1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинкел за ДВ: Во Сребреница потфрливме сите

Јасмина Розе / превод: ЕМФ9 јули 2015

„Ние имавме одговорност, јас имав одговорност. Во моите очи потфрлија ОН, НАТО, ЕУ, потфрлив јас“, вели во интервју за Дојче веле Клаус Кинкел, поранешен шеф на германската дипломатија.

https://p.dw.com/p/1Fv1K
Фотографија: DW/M. Martinovic

ДВ: Господине Кинкел, од геноцидот во Сребреница минаа 20 години. Повеќепати имате речено дека тоа злосторство во „заштитена“ зона на ОН Ве преокупира повеќе од кога и да било досега. Зошто?

Клаус Кинкел: Јас последните години повеќепати укажував дека ми се останати две трауми од периодот кога бев германски министер за надворешни работи. Првата е Руанда, втората Сребреница. Траумите ми останаа затоа што како шеф на дипломатијата на една голема и не баш неважна земја имав чувство дека може да се стори релативно малку во запирањето на такви катастрофи. Се обвинувате себеси затоа што постојано се прашувате - зарем не можев да сторам повеќе? Тоа ме преокупираше и затоа минатата година ја посетив Сребреница. Порано како министер одев во Босна, но никогаш не бев во Сребреница.

Како можеше да се случи меѓународната заедница молкум да допушти да се случат масовни убиства во Сребреница?

Тоа не беше баш така. Повторувам, ние имавме одговорност, јас имав одговорност. Во моите очи потфрлија ОН, потфрли НАТО, потфрли Европската унија, потфрлив јас. Но не знаевме што точно се случуваше во текот на тие неколку дена во кои Младиќ стори тешко злосторство - зашто тој беше така да се каже оној кој тоа го спроведе по налог на Караџиќ - но тогаш за тоа не бевме свесни. Без оглед на тоа, и тука сте потполно во право, по се‘ целосно е несфатливо што меѓународната заедница не беше во состојба да го спречи тоа страшно крвопролевање.

Како е можно да немате информации за тоа што се случува во Сребреница?Вие пред доаѓањето на функцијата министер едно време бевте шеф на германската тајна служба БНД. Што работеа разузнавачките служби?

Со право го поставувате тоа прашање. Не знам веќе прецизно како тоа се одвиваше. Знам само дека не знаевме за стравотиите што таму се случуваа. Се сеќавам на холандскиот министер за надворешни работи чиј баталјон на ОН беше на лице место и имаше одговорност. Мислам дека ни тој точно не знаеше што се случува. Денес се прашувам зошто не знаеше. Не ги обвинувам тајните служби, зашто не ги знам деталите. Подоцна се разбира прочитав дека постоеле американски сателитски снимки на кои точно се гледа раздвојувањето на луѓето пред фабриката за акумулатори во Поточари. Наспроти неа се наоѓаат големите гробишта со 6.000 закопани жртви. Но се‘ се случуваше во само неколку денови и сателитските снимки не беа на маса наредниот ден за да може политички да се дејствува. Беше погрешно што НАТО не беше повикан напомош, односно повикан , но спречено е повикот да стигне до НАТО. Се разбира, беше погрешно да се стационира толку мал баталјон на ОН во Сребреница, па оттука не можам да ги обвинам Холанѓаните толку директно... иако - кога се‘ ќе прочитате - доста работи се многу чудни. Затоа холандската влада мораше да поднесе оставка.

DW TV Interview Klaus Kinkel
Клаус Кинкел во разговор со новинарката во босанската редакција на ДВ, Јасмина РозеФотографија: DW/M. Martinovic

Како го објаснувате фактот што главниот командант на трупите на ОН, францускиот генерал Бернар Жанвие, не го проследил во НАТО барањето на холандскиот баталјон за воздушни напади?

Тоа не знам. Но, ако тој не го проследил барањето до НАТО, тогаш дополнително мора да кажам дека тоа никако не го разбирам. Но, не знам дали тоа било баш така. Имам прочитано многу работи, тоа можеби е еднострано. Знаете, кога ќе се случи нешто толку страшно, тогаш секогаш се поставува прашањето како тоа да не знаевте, зошто не реагиравте поинаку. Не сакам да обвинувам никого, но едноставно мора да кажам: Да, ... сите потфрливме.

Што правеа во тоа време Вашите колеги, министрите од Холандија, Франција, Велика Британија? Зарем Сребреница не беше на дневен ред?

Се разбира дека беше...

И самите рековте дека убивањето траело повеќе денови...

Но, тоа не може да се спореди со денешната ситуација, каде разузнавачките врски и можности се многу подобри од тогаш. Навистина на нашите седници во Брисел не знаевме детали за Сребреница.

Рековте дека Американците имале сателитски снимки.

Но, се обидува да кажам дека тоа можам да го објаснам само со фактот дека морало да минат неколку денови додека тие сателитски снимки се обработат. Значи, не беше можно нешто да се случи денес, а информациите веќе утре да бидат во овалниот кабинет, на масата на американскиот претседател, британскиот премиер или германскиот канцелар. Но, тоа ништо не менува во фактот дека требаше поинаку да ја процениме ситуацијата која полека, но сигурно се заоструваше.

Господине Кинкел, добро се сеќавам на апелите на двајца членови на германскиот парламент - Кристијан Шварц-Шилинг и Штефан Шварц, од тоа време. Тие тогаш преку радио-аматери имаа контакт со градоначалникот на Сребреница и редовно го известуваа политичкиот директор во Министерството за надворешни работи Волфганг Ишингер. Дали Вие ги добивавте тие информации?

Видете, оттогаш минаа 20 години. Ме прашувате нешто што не можам да Ви го одговорам. Да знаев нешто за тоа, веднаш би Ви кажал. И самите гледате дека не се обидувам да сокријам ништо. Јасно гласно реков дека сите ние потфрливме, но и покрај најдобра волја не можам да се сетам на деталите. Ишингер беше соработник кој уживаше моја најголема доверба. Сигурен сум дека Ишингер би обрнал внимание ако знаел нешто и ако постоела макар и најмала шанса нешто да се преземе. Но на тоа не можам да се сетам. Тоа прашајте го него.

Во некои книги за распадот на Југославија на тогашниот француски претседател Митеран и на британската влада им се префрла дека имале тесни врски со Милошевиќ. Го делите ли таквиот впечаток?

Не! Знате, одлично се сеќавам како изгледаше расположението на глобалната политичка сцена. Секогаш, делумно од историски причини, Русија негуваше релативно тесни односи со српската страна, но тоа на некој начин го правеше и Франција. Во тие тешки години нам Германците постојано ни се префрлаше дека сме имале премногу пријателски односи кон Хрватска и Словенија. Меѓутоа, во пленумот на европските министри да надворешни работи и - колку што знам - на шефовите на држави или влади никој никому не можеше да му префрли дека со својот однос кон земјите од регионот на каков било начин овозможил вакви повреди на човекови права. Се разбира, српската страна тогаш имаше повеќе поддршка од некои од земјите, но никако немаше поддршка - тоа Ви го тврдам одговорно - за масакр или геноцидна оргија.

Кога би можеше да го вратит евремето - што би сте направиле поинаку?

Да знаев што се случува во Сребреница, сигурен сум дека во најмала рака би придонесол барем во Европа да дојде до вресок. Би рекол дека тоа не може да биде исправно. Тогаш би морале да се обидеме да преземеме нешто. Германија не беше и не е ниту денес во Советот за безбедност на ОН, но ние тогаш можевме како Сојузна Република Германија да го подигнеме гласот и да кажеме: Така веќе не оди, ве молиме помогнете!

Правникот и политичар на германските либерали Клаус Кинкел, 1936, беше шеф на западногерманската разузнавачка служба БНД од 1979 до 1982 година. На почетокот на деведесеттите беше сојузен министер за правда, а од 1992 до 1998 година министер за надворешни работи и вицеканцелар во владите на Хелмут Кол.