1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои земји доделуват државјанство по раѓање?

Кристина Бурак
1 ноември 2018

Доналд Трамп изјави дека децата родени на американско тло не треба автоматски да добијат државјанство, тврдејќи дека САД се „единствена земја во светот“ која го прави тоа. Американскиот претседател не е во право.

https://p.dw.com/p/37VoZ
Reisepass USA
Фотографија: Fotolia/Greg Blomberg

Во последните денови пред меѓуизборите во САД, претседателот Доналд Трамп побара да се укине автоматското доделување на државјанство по раѓање на оние кои се раѓаат на американско тло, кое сега се гарантира со закон. Ова важи и за деца на не-Американци, без разлика дали имаат легален или нелегален престој во земјата.

„Ние сме единствената држава во светот, каде што може некој да дојде, да се породи и со тоа бебето автоматски станува државјанин на САД“, изјави Трамп.

Всушност, САД е една од бројните земји кои автоматски доделуваат државјанство на лицата кои ќе се родат на нивна територија, без да треба да исполнуваат други услови. Ова право се смета за безусловно или нерестриктивно право за државјанство по раѓање, кое правно е се нарекува „jus soli" (државјанство според територијален принцип). Но територијата исто така може да биде условна, аргументираше Трамп во средата, додавајќи дека тоа може да важи и за САД. За тоа се повика на 14. амандман на американскиот Устав. Државјанство по територијален принцип е различно од државјанство по потекло, кога децата го наследуваат државјанството од родителите.

Повеќе: Русинки раѓаат бебиња во САД заради државјанство

Кои земји доделуваат безусловно државјанство според раѓање?

Покрај САД, уште 29 земји во светот во моментот доделуваат автоматски државјанство на сите кои ќе се родат на нивната територија, освен деца на странски дипломати или непријателски сили кои ја окупирале земјата. Тоа се: Антигва и Барбуда, Аргентина, Барбадос, Белизе, Бразил, Канада, Чад, Чиле, Куба, Доминиканска Република, Еквадор, Ел Салвадор, Фиџи, Гренада, Гватемала, Гвајана, Хондурас, Јамајка, Лесото, Мексико, Пакистан, Панама, Парагвај, Перу, Свети Кристофер и Невис, Света Луција, Свети Винсент и Гренадини, Уругвај и Венецуела.

Правниот систем на овие земји најчество произлегува од англиското законодавство, каде што е развиен принципот на државјанство по раѓање, или мерката со која се регулира државјанството се презема со цел да се привлечат граѓани од други земји да го преземат нивното државјанство, како што се земјите од Централна и Јужна Америка.

Infografik Staatsbürgerschaft Geburt EN

Кои земји доделуваат условено државјанство според раѓање?

Многу земји доделуваат државјанство на лица кои се родени на нивна територија, но тоа е условено со исполнување на дополнителни критериуми. Како на пример, едниот родител мора да биде државјанин на земјата или со дозволен престој. Уставот на Доминиканска Република точно пропишува дека не им се дава државјанство на деца на лица кои илегално престојуваат во земјата. Уставот на Малезија пак вели дека дете родено на нивна територија мора да биде на лица со постојан престој. Други земји, меѓу кои се Австралија, Колумбија и Ирска, пак доделуваат условено државјанство според раѓање.

Дали има случај на земја која ја променила регулативата?

Да, многу земји имаат направено промена на нивните закони, и тоа во насока на усложнување на условите под кои се издава државјанство. Пример за тоа е Франција, каде до 1993 година важеше правилото за државјанство по раѓање, за разлика од другите европски земји. Децата родени во Франција од родители странци сега мора да поднесат барање за француско државјанство кога ќе наполнат 18 години, наместо како претходно тоа да го добиваат по раѓање како што беше порано. 

И Велика Британија во 1983 година ги промени критериумите за доделување државјанство, со кои сега се бара најмалку едниот родител да има легален престој во земјата. Индија и Малта пак целосно го укинаат доделувањето на државјанство по раѓање.

Германија, од друга страна, пак малку го олесни доделувањето на државјанство во последниве години. Ако порано државјанство се доделуваше исклучиво според потекло, односно според националноста на родителите, од 2000-та година децата на родители странци во Германија може да побараат државјанство според раѓање ако барем едниот родител имал најмалку три години постојан престој и во Германија живеел најмалку осум години.