Клима: Откажувањето не е опција
17 декември 2018Прашањето кое деновиве го поставува германскиот климатски експерт Ханс Јоахим Шелнхубер е оправдано: дали ваквите мамутски средби со илјадници учесници и неизбежните последователни преговори воопшто се функционални за решавање на проблемот со климатските промени? Особено ако се земе предвид дека заклучоците ги разбираат само стручњаците, а гасовите штетни по климата од 1990-те години, кога почнаа климатските самити, па сѐ до денес, се испуштаат во сѐ поголеми количества?
Државите се противат
Противречноста меѓу драматичните предупредувања на научниците и тоа што политичарите го преземаат за заштита на климата може да ви го помати умот. Во многу земји кои користат јаглен, меѓу кои и Германија,обновливите извори на енергија достигнаа голем удел во производството на струја. Но, јагленот и натаму е без конкуренција најевтин ресурс, барем додека не се воведат даноци за гасовите штетни за климата. А, арапските земји, САД, Русија, источноевропските земји и за жал и Германија се противат на такви даноци и политички наметнат прекин на користењето на јаглен и нафта - и покрај тоа што сите експерти знаат дека деновите на јагленот се избројани, а новите инвестиции се неисплатливи. Секаде растат емисиите од автомобилскиот сообраќај, авионите, бродовите. Затоа во моментов речиси ништо не се придвижува за заштита на климата.
За климатските самити нема алтернатива
Колку се корисни климатските самити? Најдобро е да се прашаат делегатите од Фиџи или повеќе африкански земји. Само тука, на климатските конференции на ООН имаат форум во кој воопшто некој ги слуша кога раскажуваат за заканата за нивната егзистенција. Освен тоа, до 2020 земјите сакаат да обезбедат 100 милијарди долари за заштита на климата, од кои 80 милијарди веќе се на располагање, а тоа севкупно се пари кои без климатските конференции не би ги имало.
Климатските средби конечно се дел од неколку преостанати форуми за мултилатерален обид да се решаваат глобални проблеми под покровителство на ООН. Тоа е една од причините поради која генералниот секретар Антонио Гутереш неколку пати ги опомена делегатите во Катовице да постигнат договор. Можеби ќе бидат потребни децении за да се види ползата од напорните конференции. Климатските промени се глобален проблем и само со заеднички пристап може да биде решен. Тоа честопати се споменува, но е и чистата вистина. Во 2020 стапува на сила договорот од Париз, кој е единствениот инструмент на меѓународните напори за заштита на климата. И затоа, и покрај сите нелагодности, климатските конференции мора да продолжат да се одржуваат и во иднина.