Француските жени го отфрлаат пуританизмот на #MeToo
10 јануари 2018Кампањата против сексуалното злоставување која се води под мотото #MeToo, а започна по откривањето на скандалот со холивудскиот продуцент Харви Вајнстин, се претвора во „пуританизам“, а се води од „омраза против мажите“, пишуваат француските жени. Меѓу потписничките на отвореното писмо објавено во францускиот весник „Ле Монд“ во вторникот, освен Денев, се и критичарката Катрин Мије, издавачката Жоел Лосфелд и германската актерка и пејачка Ингрид Кавен.
„Силувањето е злосторство, но обидот да се заведе, дури и постојано или безопасно, не е, ниту пак кога мажот се однесува џентлменски е мачо напад“, се наведува во писмото. „Мажите се жигосуваат или се бркаат од работа само затоа што допреле нечие колено во обид да украдат бакнеж“.
Повеќе на темата:
- #MeToo не е доволно - наведете имиња!
- Моја Европа: #MeToo е само почеток
Потписничките на писмото наведуваат дека „легитимниот протест против сексуалното насилство на кое се изложени жените, особено во нивните професионални животи, се претворило во лов на вештерки“.
„Наместо да им помогне на жените, ова лудило (...) всушност им помага на непријателите на сексуалната слобода - религиозните екстремисти и најлошите форми на реакционери. Како жени, не се препознаваме себеси во овој феминизам кој, освен што ја отфрла злоупотребата на моќта, се претвора и во омраза против мажите и сексуалноста“.
Откако беше откриен скандалот со Вајнстин, милиони жени на социјалните мрежи ги споделија своите приказни за тоа како биле сексуално злоставувани или нападнати, користејќи го хаштагот #MeToo.
Марлен Шиапа, француската министерка која е задолжена за битка против насилството над жените, за Ројтерс изјави дека Вајнстин скандалот наметнал потреба за реобмислување на односот кон сексуалното насилство во Франција, земја која го слави својот имиџ на земја на заводници и романса.