1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина ја поддржува Русија против НАТО

ЕМФ | агенции
4 февруари 2022

Кинескиот претседател Ши Џинпинг ги поддржува руските барања за безбедносни гаранции. Кина и Русија бараат крај на проширувањето на НАТО на исток.

https://p.dw.com/p/46WsY
Eröffnungsfeier | Olympische Winterspiele 2022 | Peking, China
Фотографија: Alexei Druzhinin/AP/picture alliance

Рускиот претседател Владимир Путин допатува во Пекинг точно за свеченото отворање на Зимските олимписки игри. На средба со кинескиот претседател Ши Џинпинг тој нагласи дека односите на двете земји се развиваат „во духот на пријателството и стратешкото партнерство“. Кинеската државна телевизија ЦЦТВ го цитираше Путин со зборовите дека по познава Ши одамна: „Како добри пријатели и политичари, кои делат многу заеднички ставови за решенија на светски проблеми, секогаш негувавме блиска комуникација.“

Мирно решение за украинската криза

Ши, како што се вели, дал поддршка за руските барања во конфликтот околу Украина.Кина се залага за мирно решение во Украина, но, како што се нагласува, руските безбедносни интереси треба да бидат зачувани.

Ши и Путин отфрлаат проширување на НАТО на исток и потпишаа заедничка декларација „која ги рефлектира заедничките ставови на Русија и Кина за важните глобални проблеми, вклучително и безбедносните прашања“, соопшти Кремљ. Оттаму се потенцира дека постои „длабока загриженост“ за меѓународната безбедност.

„Ниту една држава не може и не треба да се грижи за својата безбедност изолирана од глобалната безбедност и врз грбот на безбедноста на други држави“, се вели во изјавата по средбата Ши-Путин. НАТО би требало да се откаже од „идеолошките пристапи на Студената војна“ и да ги почитува „суверенитетот, безбедноста и интересите на другите земји“.

China | Wladimir Putin und Xi Jinping
Фотографија: Aleksey Druzhinin/Sputnik/KremlinREUTERS

САД во средата (2.02) најавија дека ќе распоредат 1000 војници во Германија и Романија. И Франција испраќа свои војници во Романија. Освен тоа, 2000 војници од 82. американска дивизија би требало да бидат преместени во Германија и Полска.

- повеќе: Кој ќе ја врзе Русија за себе - ЕУ или Кина?

Шолц патува во Киев и Москва

Наредната недела францускиот претседател Емануел Макрон сака да отпатува во Москва и Киев со цел да придонесе за деескалација на кризата околу Украина. Во понеделник би требало да се одржи директна средба со Путин, а во вторник Макрон треба да разговара со украинскиот претседател Зеленски.

На лице место сака да посредува и германскиот канцелар Олаф Шолц. Тој во Киев патува на 14 февруари, а за 15 февруари е планирана средба со рускиот претседател Путин во Москва. И Германија и Франција со години посредуваат во украинскиот конфликт.