Кери во обид за надминување на спорот во Авганистан
12 јули 2014Американскиот државен секретар Џон Кери се сретна со ривалските авганистански претседателски кандидати, со кои се обиде да го надмине спорот за тоа кој да го наследи претседателот во заминување Хамид Карзаи. Кери вчера и денеска разговараше со кандидатите – поранешниот министер за финансии Ашраф Гани Ахмаџаи и поранешниот министер за надворешни работи Абдула Абдула (лево на насловната фотографија). Прелиминарните резултати од изборите одржани на 14 јуни покажаа предност на Гани од речиси еден милион гласови, но исходот е оспорен од Абдула, кој обвинува дека резултатите се производ на голема измама.
САД побараа од двајцата претенденти за претседателската функција да не прогласуваат победа, а Изборната комисија да не објавува конечни резултати се’ додека ОН не направат преглед на спорните гласови. Тоа всушност претставува прегледување на 44 проценти од сите гласови.
Вчера Кери нагласи дека резултатите кои беа објавени и покажуваат предност за Гани се само „прелиминарни“. „Тие не се ни меродавни, ниту конечни и никој не треба да прогласува победа во овој момент“, порача американскиот државен секретар. „Ние сакаме обединет, стабилен, демократски Авганистан. Значајно е кој и да биде претседател да биде признаен од луѓето дека станал претседател преку легитимен процес“, нагласи Кери.
Во денешниов ден на интензивни дипломатски разговори, Кери се сретна и со претседателот во заминување Карзаи. Анонимни американски дипломати велат дека „се разгледуваат повеќе идеи“, но детали за нив не се соопштуваат.