1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина: Апсења поради критичко писмо

Филип Билкси/Ж.А. 29 март 2016

Во Кина се уапсени повеќе луѓе во врска со објавено отворено критичко писмо, со кое се бара оставка на претседателот Ши Џинпинг. Меѓу нив се и роднини на еден соработник на Дојче веле.

https://p.dw.com/p/1IL9S
Фотографија: AFP/Getty Images/W. Zhao

Кинескиот новинар Жанг Пинг за Дојче веле изјави дека двајца негови браќа и една сестра се „грабнати“ од страна на кинеските службеници. Жанг повеќе години живее во Германија и работи како колумнист, меѓу другото и за кинеската понуда на Дојче веле. Претходно, Жанг во една своја колумна упати критики во врска со апсењата поврзани со отворено писмо против кинескиот претседател Ши Џинпинг.

Ова писмо беше објавено на почетокот на март на една кинеска интернет страница. Во него авторите го обвинуваат кинескиот претседател за сериозни политички грешки, барајќи негова оставка. Кратко време по објавувањето на писмото, прво исчезнаа неколкумина соработници на интернет-страницата. Потоа, во средината на март беше уапсен накратко кинескиот новинар Џиа Џиа, под обвинение дека е еден од авторите на писмото.

Chinesischer Journalist Chang Ping
Кинескиот новинар Жанг ПингФотографија: imago/epd

Критика поради односот кон кинеските новинари

Колумнистот на Дојче веле Жанг Пинг ја критикуваше постапката против Џиа Џиа во еден свој прилог за Дојче веле. Преку апсењето на неговите роднини, сега кинеските власти се обидуваат да вршат притисок врз него, со цел да се откаже од својата критика и да ја повлече критичката колумна, изјави Жанг за Дојче веле. Тој негира припадност во кругот автори на критичкото писмо против кинескиот претседател и каква било поврзаност со него.

И блогерот Вен Џунчао, кој е критички настроен кон владата, а работи во Њујорк, во саботата соопшти дека се грабнати неговите родители и помладиот брат во провинцијата Гуангдонг, во јужниот дел од земјата. Полицијата сакала да дознае од нив дали блогерот е поврзан со отвореното писмо. Вен, исто како и Жанг Пинг, одрекува секаква врска со објавеното писмо. Преку Твитер, Вен ја повика американската влада да помогне за ослободување на неговото семејство. Кинескиот претседател Ши Џинпинг оваа недела се очекува да присуствува на атомската безбедносна конференција во Вашингтон.

Jia Jia Journalist Schriftsteller Peking auf einem Pferd China
Новинарот и писател Џиа ЏиаФотографија: picture-alliance/dpa/M.Shangshan

Загриженост кај организациите за човекови права

Меѓународниот комитет за заштита на новинарите, исто како и Организацијата за човекови права Амнести интернешнл, го критикуваа односот на кинеските власти. „Власта треба да ја прекине политичката хајка против оние за кои се сомнева дека стојат зад објавувањето на писмото“, истакнува Вилијам Ни од Амнести интернешнл. Прогонувањето на членовите на семејствата на дисидентите тој го нарекува „ драконско и незаконско“, како и „потсмевање со кинеските претензии за почитување на правната држава“.