„Ковид 2“ кредити - капка во морето проблеми за стопанството
29 април 2020На македонското стопанство очајно му се потребни свежи и поволни финансиски средства за да го преживее ударот од пандемијата. Алармот за помош пишти сѐ погласно од повеќе страни. Се бара итно финансирање без комплицирани процедури и административни бариери, кои не само што ќе помогнат да се изгасне пожарот, туку и да се спречи потенцијална нова опасност. Во очекување на парите од ММФ, Светска банка, еврообврзницата, државата интервенира со микс на мерки во кои спаѓаат и бескаматните кредитни линии кои се делат преку Развојната банка.
Првата фаза од 5,7 милиони евра е речиси целосно исцрпена, а од денеска на располагање се ставаат дополнителни 8 милиони евра. Интересот за парите од т.н. „Ковид 1“ инструмент беше двојно повисок од она што се нудеше за фирмите кои беа први на удар - угостителството, транспортот и туризмот. За „Ковид 2“ се очекува уште поголема навалица:
„Сите средства од првата линија Ковид 1 ќе бидат искористени. Досега се одобрени кредитни апликации на износ од 4,7 милиони евра, а за кратко време ќе доставиме на потврдување до Владата обработени кредитни апликации и за остатокот од средствата, што е помалку од 1 милион евра. Би сакал да порачам, на сите компании што аплицирале последните две недели, од 10. април наваму, да не чекаат и да аплицираат и за Ковид 2. Исто така, компаниите кои при аплицирањето знаеле дека Јавниот повик не се однесува на нивната дејност, а сепак аплицирале, да аплицираат за Ковид 2. Документацијата во најголем дел е иста - она што е сменето е самата форма на кредитната апликација, а и има една изјава повеќе во врска со бројот на вработени", изјави за Дојче веле Кире Наумов, директор на Развојната банка.
Повеќе:
600 милиони евра за одбрана на економијата од коронавирусот
Коронавирус: Владата ќе жонглира меѓу потребите на државата, фирмите и работниците
Поскапа акциза- помало „нужно зло“ за справување со последиците од Ковид-19
„Ковид 2“ за сите!
Ова значи дека микро, малите и средни претпријатија од сите дејности ќе можат да аплицираат за новата линија бескаматни кредити во висина од 8 милиони евра. Со првиот повик, според податоците, помош добиваат 631 компанија со 5588 вработени. По структура, од вкупно одобрените кредити 76% се за микро претпријатија со до 10 вработени, 22% се за мали фирми со до 50 вработени, 1% за средни компании со до 250 вработени. Ова, според Наумов, покажува дека кредитите се наменски, нерестриктивни и ја постигнуваат целта:
„Целта беше да се обезбеди ликвидност на компаниите и средствата што ги имавме на располагање да стасаат до што поголем број компании и што помали компании. Тоа што најголем дел од компаниите, 305 од 631 одобрени, се микро компании до 10 вработени, е показател дека бескаматните кредити биле достапни и за оние што по дефиниција е најтешко да обезбедат финансирање“, објаснува Наумов.
Стопанството бара повеќе
Бескаматната кредитна линија е добредојдена, но сепак таа е далеку од доволна за целокупните потреби на стопанството. Во услови на глобален застој, допрва се очекува големиот удар за кој ќе биде потребно многу повеќе од средствата кои се ставаат на располагање преку Развојната банка:
„Ова што досега се одвојува морам да кажам дека е капка во морето проблеми. Разочарувачки е дека со две линии од вкупно 13,7 милиони евра кредити може да ѝ се помогне на економијата, а парите ќе треба и да се вратат. Дискутабилна е и поддршката во делот на висината на платите, што покажува дека македонскиот граѓанин секогаш треба да се држи до минималец, а зборуваме за зголемување на стандардот и сакаме да задржиме квалификувана работна сила. Излегува дека кризава нѐ натера да анализираме не само за здравствени и економски последици, туку и стратешки. Бидејќи, откако кризата ќе помине сите навики нема да бидат исти, ниту пак бизнисот ќе се води на ист начин“, коментира Миле Бошков, претседател на „Бизнис Конфедерација на Македонија".
Повеќе поддршка за помалку социјала
Оттука, според него, ќе биде многу погрешно, а можеби и фатално доколку се мисли само како да се преживее кризата. Сугерира паралелно да се работи и на сериозна стратегија за предизвиците кои ќе ги наметне пост-корона периодот:
„На луѓето сега им се потребни пари за да ги задоволат своите основни потреби и немаат од кого да чекаат помош освен од државата. За да можат да дадат плати, а има една друга работа што е многу поважна и што ќе се наметне во зависност од мерките на владата и препораките на Светската здравствена организација и Светската асоцијација за безбедност и здравје при работа поврзани со пандемијата. Веројатно ќе треба да го реструктуираме производството и да го прилагодиме на новите мерки за заштита и здравје при работа. Но за да го исполниме тоа, ќе требаат дополнителни пари, многу пари. А кај нас поголемиот дел од стопанството се микро и мали компании, а многу малку големи корпоративни фирми кои имаат знаење и пари за да се реструктуираат. Затоа, ако се нема план и пари за реструктуирањето, тогаш ќе треба да се бара пари за социјална помош. Но внимавајте, социјалната помош е постојана, а парите за реструктуирање се еднократни, или ајде - двократни. Па пресметајте што ќе биде покорисно за државата“, предупредува Бошков.
Големиот удар допрва претстои
Дека не смее да се губи повеќе време, алармираат и од Стопанската комора на Македонија. Првиот човек на најголемата бизнис асоцијација предупредува дека големите проблеми допрва доаѓаат, а прашањето за ликвидноста прво ќе затропа кон средината на наредниот месец:
„Од нас се бара енергична реакција во правец на реално информирање на Владата за моменталната состојба и очекуваме адекватен одговор за поддршка на компаниите во однос на така констатираните проблеми. Речиси е сигурно дека почетокот на јуни ќе го дочекаме во проблеми со извозот, бидејќи овој месец нарачките се сведени на минимум, што значи дека третиот квартал може да биде катастрофално лош. Според наши сознанија, на почетокот на јуни ќе има проблеми металопреработувачката индустрија, а од јули и останатите гранки. Се најавуваат и проблеми при увозот, со оглед на актуелната ситуација и кај добавувачите“, предупредува Бранко Азески.
Во вакви услови, бизнис заедницата очекува од Владата на едноставен и прецизен начин да изнесе со колку средства, во кои рокови и кои дејности ќе бидат поддржани:
„Исто така, јавно ќе соопштиме дека сме подготвени по завршувањето на кризата да партиципираме во враќање на средствата назад во државниот буџет. Ние успеавме јавно да ги наметнеме сите прашања кои ја мачат македонската економија, сите прашања кои долго време беа запоставувани, сите прашања кои можат да го најдат патот кон остварување на клучните цели – владеење на правото, елиминирање на корупцијата, целосна рационализација на сите субјекти во државата. Понатаму, ќе се сконцентрираме на главните барања за итна финансиска поддршка без големи администрирања и комплицирања, насочена спрема оние дејности и гранки кои што можат да ја рестартираат економијата после завршувањето на здравствената криза", укажува Азески.
Државата носи мерки и собира пари
Од досегашните мерки што ги донесе Владата, фокусот е на зачувување на работните места и поддршка за ранливите категории. Сепак, за посериозни зафати се чекаат и поголемите суми на средства од надворешни извори. Од она што досега е сигурно обезбедено како финансиска поддршка се 176 милиони евра од квотата од Меѓународниот монетарен фонд, 140 до 160 милиони евра од Светска банка, а се смета и на 160 милиони евра дополнителна помош од Европската унија.
Започнат е процесот за издавање и на еврообврзница, која може да изнесува и до 800 милиони евра со рок на доспевање од 10 години. Сепак, за точните суми, засега од Владата не прецизираат. Се следат понудите и условите на пазарот, а најверојатно целата оваа операција би се извршила во текот на јуни. Според најоптимистичките проценки, за покривање на ударот врз македонскиот буџет од кризата предизвикана од пандемијата ќе бидат потребни најмалку 1,3 милијарди евра.