1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу врева, малку аргументи!

10 август 2017

Поразителни податоци за собраниската дебата од 27 март до 27 април: во 29% од дискусиите пратениците не презентирале никаков аргумент, во 20% само еден, два аргументи имало во 1% од дискусиите, а повеќе од два немало

https://p.dw.com/p/2hxzR
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

Три иницијативи за интерпелации на министри со најава и на други, бесконечни реплики и контрареплики, формирање десет пратенички групи во рамките на една опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се само дел од широката лепеза активности на опозицијата со цел да ја блокира работата на парламентот, под превезот на „деловнички дозволени активности“. Измените на Деловникот, на кој се повикува ВМРО-ДПМНЕ, беа донесени во отсуство на поранешната опозициска коалиција на СДСМ, по настаните од 24.12.2012, кога таа насилно беше исфрена од парламентот. На таквото носење на измените без учество на опозицијата реагираше и меѓународната заедница.

Деловникот дозволува група од пет пратеника да формираат пратеничка група, но нема ограничување ако некоја партија тоа право го злоупотребува, како во случајот на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да има десет координатори на пратенички групи, кои ќе може да бараат десет часа пауза во текот на денот, да бараат прекини на седницата за да им се достават стенографски белешки, сите десет да имаат по 15 минути обраќање или да бараат прекин на пленарната седница за да се одржи седница на комисијата.

Mazedonien | Neuer Parlamentspräsident kann Amt nicht antreten | Parlamentspräsident Talat Xhaferi
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Вчерашното излегување на пратеникот Антонио Милошоски на говорница без добиен збор од страна на спикерот, барањето на Талат Џафери да интервенира собраниското обезбедување, и одговорот на опозицијата со „жив ѕид“ околу говорницата, навестува нови заплети во законодавниот дом, кои немаат допирни точки ниту со ефикасноста, ниту со квалитетот на парламентарната дебата, туку со злоупотреба на деловнички права. Ваквиот однос на опозицијата не е изненадувачки. На 29 јуни, кога СЈО објави дека покренало обвиненија против голем број функционери на оваа партија, меѓу кои и против Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ јавно соопшти: „Конструктивноста, која некои ја нарекуваа попустливост во нашето делување, завршува денес!“

Најмногу два аргумента

Седницата на која серасправа за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, со ништо не се разликува од „конструктивноста“ на ВМРО-ДПМНЕ кога на дневен ред беше најдолгата конститутивна седница во историјата на парламентот: почна на 27 март, имаше 21 продолжение и заврши на 31 мај 2017. Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) деновиве го објави Извештајот од набљудувањето на квалитетот на таа дебата во периодот од 27 март до 27 април во рамките на проектот „Собранието под лупа“ (28 - месечно набљудување на квалитетот на собраниската дебата од септември 2015 до декември 2017 година).

Во Извештајот е утврдено дека во набљудуваниот период на пратениците од опозицијата отпаднале 81% од дискусиите. Најактивен бил пратеникот Илија Димовски кој земал збор 132 пати, на второ место е Крсто Мукоски со 91 дискусија, а трет Зоран Илиоски со 77. Според типот на дискусиите, 34% биле реплики, 33% контрареплики, а 32% говори. Според политичката припадност на говорниците, говорите од 10 минути биле речиси еднакво распределени кај мнозинството и опозицијата, но опозицијата доминирала кај репликите (92%) и контрарепликите (100%).
„Во 29% од дискусиите пратениците не презентираа никаков аргумент. Во половина од дискусиите аргументираноста е слаба (50%) односно недоволна за да се смета за еден целосен аргумент. Во 20% од случаите е идентификуван само еден аргумент со кој ја образложуваат нивната позиција. Два аргументи се забележани во 1% од дискусиите, а повеќе од два не се забележани во текот на целата седница. Степенот на аргументација според политичка припадност покажува дека пратениците од мнозинството во своите излагања беа поаргументирани. Во 46% проценти е идентификуван најмалку 1 аргумент, а кај пратениците од опозицијата во само 15%. Останатите дискусии на пратениците и од мнозинството и од опозицијата се со слабо образложение или без никаков аргумент“, се вели во Извештајот.
На набљудуваните седници не била забележана промена на ставот поради подобри аргументи изнесени од други говорници. Во само 6% говорниците одговориле директно на аргументи кои им ги упатиле други пратеници. Говорниците почесто се осврнувале кон личноста на другите пратеници, отколку кон аргументите. Притоа, почитување било искажано само во 2% од случаите, а делумно почитување во 54%. Во голем дел од дискусиите вметнувале подбивни или поблаги навредливи изрази и напади кон личноста на колеги од спротивните политички опции. Според времетраењето, најголема минутажа отпаднала на процедуралните дискусии - вкупно 1.635 минути или повеќе од 27 часа. Репликите зафатиле вкупно 1.596 минути или 26 часа, а контрарепликите 523 минути или речиси 9 часа.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Нема ефективен собраниски надзор

Ако ваква минутажа се потрошила во „конструктивниот период“ на ВМРО-ДПМНЕ, каква минутажа ќе се потроши во најавениот, неконструктивен период на партијата? Според правните експерти, неопходни се измени на Деловникот, а пратениците мора да покажат зрелост и политичка одговорност во таа насока. Нивната работа секојдневно ја оценуваат граѓаните кои го следат тв-преносот од седниците на парламентот, но податоците покажуваат дека недостига ефективен и ефикасен надзор врз работата на Собранието. Според клучните наоди на истражувачите на ИДСЦС објавени во краткиот документ за јавни политики „Ефективен собраниски надзор“, Собранието усвојувало повеќе „европски закони“ заобиколувајќи ја целата процедура предвидена за законите со европско знаменце во периодот 2014-2016. Во годишниот извештај за работата на Собранието во 2016 година се вели дека Собранието донело вкупно 14 закони кои произлегуваат од Национална програма за усвојување на правото на Европската Унија и претставуваат усогласување со правото на ЕУ. Но, 13 закони воопшто не биле разгледувани на седница на Комисија за европски прашања, за истите нема европско знаменце, нема изјава за усогласеност ниту коресподентна табела, иако се прикажани како „европски“ закони, утврдиле истражувачите на ИДСЦС.

Mazedonien Institut für Demokratie aus Skopje Logo

„Загрижувачки е податокот дека Комисијата за европски прашања се заобиколува и притоа се оневозможува да ја извршува својата примарна надзорна и контролна функција - следење на процесот на усоггасување на националното со законодавството на ЕУ. Голем број законски решенија кои произлегуваат од Национална програма за усвојување на правото на ЕУ пристигнуваат во Собранието без европско знаменце и без потребната пропратна документација. Исто така, загрижувачки е фактот што ниедна од политичките партии присутни во Собранието не ја забележала оваа пракса и соодветно не интервенирала со препорака истата да се напушти во интерес на процесот на интеграција во Унијата“, констатира ИДСЦС.