека се тие погодени. Притоа секој би можел да се заплетка во конците на собирачите на податоци на тајните служби. Дури и лицата кои според својата професија се обврзани да чуваат тајни како новинари или адвокати, небрежно се однесуваат со своите податоци. Исто важи и за претпријатијата. „Таму програмите за кодирање би морале да се обврзувачки“, бара Курц. Конечно индустриската шпионажа е вообичаена и кај тајните служби.