Кога институциите ќе „заспијат“
28 март 2022Државното правобранителство барало Јавното обвинителство да го гони бизнисменот Сеад Кочан за злоупотреба на службена положба и овластување, бидејќи останал да се брани од слобода во предметот „Труст“ со гаранција во имот кој бил замрзнат, откако претходно успеал да го префрли од неговата „Трансмет“ на „ТВ Нова“.
Дел од тој имот преминал во сопственост на „ТВ Нова“, непосредно пред Судот да го прифати барањето на Обвинителството за замрзнување на неговиот имот. Имено, Кочан го сторил тоа, иако знаел дека тој имот ќе биде предмет на забрана заради идна конфискација. Правобранителството барало да се испита постапката за продажба на конкретениот имот од „Трансмет“ кон „ТВ Нова“ и да се утврди од каде се уплатени средствата за него.
Сеад Кочан е еден од осудените во случајот „Труст“ на СЈО. Основниот кривичен суд - Скопје го осуди на шест години затвор, а скопскиот Апелациски суд му ја намали казната на четири години и 8 месеци. Во предметот Кочан беше осуден за лажирање документација за учество на тендер на државната компанија ЕЛЕМ (сега ЕСМ) во вредност од 17 милиони евра за ископување јаловина и јаглен од рудникот „Суводол“ во Битола, и тој во моментов ја одлежува затворска казна.
Средствата од продажба на одземениот имот на Кочан (17 милиони евра), се очекуваше да бидат првите кои ќе го завртат бројчаникот на Триумфална порта. Сега се нижат прашањата дали тој имот е изгубен и дали некој згрешил?
Според извори од Обвинителството, тој имот е на РСМ.
„Гаранцијата била дадена од ‘ТВ Нова', но од денот кога Кочан почнал да ја издржува казната затвор, таа гаранција формално треба да биде тргната. Односно, имотот со кој ‘ТВ Нова' гарантирала, е во сопственост на РСМ", тврдат за ДВ извори од Обвинителството.
Зошто не го оспорил побарувањето на „Пуцко петрол“?
Претходно, Правобранителството барало одговорност за двајца поранешни обвинители на СЈО, затоа што дозволиле сопственикот на „Трансмет“ со замрзнат имот да гарантира дека нема повторно да избега. Од Обвинителството велат дека критиките се упатени на погрешна адреса.
„Наводите на правобранителот немаат допирна точка со фактичката ситуација. Напротив, Обвинителството бараше и доби притвор за Кочан, а Судот го пушти со гаранција. Имотот, кој е предмет на гаранција определена од Судот, а кој е и предмет на конфискацијата, сега е во сопственост на РСМ и нема никаква штета во кој било контекст“, велат тие.
Според нив, сета „врева“ најверојатно е резултат на епилогот на друга постапка - тоа што дел од запленетиот имот на „Трансмет" е преземен од „Пуцко петрол" во период меѓу првостепената и второстепена постапка, иако во судот се воделе постапки за спорните нотарски договори склучени откако државата веќе со судска пресуда го добила имотот на „Трансмет" стекнат со кривични дела.
„Постапувањето на правобранителот во стечајот на ‘Трансмет' веројатно e поводот за неосновани напади врз Oбвинителството. Toj треба да каже зошто не го оспорил побарувањето на ‘Пуцко петрол' за разлачно право од стечајната маса на ‘Трансмет', иако стечајниот судија му укажал на правобранителот дека имотот врз кој се воспоставува заложното право е опфатен со пресудата за конфискација“, велат нашите соговорници.
Реакција отпосле
Разлачно право е право на првенствено намирување на доверителите од имотот во висина на долгот на должникот. Права за намирување од продажбата на стварите имаат и доверителите, доколку правобранителството во меѓувреме не успее да ги добие споровите со кои бара поништување на правните акти, со кои тие стекнале право да се намират од предметите на конфискацијата.
„Во моментот кога од страна на стечајниот управник е утврдено разлачното право на ‘Пуцко петрол' врз ствари кои со првостепена пресуда се опфатени со конфискација, и кога од страна на судот на правобранителот му е посочен тој факт, правобранителот требало да го оспори побарувањето. Во тој случај, во постапка пред Суд би се добил чист имот без товар на Република Северна Македонија, затоа што имал правно релевантен основ РСМ да го добие случајот, но тоа правобранителот од непознати прични го пропуштил", укажуваат извори од Обвинителството.
Дури после тоа, правобранителот поднел тужба во судот за поништување на правните акти - спогодбата со која „Пукцо петрол“ се стекнал со разлачно право, и таа е сега во првостепена постапка. Но, ова требало да се направи уште при утврдувањето на побарувањата во стечајната постапка.
„Во секој случај, имотот кој е предмет на конфискација е сопственост на РСМ на имотен лист и на останатите правно валидни документи за движни ствари. Од имотот на ‘Трансмет' кој е конфискуван, со негова продажба ќе се намирува и државата и останатите доверители, доколку се добијат споровите за некои од правните акти кои по закон се ништовни, а тоа е извесно. Тогаш и државата ќе приходува со значителен износ од конфискацијата“, велат нашите соговорници.