Ковид-вакцината ќе биде задолжителна за армијата на САД
10 август 2021Припадниците на американската војска од септември ќе мораат да примат вакцина против Ковид-19, според планот на Пентагон кој доби поддршка од претседателот на САД, Џо Бајден.
Министерот за одбрана на САД, Лојд Остин, рече оти овој рок би можел да се забрза ако вакцината добие конечно одобрување од Американската агенција за лекови или ако стапката на инфекции продолжи да расте.
Тој рече дека нема да размислува да предложи и друго темпо на вакцинација доколку за тоа има потреба, нагласувајќи го значењето на „здрава и подготвена“ војска. Претседателот Бајден допрва треба да ја одобри мерката. Сепак, чекорот се смета за чиста формалност. Претседателот на САД, имено, веќе го поддржа воведувањето на задолжителна вакцинација за американскиот воен персонал.
Повеќе:
-Што ако шефот ми нареди да се вакцинирам?
-Во Европа се разгорува спорот околу задолжителната вакцинација
-Вакцинација: Основните права не се привилегии
Според податоците на Пентагон, повеќе од 1,3 милиони мажи и жени служат во вооружените сили на САД, од кои околу 1,05 милиони се веќе целосно вакцинирани.
Бидејќи вакцините против коронавирусот во моментов имаат само одобрување за итна употреба, вакцинацијата против Ковид-19 сѐ уште не е задолжителна за американските вооружени сили- за разлика од имунизацијата со други вакцинации за кои има регуларно одобрување од Сојузната агенцијата за храна и лекови на САД- ФДА. Високи официјални претставници на САД, во последно време, изразија загриженост за оперативната подготвеност на армијата.
На крајот на јули, Белата куќа веќе ги заостри корона-мерките за вработените во федералните институции. Новите регулативи предвидуваат дека четирите милиони вработени во федералните власти мора или да се вакцинираат против коронавирусот или да почитуваат голем број мерки.