1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Кина предупредува од ескалација со Северна Кореја

СН /дпа,афп,ртр
8 март 2017

Кина сака да посредува по најновата провокација од Северна Кореја со ракетен тест. САД и Јужна Кореја би требало да се откажат од своите воени маневри ако за возврат Пекинг прекине со атомските и ракетните тестови.

https://p.dw.com/p/2YodN
China Wang Yi
Фотографија: picture alliance/dpa/VCG

Тензиите на Корејскиот полуостров се како „два воза во забрзување“ кои само што не се судриле, а за да се ублажи кризата потребна е акција од двете страни, оцени денеска министерот за надворешни работи на Кина, Ванг Ји (насловна фотографија).

Ванг предложи Северна Кореја да запре со нуклеарните и ракетните активности во замена за запирање на заедничките воени вежби кои ги спроведуваат САД и Јужна Кореја во регионот.

Тој ги опиша засилените тензии меѓу Пјонгјанг од една и Вашингтон и Сеул од друга страна, како „два воза во забрзување кои си одат во пресрет, а ниту една страна не сака да попушти“.

„Прашањето е: дали двете страни се подготвени за директен судар. Наш приоритет е сега да го запалиме црвеното светло и да ги кренеме кочниците во двата воза“, им рече Ванг на новинарите.

Nordkorea Raketentest bei Hwasong
Фотографија: Reuters/KCNA

Тој додаде дека Кина „верува во еднаквост на сите земји“ и оти „не смета дека одделни држави треба да ги водат останатите“.

Кина го критикува американскиот ракетен систем

Кина го засилува притисокот врз Северна Кореја, поранешниот комунистички сојузник, да запре со нуклерна и балистичка програма. Светските новински агенции потсетуваат дека Пекинг во февруари го запре увозот на јаглен од Северна Кореја, а таа одлука ќе биде во сила до крајот на годината.

Кина претходно најави оти ќе преземе мерки против распоредувањето на американскиот противракетен систем во Јужна Кореја и предупреди дека Вашингтон и Сеул ќе сносат последици.

Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Генг Шуанг рече дека Кина „одлучно“ ќе ја брани својата безбедност.

Вашингтон вчера започна со распоредување на системот за противракетна одбрана ТХААД во Јужна Кореја, ден откако Северна Кореја испали 4 балистички ракети.

Südkorea US-Raketenabwehrsystem THAAD
Фотографија: Reuters/USFK/Yonhap

Плановите за распоредување на системот за одбрана ТХААД предизвикаа незадоволство во Северна Кореја, но и во Кина и во Русија, кои во моќните радари на тој систем гледаат безбедносна закана.

Вашингтон и Сеул, меѓутоа, тврдат дека противракетниот систем не треба да биде закана ни за Пекинг ниту за Москва.

САД и Јужна Кореја најавија во минатата година оти на јужнокрејска територија ќе биде поставен ТХААД, еден од технолошки најразвиените системи на светот.