1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кежаровски: Ќе се обидам да се ослободам од стравот

ЕМФ
15 август 2017

Истражувачкиот новинар Томислав Кежаровски е гостин на Хамбуршката фондација за политички прогонети лица. Еве што за неговото пристигнување јавија дел од германските агенции и медиуми:

https://p.dw.com/p/2iDqG
Tomislav Kezarovski Journalist aus Mazedonien
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Сега ќе се обидам да се ослободам од постојаното чувство на страв“, рече Томислав Кежаровски по неговото пристигнување во Хамбург. Неговите зборови ги пренесува „Фокус онлајн“ и наведува дека Кежаровски ја почнал новинарската кариера во „Утрински весник“ и дека е добитник на награди за истражувачки стории во 2003 и 2013 година. Натаму во текстот на „Фокус онлајн“ меѓу другото се вели:

„До средината на 2013 година тој работи во весникот 'Нова Македонија'. Потоа репортерот станува жртва на државна правосудна интрига. Врз основа на обвинување засновано на лажни докази Кежаровски беше уапсен на 28 мај 2013 година. Иако пред судот покажа дека сите обвинувања се неосновани, тој беше осуден на 4 години затвор, кои по пет месеци зад решетки беа преиначени во домашен притвор. Апелациониот суд потоа ја преполови казната, со пресметување на времето минато во притвор. Но, правосудните власти ја постигнаа својата цел: успешно запреа едно друго, за власта непријатно, истражување на Кежаровски. Кон власта критичниот издавач Никола Младенов во својот независен весник 'Фокус' постојано го критикуваше македонскиот премиер Никола Груевски и неговата мрежа од корупција и непотизам. На крајот на март 2013 година Младенов загина во мистериозна сообраќајна несреќа. Истражните органи до денес одбиваат да ги испитаат контроверзите во извештајот за несреќата откриени од страна на Кежаровски на местото на несреќата... Случајот Кежаровски ја покажува недемократската и репресивна политика на режимот на Груевски. И по промената на власта во јуни, неговите поддржувачи (во судството, н.з.) се останати на своите позиции... Џабир Дерала, претседател на македонската организација за човекови права 'Цивил центар за слобода' прогонот на новинарот Кежаровски го опишува како 'впечатлив доказ за едно длабоко политизирано правосудство'.“

Mazedonien Skopje Journalisten Proteste gegen Haftstrafe für Tomislav Kezarovski
Новинарски протест против затворањето на Томислав Кежаровски (20.01.2014, Скопје)Фотографија: DW/K. Blazevska

За доаѓањето на Томислав Кежаровски во Хамбург јавија и агенциите КНА и ЕПД. Тие, покрај кусиот опис на работата, како и на затворањето и прогонот на Кежаровски, даваат и податоци за Хамбуршката фондација за политички прогонувани лица. Таа е основана во 1986 година од страна на тогашниот градоначалник на Хамбург, Клаус фон Донањи (СПД). Фондацијата им дава поддршка на луѓе кои се нашле во опасни ситуации поради своите јавни настапи за демократија, слобода и човекови права. Во 30-годишното постоење таа им има обезбедено прибежиште на повеќе од 130 новинари, писатели, сликари, фотографи, адвокати и борци за човекови права, а делумно им е пружено гостопримство и на нивните семејства. Стипендијата која им се дава на гостите им овозможува безбеден престој и можност за продолжување на на нивната политичка, уметничка или новинарска работа.