Колку е силна Боко Харам?
15 октомври 2014Никој не знае колку е голема Боко Харам, колку борци има. За хиерархијата во рамки на терористичката организација е познато малку. Малку конкретно се знае и за оние кои и‘ даваат поддршка на Боко Харам. Меѓутоа, факт е дека терористите од оваа групација се‘ почесто напаѓаат на североистокот на Нигерија.
„Секој ден, секој час луѓето губат свои роднини. Секој ден станува полошо, секој ден. Не знам што сакаат. Тие едноставно се терористи“, вели жена, која е една од повредените во напад со автомобил бомба извршен во мај годинава во Џос.
Оваа жена го преживеа нападот на бомбаш самоубиец, кој и‘ се припишува на Боко Харам. Џос се наоѓа на североистокот на Нигерија. Во сојузните држави Борно, Јобе и Адамава во Нигерија речиси и не минува недела без да се случи напад. Во меѓувреме самоубиствените напади се дел од стандардниот репертоар. Боко Харам освои оклопни возила, тешко вооружување и друга техника од нигериската армија. Кога во јуни терористите го нападнаа и, според сопствени наводи го освоија, градот Гвоуза, на интернет ставија видео снимка од нападот.
Тоа е пропаганден материјал за да се покаже: ние сме силни, имаме успех, го освоивме градот Гвоуза. Нигериската армија веќе година и половина се обидува воено да ја победи Боко Харам. Успехот е малку видлив. Дали терористите ги имаат освоено Гвоуза и други места во земјата? Дали ги држат тие места под своја окупација? Генералмајорот Крис Олукаладе, портпарол на армијата на североистокот на Нигерија, вели:
„Целиот регион е и натаму дел од нашето подрачје на оперирање. Ние веќе не оперираме само на копно, туку и во воздух. Овие операции продолжуваат. Тоа е се‘ што можам да кажам.“
Се јави „мртвиот“
За тврдењата дека Боко Харам наводно држи во свои раце одредени територии нема ниту демант ниту потврда. Лидерот на организацијата Абубакар Шекау пак го тврди токму тоа во пропагандните видеа на терористичката група. Тој тврди дека владее со калифат. Овој човек од страна на нигериската армија само што беше прогласен за мртов и тоа веќе по втор пат. И по вторпат „мртвиот“ повторно се појавува пред камери со свои пораки.
Боко Харам се претставува како чувар на вистинската исламска вера. Терористичката организација постојано го менува начинот на постапување и притоа очигледно копира и други. Онака како што сега т.н. Исламска држава или терористите на северот на Мали полагаат врз тоа да имаат одредена територија трајно во свој посед. Клемет Нванкво од нигерискиот Центар за политичко и правно советување оценува дека тоа е пресвртна точка: „Порано имаше спорадични напади. Но сега, со окупација на цели територии, се стигнува на сосема ново ниво. Нам Нигеријците полека ни ’светнува’ дека земјата е во војна, во граѓанска војна, без оглед што тврди владата. “
Нигериската влада се однесува во најдобар случај - збунувачки. Таа некогаш бара преговори, некогаш и‘ се заканува на Боко Харам со тотално уништување. Но и двете работи не се случуваат. Во меѓувреме се зголемува загриженоста околу интернационалната димензија на теророт на Боко Харам. Нигерија и нејзините соседи - Камерун, Чад, Бенин и Нигер, сакаат до ноември да создадат заеднички погранични трупи против терористите. Зашто, Боко Харам се‘ почесто и подрско напаѓа и во соседните земји.
Од каде доаѓаат парите?
Терористичката организација очигледно се финансира од земање заложници, пари од уцени на бизнисмени и напади врз банки. Претседателот на соседен Нигер, Махамаду Исуфу, во едно интервју за француската телевизија ТВ5 Монд изнесе и уште едно сомневање: „Се чини како во нашите земји да оперираат и невладини организации кои наводно финансираат мировни проекти, но мора да се погледне попрецизно и да се види каде тие пари на крајот завршуваат.“
Претседателот на Нигер не сакаше да каже ништо подетално, но неговите сомнежи очигледно се насочени кон донаторите од државите во Заливот. Сосема јасна соработка на Боко Харам со други терористички групи досега не е докажана. Колку навистина е силна терористичката организација не знае никој точно. Но таа е доволно силна за да ја покаже нигериската армија како неспособна и да примора пет држави во регионот на воена соработка.