1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинескиот копнеж по воена моќ

Александер Фројнд/превод:бг9 март 2015

Кина повторно го зголемува воениот буџет. Тоа е во согласност со новата кинеска самодоверба. Но својата сила Кина може да ја демонстрира и на друг начин, смета Александер Фројнд.

https://p.dw.com/p/1EnUm
Фотографија: Reuters

Кина дефитивно нема воена моќ на супер-сила. На Пекинг досега, благодарение на економската сила, му успеваше во светот да се чуе неговиот глас, но кога се во прашање големите конфликти владее воздржаност. Во најмала рака, воена воздржаност. За Кина досега најголем приоритет беше да се достигне нивото на стопанството на индустриски најразвиените земји, но тоа сигурно ќе се промени, затоа што Кина во последниот период настапува со самодоверба и се‘ поагресивно. Притоа, Кина силно ќе го зголеми воениот буџет. Поради тоа расте загриженоста и тоа не само меѓу нејзините соседи. Кинеското раководство, донекаде и со право, укажува на тоа дека САД трошат многу повеќе пари за вооружување од Кина.

Остварување интереси по воен пат

Пекинг и натаму воено се чувствува во подредена позиција. Иако со преку два милиони војници ја има најбројната армија во светот, најсилната авијација во Азија и интерконтинентални ракети со нуклеарни боеви глави кои можат да погодат цели и во САД, на Пекинг не му е веќе важна само одбраната на земјата, туку и офанзивната заштита на неговите интереси. Затоа сега се инвестира повеќе во офанзивно оружје, на пример во носачи на авиони.

Alexander Freund DW-RADIO/DW-WORLD.DE Leitung Hintergrund NEU
Александер ФројндФотографија: DW/Christel Becker-Rau

Може да се каже дека Кинезите, освен на економско, имаат право и на воено приближување кон нивото кое го имаат најразвиените земји во светот. И другите две големи сили, САД и Русија ги остваруваат своите интереси по воен пат. Но, со истата логика се вооружува цела Азија. Се работи за растечка недоверба, но и за сѐ побрза одлучност да се напушти дипломатскиот и да се премине на воено решение на конфликтите. Тоа би можело да заврши со катастрофа, затоа што во моментов освен Кина, масовно се вооружуваат и Јапонија, Филипини, Индонезија и Виетнам. А Азија е и тоа како богата со потенцијал за конфликти.

Тенка линија меѓу одбрана и агресија

Кина сака повторно безбедносно-политички да се позиционира. Во тоа се вклопува и новиот антитерористички закон, кој на Пекинг му дозволува воено да интервенира во странство, доколку се загрозени неговите граѓани или националните интереси. И соседот Јапонија планира да донесе сличен закон. И таму конзервативно-националистичката влада смета дека пацифистичките ставови не се веќе во склад со времето, особено со оглед на наводната закана која во прв ред стигнува од Кина. Кој би можел некому да му го забрани правото на одбрана?

Антитерористичката борба во тој контекст звучи добро. Но, тенка е линијата меѓу одбраната на интересите и агресијата. Големите сили тоа досега повеќе пати го демонстрираа.

Зголемувањето на воениот буџет не значи дека Пекинг се вооружува за војна. Сѐ уште има време да се избегнат грешките од минатото. Во мнозинството азиски земји економскиот развој има поважна улога од територијалните спорови. Блиските трговски врски ја спречуваат ескалацијата и ја зајакнуваат соработката на база на доверба. Кога повеќето профитираат од тоа, националистичките хушкачи немаат шанса да успеат без оглед дали седат во Пекинг, Токио или Вашингтон. Затоа сега се бара освестување, бидејќи провокациите лесно би можеле да ја доведат состојбата вон контрола. Воздржаноста не мора да биде знак на слабост. Силата може да се демонстрира на повеќе начини. Кина одамна е супер-сила. Таа стана таква и без масовно вооружување.