1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Колективниот имунитет станува „мит“ поради сојот Делта

СН/агенции
11 август 2021

Идејата дека имунитет на стадото може да се постигне со вакцините против коронавирус е „митска“, оценува директорот на Оксфордската група за вакцини. Причината е преносливоста на сојот Делта.

https://p.dw.com/p/3ypcm
Deutschland I Beginn der Sommerferien Berlin
Фотографија: Christophe Gateau/dpa/picture alliance

Постигнување на колективен имунитет не е можно со оглед на актуелниот делта сој на коронавирусот, изјави професорот Ендрју Полард, раководител на тимот за развој на вакцината во Оксфорд, кој смета и дека трета доза од вакцината против Ковид-19 во моментов не е потребна.

Тој рече оти фактот дека вакцините не го запреле ширењето на вирусот значи оти колективниот имунитет е „мит“.

Како што објасни, јасно е дека сојот Делта може да ги зарази и вакцинираните луѓе оневозможувајќи да се постигне колективен имунитет дури и со висок процент на вакцинација, пренесува англискиот весник Гардијан.

Großbritannien Oxford | Coronavirus | AstraZeneca Impfstoff
Ендрју ПолардФотографија: Steve Parsons/empics/picture alliance

„Проблем е што овој вирус не се мали сипаници. Ако 95 отсто од луѓето се вакцинирани против мали сипаници, вирусот не може да се шири во популацијата“, рече Полард пред британската парламентарна комисија. 

Повеќе:

-Колективен имунитет кај 85 отсто од населението ќе не спаси од Делта мутацијата

-Делта-варијантата го загрозува постигнувањето имунитет на стадо

-Ковид: По третиот бран, европско лето со колективен имунитет?

„Варијантата Делта и натаму ќе ги инфицира и луѓето кои се вакцинирани. И тоа значи дека секој што сѐ уште е невакциниран во одреден момент ќе има контакт совирусот ... и немаме ништо на располагање што [целосно] ќе го запре тој пренос “, истакна Полард порачувајќи дека токму затоа програмите за вакцинација не треба да бидат фокусирани на постигнувањето на колективен имунитет.

Што треба да се знае за сојот Делта?

Иако постојните вакцини се многу ефикасни за спречување на сериозни заболувања и смрт од Ковид-19  тие не спречуваат целосно вакцинирано лице да биде заразено со сојот Делта. 

Полард исто така смета дека трета доза од вакцината во моментов не е потребна и вишокот треба да се донира на други држави.

Тој истакна дека одлуката за вакцинирање со трета доза треба да се заснова на научни истражувања нагласувајќи дека засега не постои ниту еден доказ за зголемување на тешки облици на болеста и смртни случаи кај лицата кои примиле две дози од вакцината.