Кина и САД: Не можат да решат се‘, но ништо не може да се реши без нив!
7 јуни 2013Дипломатскиот протокол овојпат во голема мерка ќе биде ставен во втор план. Двајцата претседатели ќе се состанат далеку од Вашингтон во еден луксузен и отсечен приватен имот на југот на Калифорнија. И вратоврските ќе останат во куферите. Водачите на двете најголеми економски нации, на двете најголеми трговски нации, на двете нации најголеми загадувачи на животната средина, ќе се сретнат во лежерна облека. САД се најголемиот должник во светот. Кина е најголемиот странски донатор.
Спроти Барак Обама ќе седне Ши Џинпинг, човекот кој ќе управува со Кина и во наредното десетлетие. Во овој период Кина најверојатно ќе ги претекне САД како најголема светска економска сила.
За што точно станува збор најпрецизно се изрази поранешната американска државна секретарка Хилари Клинтон пред една година во Пекинг: „САД и Кина се обидуваат да направат нешто што е единствено во историјата - да најдат нов одговор на старите прашања, што се случува кога една етаблирана сила ќе се сретне со сила во подем“.
„Дефицит на довербата“
Потрагата по нов одговор е отежната поради длабокиот недостиг на доверба во однос на долгорочните цели на другиот партнер. Политиколозите говорат за „стратешка недоверба“. Пекинг го обвинува Вашингтон дека сака да го запре или да го саботира порастот на Кина, за да ја зачува својата хегемонија. Новото насочување на американската политика во правец на Азија, кое го иницираше Барак Обама, пренамената на воените и дипломатските ресурси - во жаргонот во Вашингтон „Rebalancing“ - уште повеќе го потхранува овој сомнеж. На американска страна,, пак, постои загриженост дека Кина сака да доминира со Азија - на сметка на американското влијание и интереси.
Стратезите повеќе ги гледаат САД и Кина во една „вин-вин“ ситуација. Елизабет Економи, експерт за Кина во Њујоршкиот совет за надворешни односи (New Yorker Council on Foreign Relations) во разговор за Дојче веле внимателно се произнесе за шансите да се урне стратешката недоверба меѓу двете држави. „Доколку има хемија меѓу двајцата и ако бидат пронајдени вистински заеднички интереси, тогаш тоа би бил почеток на намалување на недвербата меѓу двете земји“. Довербата, нагласува Економи, се гради на долг период и се базира на заеднички вредности и заеднички политички интереси. Впрочем, САД не се единствената земја со дефицит во довербата кон Кина. И други земји имаа слични проблеми со Кина, смета експертот за Кина од Њујорк: „На пример, во однос на кражбата на интелектуалната сопственост, хакерски напади или територијални спорови во Јужнокинеското и Источнокинеското Море“.
Стопанството и политичка моќ
Долго време Кина беше воздржана на меѓународната сцена. Уште од времето на архитектот на реформите Денг Ксиаопинг беше предадена девизата дека Кина би требало да се скрие и да го чека вистинскиот момент. Можно е кинеското раководство сега да смета дека по децении економски подем е дојден вистинскиот момент. Берлинскиот политиколог Еберхард Зандшнајдер смета дека е правилно државите својата економска моќ да може да ја преточат во политичко влијание или воена моќ. „И тогаш развиваат и глобални интереси. Тоа значи: тие стануваат поактивни. Тие се грижат за проблемите, за да ги поттикнат сопствените инереси. Ќе мораме да се навикнеме на тоа, дека Кина во меѓународните односи, чекор по чекор, полека, според познатиот прагматичен начин, ќе зазема се' поактивна улога“, вели Зандшнајдер за Дојче веле.
За во ваква ситуација да се избегнат конфликти и недоверба, САД и Кина би требало да ги знаат целите на другата страна и исто така и мотивите. За тоа два дена време се извонредна инвестиција. Во политичкиот живот вакви можности за меѓусебно запознавање и градење доверба се реткост. Двајцата претседатели ќе се сретнат по вторпат, откако Ши Џинпинг во февруари 2012 година беше претствен во Белата куќа како иден шеф на државата и на партијата. Многу зависи од односите на овие двајца политичари. Имено во реченицата на еден експерт има многу повеќе отколку само зрно вистина: „Кина и САД не можат да ги решат сите проблеми на Земјата. Но, ниту еден од големите проблеми не може да се реши без нив“.