Анкета на НДИ: Растат песимизмот и недовербата кон партиите
2 јули 2020Засилен песимизам кај македонските граѓани во последните три месеци од почетокот на пандемијата на коронавирусот, утврдува анкета на Националниот демократски институт (НДИ). Во последното истражување на јавното мислење, 44% од испитаниците оцениле дека државата се движи во погрешна насока-зголемување за 11% во однос на март.
Граѓаните се најзагрижени за економските проблеми и вработувањето, како и за системските проблеми- за овие проблеми се изјасниле повеќе од една третина од испитаниците- но на трето место сега е и пандемијата на Ковид-19 од која стравуваат над 20 проценти. Во однос на периодот февруари/март кога е правена претходната анкета на НДИ, во јуни дури 38 отсто од испитаниците велат животот им е влошен, во однос на 24 проценти пред три месеци. Најголема доверба (40%) испитаниците имаат во претседателот на државата, а најголема недоверба (68%) во судовите.
Кај политичките партии, трендот покажува пад на довербата кој е најизразен во однос на владејачката СДСМ. Најголемиот дел од испитаниците и понатаму со најголема благонаклоност гледаат кон Социјалдемократите (39%), но се зголемило и разочарувањрето од владејачката партија, па сега 56% од испитаниците гледаат неблагонаклонето кон неа. Благонаклоност кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат 29% од испитаниците, а 67% неблагонаклонето. Партиските бројки речиси се пресликуваат и во благонаклонетоста кон лидерите на двете партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Веројатноста граѓаните да гласаат на претстојните вонредни парламентарни избори се намалила за 7% вкупно, и дури 15% кај етничките Албанци.
Помалку од 25% од испитаниците во јуни рекле дека на изборите ќе гласаат за коалицијата на СДСМ и Беса, нешто над 21% гласот ќе го дадат за ВМРО-ДПМНЕ; 7,2% за ДУИ; 5,7 за Алијанса на Албанците, а 16% најавиле дека нема да гласаат. Најголемиот дел (22%) од оние кои нема да гласаат рекле дека причината е стравот од коронавирусот, а 15% ќе бојкотираат. Останатите се разочарани или незаинтересирани.
Маргината на грешка во анкетата, според НДИ, е 2,8% односно за толку, во плус или минус, можат да се разликуваат резултатите.