1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ковачевски, Вучиќ и Рама на два ума дали да одат во Брисел

ДТЗ
21 јуни 2022

Одлуката дали да се оди на Самитот ЕУ- Западен Балкан се одолговлекува до последен момент. Најавите се дека дури утре попладне ќе се знае дали партнерите од Отворен Балкан ќе заминат во Брисел в четврток

https://p.dw.com/p/4D01E
Nord-Mazedonien  | Open Balkan Gipfel in Ohrid
Zoran Tegeltija, Vorsetzender des Ministerrats von Bosnien und Herzegowina, Aleksandar Vucic, Präsident von Serbien, Dimitar Kovacevski, Premierminister von Nord-Mazedonien, Edi Rama, Premierminister von Albanien und Dreitan Abazovic, Premierminister von Montenegro
Фотографија: Ladislav King/Government of North Macedonia

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговите колеги од Отворен Балкан се уште размислуваат дали да отпатуваат во Брисел, каде в четврток треба да се одржи Самитот на ЕУ и Западен Балкан. Одлуката се одложува до последен момент. И Ковачевски и Вучиќ на социјалните мрежи информираа дека во тек се консултации чиј исход ќе биде познат в среда (22.06). 

Во пресрет на претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан, Ковачевски, Александар Вучиќ и Еди Рама денеска одржаа вонреден состанок на Отворен Балкан. „Разговаравме за националните позиции на секоја од земјите, регионалните перспективи како и за динамиката на евроинтеграцискиот процес. Се согласивме дека по дополнителни интерни консултации, утре претпладне ќе ја донесеме финалната одлука за нашето учество на ЕУ-Западен Балкан самитот во Брисел“, информираше Ковачевски. 

Тој вели дека разговарале и за повеќе теми кои се важни за регионот и покренале иницијатива за Агенција за привлекување инвестиции на Отворен Балкан, која ќе овозможи дополнителен економски развој за регионот. Тема бил и претстојниот саем за храна вино и туризам кој треба да се одржи во Белград, како и повеќе други теми кои произлегле од последниот Самит на Отворен Балкан кој се одржа во Охрид.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на Инстаграм потврди дека утре попладне ќе биде објавена одлуката за учество на претставниците на Србија, Албанија и Северна Македонија на самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, кој ќе започне в четврток. 

Тој информира дека во текот на разговорот размениле мислења и за идните чекори на иницијативата „Отворен Балкан“ – саем на виното, каде ќе се соберат најдобрите винари од регионот, како и за наредниот состанок на кој ќе се разгледуваат бројни прашања од интерес за граѓаните. „Заедно се бориме за јасна перспектива на Западен Балкан, уште посилна соработка и подобро поврзување“, потенцира Вучиќ.

Министрите за европски прашања во рамките на работи денеска одржуваат средба во Луксембург, на кој една од главните теми ќе биде проширувањето на Унијата и пред сѐ иднината на кандидатурите на Украина, Молдавија и Грузија. На министерскиот состанок е предвидена и точка посветена за Западниот Балкан. Во пресрет на заседание на Советот за општи работи, во понеделникот (20.06) се одржа состанок на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ, на кој амбасадорите на земјите членки на ЕУ разговарале кусо за „францускиот предлог“ и преговарачката рамка за Северна Македонија.